Висока мода: Модно патување низ времето на Диор на вториот ден од модната недела во Париз

8 јули 2014

После Версаче на првиот ден од модната недела за Висока мода во Париз, љубителите на модата со нетрпение очекуваа да видат што ќе понуди Диор. Оваа модна куќа, една од водечките за Висока мода беше доминантна на вториот ден од модниот настан, а свои презентации имаа и Скјапарели и Џамбатиста Вали.

Зошто Диор беше во центарот на вниманието, а што понудија и останатите модни куќи, прочитајте во продолжение:

Диор: Модно патување низ времето

Диор

Раф Симонс во идилична атмосфера вчеравечер ја презентираше колекцијата од Висока мода за есен-зима 2014/15 година. Ѕидовите комплетно „обложени“ со орхидеи, блескаво белата атмосфера, за што придонесоа и материјалите од кои беа изработени крациите, ги однесе присутните во друго време. А токму тоа беше и идејата на Раф Симонс - да направи пат низ епохите.

-Ме инспирираше соочувањето со она што луѓето мислат дека е модерно, да го разберам она што денес е модерно. Затоа започнав со раните ери, затоа што не можеш да размислуваш за иднината без да го познаваш минатото. Преку мојата љубов кон архитектурата, што ни е заедничка страст со господинот Диор,  сфатив дека секоја ера е продолжение на претходната. Така, порката е јасна: Иднината  е базирана врз минатото, а оваа колекција го покажува тоа - вели Симонс.

Диор

Ревијата е поделена во осум теми, а креациите на Диор се како патување низ патот на меморијата, украсена со модерни техники и софистицираност во модниот израз, во различни историски периоди:  од костимите во суд од 18.век до униформите на првите космонаути. Всушност, тие астронаутски костими најдобро ја презентираат симболиката на истражувањето на Симонс: тоа е она што ја поврзува сегашноста со иднината.

Оваа колекција на Диор е лет низ три века од историјата на костимот и модата, одново создадена низ призмата на Симонс, која пак покажува дека модерноста е всушност можноста да создадете нешто едноставно што ќе функционира, повторно видено, со нови техники и должини.

Диор

Така, почетокот на оваа ревија беше всушност крајот (ако се водиме според досегашните искуства). Први на пистата се појавија балските фустани и здолништа со кринолини, за потоа таа кринолина да биде создадена само од тул, а овие фустани од времето на Марија Антоанета да преминат во астронаутски комбинезони, потоа капути и костими од судовите од едвардијанскиот период.

Кога се боите во прашање доминираат сребрената, белата, црната, сина, зелена... Исто така, застапени се и  розова, црвена, златна, беж, сива, и неколку нијанси на сина. Од материјалите пак, користени се кашмир, свила, жакард, волна, крзно од чинчила, плиш, твид, тул, кристали.. Модните додатоци пак, најчесто се изработени од кожа и метал.

Диор

И покрај тоа што ревијата го следи историскиот развој и време, Симонс успеа да внесе модерен изглед и реалност, она по што е и препознатлив, а тоа му успеа поради леснотијата - на формата, материјалите, изразот... Она што исто така остава простор да си го толкуваме сами е зошто водечката фигура на Диор се одлучи за идилична градина во која ќе ја претстави историската лента? Идилично ли е се низ историјата на Високата мода, или пак сакал само тој сегмент да го истакне? А можеби со доминацијата на белата боја и во сценографијата сакал да потенцира на едноставноста, чистината и блескавоста на Диор и во минатото и во иднината.

Скјапарели: Смело во новото време на Високата мода

Скјапарели

„Минатата сезона бев навистина исплашен... Допирањето на наследството ми предизвикуваше страв, бидејќи можев многу лесно да паднам во замка. Но, сфатив дека ако сакам да го најдам вистинскиот изглед, не можам да не ризикувам и „загризав“ целосно“, вели Марио Заноти, креативниот директор на модната куќа со долга традиција, особено во Високата мода.

А таа приказна ја продолжи и во есенската колекција. Може да се рече дека целата колекција е обоена со смелост, а за тоа сведочат и интензивните бои како розова, златна, сина, виолетова. Забележано е и присуството на животински принт, што е навистина новитет кога е оваа куќа во прашање. Крзното е исто така присутно, а се е всушност во нападното, впечатливото и со нота на ексцентричност.

Џамбатиста Вали: Колекција за ексцентрични жени

Џамбатиста Вали

Ексцентричноста во преден план ја става и овој дизајнер, но на поинаков начин. Сеќавањето на Алхамбра градините, со примеси на Шпанија и  Маварија беше инспирација Џамбатиста Вали да создаде колекција која освои многу жени. И доколку мислевте дека ригите и геометриските принтови не можат да бидат ексцентрични, се лажете. Вали потсетува на спротивното, потенцирајќи дека ставот е најважниот при носењето на облеката.

Џамбатиста Вали

Тој ја пренесе градината на писта и преку креациите со цветни дезени, кои навистина изобилуваа. Па, гледајќи ја можеби ќе добиете впечаток дека се работи за пролетна колекција, што секако не е случај. Тоа е уште еден од начините да се издвоите од толпата. Од друга страна се пак, комплетно еднобојните, најчесто црни креации, кои ја смируваат динамиката, особено пред крајот, кога се појавуваат фустаните со тул.  За нив дизајнерот смета дека најмногу ќе се продаваат, затоа што одлично се вклопуваат и во свадбените тематики.

-Тајната во моите дизајни е што се наменети за жени кои што се секогаш ексцентрични. Тие не го глумат тоа, тие тоа се - вели дизајнерот.

Џамбатиста Вали

Шареноликоста се огледува и во формите. Така на пример, се сретнуваат пенкало здолништа до колена кои одишуваат со елегантна нота, за од другата страна да се истакнат широките, балски здолништа. Првите се комбинирани со куси топови, палта, маици... Особен впечаток оставаат пиџама креациите, со кои се додава една ресорт нота во колекција на Висока мода.

Во секој случај, последниот впечаток е дека Џамбатиста Вали понуди една разновидна колекција за смели и како што вели самиот, ексцентрични жени ( и покрај тоа што поради естетиката овој епитет можеби повеќе би го дале на парчињата дизајнирани од Марко).

Во продолжение погледнете ги во целост комбинациите од ревиите на овие три познати бренда.

Објавено:
8 јули 2014
Категорија: 
Колекции