Битка за Оскар или битка на изгледи?

3 март 2014

Месецот март е предвесник на пролетта, период кој што ги освежува нашите сетила и не буди од „зимскиот сон“. Месецот март е уште познат и по најгламурозниот годишен настан кој што се одржува секоја година, а тоа се „Оскарите“. Тоа е најголемата ноќ во шоубизнисот, но и најголемата модна ревија на земјата. Водечките дами и господа го почестија светот со своето присуство и прекрасните креации кои продефилираа на црвениот килим распослан пред Долби Театарот на 86-тото годишно издание на највисокото филмско признание, организирано од Филмската академија,  доделувањето на најпосакуваната награда на сите времиња, златниот„Оскар“. Оваа година задоволството да не води низ програмската шема која ја нуди оваа манифестација и припадна на Елен Деџенерис.

Бевме сведоци на вистинска битка не само за златната статуетка, туку и битка на изгледи како машки така и женски. Нормално дамите беа највпечатливи во своите тоалети, потпишани со најголемите дизајнерски имиња, но „ореолот“ за најдобро облечена актерка и припадна на Лупита Нјонго, која за Оскарите носеше прекрасна бајковита светло сина креација на Прада. Стилистите тоалетата ја споредија со фустанот кој што Пепелашка го носеше на балот каде го запозна принцот. Лупита е прогласена и за најстилска икона која што нема ниту едно промашување во поглед на изборот на комбинации, а жирито на филмската академија и го додели Оскарот за најдобра споредна женска улога.

Лупита Нјонго во Прада Лупита Нјонго во Прада

Низ црвениот килим продефилираа голем број ѕвезди кои достоинствено позираа пред објективите на камерите и фотоапаратите.

Пенелопе Круз во Џамбатиста Вали Пенелопе Круз во Џамбатиста Вали

Пенелопе Круз остана доследна на својот шпански шарм и избра фустан во светло розова боја на Џамбатиста Вали, во грчки стил, стегнат на половината со кадифен ремен кој што завршува со панделка. Во поглед на шминката и фризурата, Круз се одлучи да го потенцира природниот изглед и нејзината убавина собирајќи ја косата во пунџа и користејќи минимална шминка.

Џенифер Гарднер во Оскар де ла Рента Џенифер Гарднер во Оскар де ла Рента

Во поглед на гламурозноста, актерката Џенифер Гарднер не беше исклучок. Блескаше во сребрена креација на Оскар де ла Рента, чиј долен дел беше изработен во кабаретски стил. Единственото нешто кое и недостигаше на Гарднер беше нејзиниот сопруг Бен Афлек, кој што не се појави на манифестацијата.

Сандра Булок во Александар Меквин Сандра Булок во Александар Меквин

Филмот во кој главна улога имаше Сандра Булок „Gravity“, беше апсолутниот победник на ова престижно шоу со освоени шест оскари, меѓу кои за најдобри ефекти, најдобра режија, најдобра монтажа, најдобра монтажа на звук, најдобра кинематографија и најдобра оригинална филмска музика. Булок не „слета“ на сцената како една од наградените, но затоа на црвениот килим се појави како една од најдобро облечените ѕвезди. Нејзината тоалетата е во класичен стил, во темно сина боја и ја следи линијата на телото, а како паѓа надолу кругот се шири,  па помалку наликува на популарниот сирена крој. Едноставно и беспрекорно ремек дело на Александар Меквин, во комбинација со ретро кадрици и едноставна шминка, каде акцентот е ставен на очите.

Џенифер Лоренс во Диор Џенифер Лоренс во Диор

Навистина не беше за верување, но на оваа убава актерка повторно и се случи истото сценарио од минатата година. Џенифер Лоренс наместо на сцената, сега струполи на црвениот килим, намерно или не паѓањето веќе е заштитен знак за неа. Оскаровката се појави во црвена тоалета на Диор, која што беше припиена за нејзиното тело со пресечен пеплум кај делот околу половината и колковите. Специфично беше што ѓерданот наместо напред кај актерката паѓаше од позади. Лоренс поради кратката коса нема многу опции за експериментирање, па затоа имаше истапира и зачешлана коса наназад, давајќи му фокус на лицето и нејзините прекрасни светли очи.

