Том Форд знае сѐ за женскиот сексапил – феноменална колекција за старт на NYFW

9 септември 2017

Стартот на Модната недела во Њујорк беше жесток, сексапилен и моќен – благодарение на Том Форд кој со својата нова колекција за сезоната пролет-лето 2018 беше главна тема на првата вечер од најактуелното модно случување.

По неколку сезони конфузија, кога Форд како повторно да се бараше себеси, сега се врати на голема врата со кристално јасна слика за себе и својот дизајн: ненаметлив сексапил.

„Жените повеќе не ги интересира концептот на облекувањето преку ден. Носат џинс, маички, некоја кул јакна, фантастични чевли... Но, вечерната облека е толку гламурозна", изјави Форд непосредно пред ревијата, алудирајќи на гламурот и женственоста што ја дефинираат оваа негова колекција.

Тој совршено се снаоѓа во 90-тите години чија естетика повторно е актуелизирана во новите тенденции. Екстремно мини, металик нијанси, редефинирана димензија на класичните одела, а особен акцент е ставен и на нагласените рамена, позајмени од 80-те.

Џоан Смолс и Џиџи Хадид беа меѓу главните модели на писта кои совршено ја пренесоа неговата приказна.

Истиот ден Форд ја промовираше и својата нова, лимитирана линија на парфемот „Fucking Fabulous".

Фото извор: Vogue.co.uk / Yannis Vlamos / Indigital.tv

 

Објавено:
9 септември 2017
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
530 пати