Силната жена е столбот на пред – есенската колекција на Алберта Ферети

22 јануари 2015

Италијанската дизајнерка Алберта Ферети се инспирираше од силната жена и сето она што го носи таа со себе за нејзината пред - есенска колекција за 2015 – тата година.

Покрај силната жена како столб, во нејзината колекција на совршен начин се провлекуваат мотивите од античките костими на војниците што таа реши да ги постави на парчињата од колекцијата.

Дел од парчињата со качулки неодоливо наликуваат на оние од ресортот на Долче и Габана

Истите во неколку наврати се појавија на кадифените и свилени материјали како апликации составени во модерни и шик тоалети, лежерни фустани, бунди и дводелни шармантни комбинации.

Дел од колекцијата се и фантастичните широки свилени и кадифени панталони комбинирани со лежерни кошули и луксузни палта, но и долгите волуменозни здолништа украсени со раскошни, рачно везени апликации.

Палетата на бои во романтичната колекција на Алберта Ферети се движи од нежно бела, па сѐ до луксузно црна украсена со специфични кристали. Токму тие се највпечатливи на неверојатните палта до колена, за кои многумина ќе кажат и дека се едни од најдобрите во оваа колекција.

Доколку следната сезона сакате да се издвоите од сите останати со поинакви, специфични и рачно изработени парчиња, тогаш колекцијата на Ферети е вистинската за вас.

Објавено:
22 јануари 2015
Категорија: 
Колекции