Модното студио „Драма“ зад кое стои дизајнерката Ивана Кнез заокружи јубилеј од 5 години. По тој повод, „Драма“ доби нов дизајн на веб страната, а паралелно направи и футуристички едиторијал насловен „The Dream“.
„Најновата колекција е почетен приказ на долгогодишно истражување, тема која лично ме интригира уште од првиот контакт. Дали андроидите и хуманоидите ќе бидат во можност да развијат емоции и до каде се ќе отиде технологијата. Првиот приказ е повеќе ликовен, a со текот на времето ќе се обидам скулптурално да навлегувам во тематиката. Ненаменска, експресивна и повеќе за мое лично задоволство, колекцијата е работена со специфични интервенции на рачен вез и комбинација на неочекувани материјали како на пример свила и пластика“, вели Кнез.
Едиторијалот „The Dream“ е работен со проверена екипа, како што посочува и Ивана Кнез.
„За финалниот изглед на едиторијалот беа задолжени Бојан од студио Бубе Ин за фризурата и Небојша пешевски за шминката. Фотографиите ги реализираше мојот пет годишен соработник Жарко Чулиќ со кого заедно прославуваме постоење на двата бренда, и во кого имам безусловна доверба. Го заокруживме целиот процес со превкусните макарунс на Marfi Cake and Bakery кои за пригодата направија специјални макарунс со логото на „Драма“, додава Кнез.
Еден од најзначајните новитети оваа година, како што потенцира и самата дизајнерка е редизајнот на веб страната на нејзиниот бренд за кој беше задолжен Петар Шокаровски.