Со Шанел до вселената и назад!

8 март 2017

Карл Лагерфелд ужива да ја импресионира светската јавност. И ако во модниот дизајн веќе се е измислено и постојано се реинтерпретира, Шанел своите модни ревии ги носи на ниво на нешто неповторливо, филм, фантазија, вонсериска сценографија, тема за која ќе се дискутира со воодушевување.

Овој пат Шанел директно од писта лансираше ракета и тоа речиси со димензија како оние вистински вселенски ракети. Така, вчерашното шоу на Лагерфелд во музејскиот комплекс Grand Palais во Париз, беше едно вистинско патување низ вселената.

А колекцијата пак беше димензионирана во оној меѓу простор на футуризмот и ретро-класиката, карактеристична за естетиката на француската модна куќа.

Ретро-футуризам, така ја опишуваат светските модни критичари. Широките околувратници налик на оние од оделата на космонаутите, строгите кроеви, сребрените чизми, футуристичките очила, палтата и панталоните во металик бои – се оние сегменти од колекцијата што ја најавуваат иднината, додека романтичните бисери, плетените траки на глава украсени со кристали, дводелните костуми од твид, џемперите облечени брз бели кошули – се оние базични елементи што потсетуваат на Шанел класиката.
Уште еден впечатлив момент што ја заокружи приказната, беше шминката и фризурата инспирирани од стилот на Брижит Бардо.

Најголемата драма од шоуто беше оставена за крај кога се симулираше лансирање на Шанел ракетата во вселената на музичка позадина на песната „Rocket Man" од Елтон Џон.

 

Објавено:
8 март 2017
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
116 пати