Џулија Робертс во Живанши Џулија Робертс во Живанши

Минатата година Џулија Робертс не се појави на црвениот килим, но оваа година холивудската легенда покажа, како треба да изгледа една вистинска ѕвезда. Нејзиниот фустан, со потписот на Живанши е целосно изработен од тантела, со луксузен пеплум на половината. Стилистите моделот го окарактеризираа како вистинска пеплум перфекција и сензација, но со една мала критика. Предното парче тантела што е аплицирано кај деколтето е тотално непотребно според коментарите, а се друго е одлично. Нормално актерката го носеше и својот заштитен знак широката насмевка.

Анџелина Џоли во Еле Саб Анџелина Џоли во Еле Саб

Како и секогаш, најубавата жена на целиот свет, Анџелина Џоли се појави со својот сопруг, Бред Пит. Двајцата беа облечени во креација на Ели Саб . Анџелина носеше сребрена и транспарентна тоалета, со долги ракави, извезена со ситни светкави камчиња. Кројот на моделот е класичен и елегантен со отворен грб, а Џоли со минимална шминка и наједноставна фризура, благодарение на отсјајот од светлата и блицовите на апаратите, блескаше како девојка од милион долари, што впрочем и е.

Маргот Роби во Сен Лорен Маргот Роби во Сен Лорен

Австралиската актерка која глуми со Леонардо Ди Каприо во филмот, „Волкот од Вол стрит“, доби привилегија на која што и беа љубоморни милиони жени. Маргот Роби на црвениот килим се појави во креација на модната куќа Сен Лоран, дизајнирана специјално од страна на креативниот директор Хеди Слиман. Со темна боја на коса и ретро брановидни кадрици, маркантен темно виолетов кармин и црна долга тоалета, чиј што горен дел е изработен од светкав материјал, а на грбот завршува со впечатлива панделка, Роби ги освои сите погледи на црвениот килим. Секси, храбро и стилски.

Кери Вашингтон во Џејсон Ву Кери Вашингтон во Џејсон Ву

Кери Вашингтон не дозволи нејзината „Деликатна“ состојба да биде причина поради која ќе ги пропушти Оскарите. Баш напротив, таа беше најгламурозната трудница на црвениот килим. Актерката беше облечена во лелеав долг фустан во мат металик виолетова нијанса, дело на Џејсон Ву. Со мошне смел шлиц и мал светкав украс кај преклопот на едната страна од деколтето, кадрава коса и темно црвен кармин, едноставно ги разнежни срцата на сите на присутни.

Шарлиз Терон за Диор Шарлиз Терон за Диор

Женствената моќ, неверојатната енергија и убавина која ја поседува оваа актерка, дефинитивно се доволни за да ги фрли сите пред нејзините нозе. Шарлиз Терон се појави во исклучителен модел на елегантна, црна тоалета од модната куќа на Кристијан Диор. Пикси фризура, „гола “ шминка и гламурозно парче накит, добитна комбинација за совршенство.

Мерил Стрип во Ланвин Мерил Стрип во Ланвин

Мерил Стрип е од онаа група на актери кои, покрај искуството на филмското платно и неколку децениското творење и создавање филмски ремек дела може да се пофали со исклучителен софистицирано женствен изглед. Брилијантен избор на дводелна тоалета во бежово-црна нијанса од модната куќа на Ланвин. Горниот дел не е фиксиран, туку елегантно го открива едното рамо на актерката, а долниот дел е прицврстен со луксузен ремен за половината изработе од масивни црни камења. Мерил е доказ дека жените и во шеесетите можат да изгледаат како вистински модни дами.

Оливија Вајлд во Валентино Оливија Вајлд во Валентино

Кери Вашингтон, не беше единствената трудница на црвениот килим. И покрај фактот што Оливија Вајлд ситно брои до  породувањето, сепак се појави на филмските Оскари. Носејќи црна, долга тоалета чиј горен дел беше во вид на ролка, а кај делот околу стомакот имаше џебови, со потписот на Валентино, успеа да ги маѓепса присутните и да биде во центарот на вниманието. Нагласен мачкин поглед, нежен кармин, разбушавена пунџа на долниот дел од вратот, клач чанта и бели обетки беа додатните аксесоари, со кои таа го обои својот изглед.

Кејт Бланшет во Армани Кејт Бланшет во Армани

За изгледот на добитничката на годинешниот Оскар за најдобра женска улога, Кејт Бланшет, мислењата беа поделени. Таа сигурно ќе се најде и на листата за најлошо но и најдобро облечени ѕвезди.  За големиот настан, Бланшет носеше креација модниот крал Џорџо Армани, изработена од шармес, кој што е потоа рачно доработен со парички, монистра и светкави камчиња. Моделот изгледаше мошне неудобен и тежок за носење, но Кејт го износи како вистинска филмска дива.

