Викендот на модната недела во Париз помина во знакот на изразениот сексапил

29 септември 2014

Богат викенд на Париската модна недела. Дел од дизајнерите прикажаа голема доза на секапил, додека други се одлучија за спортски елементи. Како и да е, беше интересно да се проследи, а во продолжение ви ги претставуваме највпечатливите.

Mugler

Контуриран сексапил со диско сјај

Дизајнерот Давид Кома следејќи ги стапките на Никола Формичети на петтиот ден од Париската модна недела на писта презентираше елегантна колекција во монохроматска варијанта од црно-бели изгледи на кои од завршетокот на колекцијата им контрираше спојот на металик и портокалови парчиња. Презентацијата ја карактеризираа чистите линии и строгите пресеци контурирани со сјајни декоративни елементи во сребрена нијанса. Јасно нагласениот сексапил одеше до крајности со што дел од парчињата имаа транспарентни предели кои откриваа повеќе од потребно. Трендовите во никој случај не беа заобиколени па’така присутни беа кратките топови, високиот шлиц од здолништата и фустани, предимензионираните елеци и плата, како и елегантните припиени тоалети што ја следеа женската силуета. Како најспецифични парчиња ги издвојуваме елегантните комбинезони кои воедно се трансформација на сакото во една инвентивна и женствена варијанта. На пистата на Mugler се појавија и манекенките Карли Клос и Џорџија Меј Џегер.

 Вивијан Вествуд

Нослива мода што сепак ја карактеризира блага ексцентричност

Од бабата на панкот нормално е секогаш да се очекува нешто поинакво и дозирано со ексцентричност. Иако поголемиот дел од прикажаните изгледи на писта можеше да се карактеризираат како носливи, сепак беа декорирани со максимално откачени шапки што всушност беа плетени корпи. Вествуд речиси никогаш не создава колекција без политичка позадина која овој пат беше пренесена преку постери од политички кампањи употребени од принтови. Драматичноста и инспирацијата од различни сфери долови визија за иднината на модата. Погледнавме нова, Пепелашка како и Адам и Ева облечени во специфични костими за капење споени со принт наметки. Се на сè, Вествуд сигурно ги освои симпатиите на своите обожаватели со карактеристичните слоевити комбинации, богат принт, неконвенционалност и поинаква страна на модата каква секогаш умее да претстави.

Victor & Rolf

Ново пулсирање на дизајнерите во делот на „ready to wear“

Дизајнерите Виктор и Ролф успешно се надоврзаа на најчестата инспирација на дизајнерите и брендовите од претходните прикажувања, а тоа секако е спортската елеганција. Иако истата не е карактеристична од нивниот дизајнерски сензибилитет, тие на писта претставија колекција инспирирана од спортската облека која преовладуваше само од долните парчиња од изгледите на манекенките. Од почеток презентацијата беше сочинета од крупни цветни принтови во жолта и тегет нијанса споени со еластични кратки панталони, односно трициклисти директно инспирирани од спортската опрема. Колекцијата се развиваше во иста насока со тоа што освен кратките панталони, дел од изгледите беа надополнети со спортски хеланки и трико. Прекршените форми и наборите од кошулиите, таквите во макси варијанта, здолништата и фустаните се движеа од такви во мини и миди варијанта, наменети за урбани девојки кои водат брзо темпо на животен стил. Изгледите беа заокружени со летни чизмички на висока потпетица инспирирани од римјанките во пределот кај прстите.

Живанши

collagezivansi

Еден од најпознатите модни брендови, Живанши се истакна на шестиот ден од Париската модна недела. Со сексапилот во центарот на вниманието, модната куќа успеа уште еднаш да потврди зошто е една од најпознатите и најсаканите. Освен сексапилот, следното нешто што ќе го забележите е како овие парчиња можат да функционираат и како висока мода. Црно-белите „решеткасти“ јакни и палта, украсени со филиграни и опшиени рабови, римските гладијаторски фустани од кожа и тантела, како и гладијаторските сандали, џемперите со украсни медалјони на градите ја прават оваа колекција впечатлива, богата и несекојдневна.

-Во почетокот, кога почнував, беше многу погрупо и посекси. Но, денес се чувствувам како жените да ми кажуваат што им недостасува на пазарот и јас тоа им го давам - вели Рикардо Тиши.

Клое

collagekloe

Ревијата на Клое беше посветена на основачката Габи Агион, која токму на вчерашен ден во 1952 година починала. А она што дизајнерската куќа го презентираше беа женствени, лесни парчиња со бохо нота. Тантелата беше застапена, како и лесните материјали, а сите надополнети со сандали кои наликуваат на гладијаторки. Судејќи според досега прикажаното на модната недела во Париз, овие сандали ќе бидат вистински хит следната сезона. И покрај бохо влијанието, овие модели на Клое се за вистинските млади дами Французинки, што знаат како да уживаат во летото.

Селин

collageceline

"This Woman's Work" од Кејт Буш ја отвори ревијата на Селин. Фиби Фило призна дека токму оваа песна ја инспирирала да ја создаде колекцијата.

-Не можев да поверувам колку е ранлива. А да си ранлив е многу важен дел од креативноста - вели дизајнерката.

Така, Селин понуди ревија во која беше интересно да се гледа начинот на кој практичните палта, туники се обликувани со лакирани уметоци, исечоци, испреплетени шари. Чевлите се рамни и функционални. Ремените пак беа посебно интересни, со метален дел што наликува на катанец, што пак ја поттикнува мистериозната страна што дизајнерката сакала да ја истакне. Она што е исто така новитет се и цветните принтови во препознатливите бои на Селин, што некои го гледаа и како храбар чекор и ризик, но Фило е сигурна во успешноста на чекорот. Со сите модели таа даде одговор на прашањето: Што е работата на жената? - Да биде мајка, сестра, пријател и моден дизанер.

Кензо

collagekenzo

Она на што Кензо сака да стави акцент е дека немаме резервна планета и да го заштитиме она што е вредно и скапоцено. Палацо панталоните, широките кошули и воопшто слоевитата и широка облека беше она што прво се воочува од оваа колекција на брендот. Миксот од улична мода, скејт модата овозможија динамичност и енергија кај парчињата. Но, покрај нив, еден дел од ревијата беше посветен и на елеганцијата од 1920-тите. Со тоа, Кензо ги поврза старите  новите навики, потенцирајќи не само навиките во модата, туку и во живеењето.

Објавено:
29 септември 2014
Категорија: 
Колекции