Вториот ден од модната недела посветена на Високата мода во Париз помина во знакот на неколку реномирани модни куќи. Ние ќе ви ги презентираме колекциите на Диор и Џамбатиста Вали.
Диор: Игра на контрасти
Раф Симонс повторно направи спектакл. Ревијата се одржа во градината на музејот Родин, што се покажа како совршено место. За ова шоу беше изработена и посебно дизајнирана сценографија, каде имаше игра помеѓу екстериер и ентериер. Токму за таа цел беа употребени и 356 геометриски стакла, сите рачно насликани со разнобојни импресионистички цветови, поточно пупки.
Магичниот амбиент сосема придонесе за впечатокот на целата колекција, каде пак доминираше играта на контрасти. Со боите, материјалите и кроевите се претстави контрастот помеѓу тешкото и лесното, цврстината и мекоста, темнината и светлоста, ангелската невисност и сексуалност. Така, од една страна беа лелеави креации, во нежни бои, а од друга капути со крзнени елементи, затворени наметки, фустани, а впечатливи беа и креациите со мрежести детали.
Ревијата ја проследија голем број познати личности, меѓу кои и Лупита Нјонго, Емили Блант, Роси Ханингтон, Елена Перминова, Оливија Палермо и други...
Џамбатиста Вали: Волуменозна, цветна забава
Од овој бренд сме навикнале да гледаме колекции каде доминираат цветните мотиви и волуменозноста. Така беше и овој пат. По повод прославувањето на 10 годишнината од постоењето, тимот на куќата како да сакал да не' потсети на најдоброто од неа. Покрај креациите со пердуви и карнери, дизајнерот создаде комбинации, каде принтот или избраниот материјал доминира. Панталони и туники во цветен принт, панталони и мантил од пердуви беше нешто старо, но сепак ново од дизајнерот.
Употребата на студени, „метални“ нијанси исто така беше воочлива, а за таа намена беа употребувани и кристали. Особено ни се допадна тоа што Џамбатиста си игра со материјалите, па видовме неколку креации каде тоа одлично функционира.
Последниот дел секако беше оставен на препознатливите волуменозни креации, кои веруваме повторно ќе ги гледаме на црвениот килим.
Се' на се', една колекција на Висока мода со нослив предзнак, која ја проследија Џесика Алба, Карин Ројтфелд, Оливија Палермо, Ана Дел Русо...
На вториот ден беа презентирани и колекциите на Ралф и Русо и Скјапарели, а денеска го очекуваме шоуто на Шанел.