Есенското издание на „Моден викенд Скопје“ започна вчеравечер, а честа да го отвори ѝ припадна на модната дизајнерка Јована Филиповиќ.

Јована Филиповиќ

За сезона есен-зима, Филиповиќ ја презентираше колекцијата насловена „Големата убавина“, инспирирана од истоимениот филм на Паоло Сорентинини, во која остана доследна на својата минималистичка естетика, по која е и препознатлива. Инаку, како вели, остварувањето ја натерало да размислува за бројни аспекти на денешното живеење.

-Инспирацијата за оваа колекција потекнува од филмот „Големата убавина“ (La grande bellezza) на Паоло Сорентини, приказна кој ме поттикна да размислувам за општеството во кое живееме, стремежите, потребите и заедничките вредности кои се резултат на модерното живеење - посочува дизајнерката.

Вметнувањето на машките кроеви во женските креации е нешто што го задржа од претходните сезони.

И овој пат беа застапени природните материјали, а она што за публиката и клиентите беше новитет и изненадување  е поголемата смелост во комбинирањето на ткаенините со различна дебелина и текстура.

-Останувам доследна со определбата да користам исклучиво природни материјали во моите колекции. Така и во оваа колекција моделите се изработени од свила, кашмир, волна и памук, дополнети со рачно изработени детали - ни изјави Јована.

Поизразениот сексапил претставен преку должината на дел од креациите и кроеви што ја следат силуетата на телото е нота што е проткаена низ целата колекција, а која функционира во комбинација со урбаниот стил кон кој секогаш се стреми дизајнерката.

Шеширите беа модниот додаток за кој Филиповиќ јасно порача дека е задолжителен за оваа сезона.

Крајниот дел од ревијата беше резервиран за неколку свечени креации, со што таа ја заокружи новата креативна приказна и стремежот кон „Големата убавина“. 

-Оваа колекција нема целна група, едноставно оставам сите припаднички на понежниот пол да се препознаат во приказната на „Големата убавина" и да изберат парче од колекцијата кое потполно ќе одговара со трендот и динамиката на секојдневното живеење, но сепак на себе ќе имаат печат на безвременска убавина и гламур - порачува младата дизајнерка.

По моден викенд, таа ќе продолжи со својата приказна и творење наоѓајки инспирација во сè она што е безвременско.

-Уште многу приказни ќе раскажеме заедно преку моите колекции - вели за крај Јована.

 

Објавено:
31 октомври 2016
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
1.491 пати