Ема Вотсон во Вера Ванг Ема Вотсон во Вера Ванг

Следната актерката на која годишното издание на Оскарите беше нејзин прв деби настап, го одбележа со неверојатно стилско појавување. Омилената волшебничка од мега хитот Хари Потер, Ема Вотсон покажа дека пораснала во вистинска млада девојка. Беспрекорниот изглед го нагласи со креација на Вера Ванг , Џими Чу потпетици, клач-чанта и многу прстени. Ема беше повеќе од специјален гостин, таа ја имаше честа за прв да додели награда, а тоа беше категоријата за филм со најдобри специјални ефекти.

Ејми Адамс во Гучи Ејми Адамс во Гучи

Ејми Адамс, исто така изненади со својата појава. Софистициран класичен модел на тоалета дело на модниот гигант Гучи. Мастило сината креација се преклопува кај деколтето, а на половината има пресечен пеплум сличен како кај фустанот на Џенифер Лоренс од Диор.

Ен Хатавеј во Гучи Ен Хатавеј во Гучи

И Ен Хатавеј се одлучи за тоалета на Гучи. Нејзиниот фустан беше едноставен, но ефективен. Долг, црн, пресечен на половината со рамен крој и шлиц од позади. Горниот деле е изработен од масивни светкави камења, што му дава доза на луксуз и гламур.

Лејди Гага во Версаче Лејди Гага во Версаче

Ателјето Версаче беше задолжено за изгледот на својата муза контроверзната пејачка Лејди Гага и преубавата актерка Кејт Хадсон. Двете креации беа стилот на ноќите во бел сатен, со оглед на фактот дека беа изработени од сатен, надополнети со неколку украси. Креацијата на Лејди Гага беше композициско дело, составено од милиони форми на монистра, почнувајќи од цевчиња, па се до украсни топчиња, во сирена стил, надополнета со лесен транспарентен шал околу врат, додека фустанот на  Хадсон е тотално во стилот на 50-тите и 60-тите години. Бела тоалета украсена со сребрени детали, чија маркантност е доловена преку парчето кое е прикачено на долгиот фустан, има потпонки и на грбот паѓа во вид на драпер.

Кејт Хадсон во Версаче Кејт Хадсон во Версаче

Мажите, пак, со своите изгледи покажаа дека знаат како треба да изгледа еден џентлмен во вистинска смисла на зборот.

Бред Пит и Анџелина Џоли во Еле Саб Бред Пит и Анџелина Џоли во Еле Саб

Бред Пит, одлучи да носи креација на Ели Саб. Наједноставен црн костум, класични панталони и сако на кое јаката му е во сјаен материјал, различен од тој со кој што е изработено сакото и нема строга форма, туку е со заоблен крој. Оделото актерот го комбинирал со бела кошула и пеперутка вратоврска.

Лео Ди Каприо во Армани Лео Ди Каприо во Армани

Неколку години поред номинираниот актер за златната статуетка, Леонардо Ди Каприо повторно се одлучи за својот долгогодишен соработник Армани. Одело во стилот на Хемфри Богарт, со строги класични линии и елегантен крој во комбинација со бела кошула, црна пеперутка вратоврска и бело марамче на левиот џеб од сакото.

Метју Меконахи со сопругата и мајка му во креација на Долче и Габана Метју Меконахи со сопругата и мајка му во креација на Долче и Габана

Метју Меконахи кој што ја имаше честа да го земе оскарот за најдобра машка улога одбра креација на Долче и Габана. Бело сако со бела кошула, пеперутка вратоврска и црни класични панталони, додека неговиот колега кој што го зема оскарот за најдобра споредна машка улога Џеред Лето носеше костум на Ив Сен Лоран сличен како на Меконахи. Бело сако со црни панталони, бела кошула и црвена пепертука вратоврска.

Џеред Лето во Ив Сен Лорен Џеред Лето во Ив Сен Лорен

Пинк и Идина Мензел се обидоа да им го „украдат“ шоуто на актерите, предизвикувајќи големи овации. Пинк на сцената не потсети на „Somewhere Over The Rainbow“, во чест на Џуди Гарланд, по повод 75 години од годишнината на „Волшебникот од Оз“. Идина Мензел не беше помалку импресивна од Пинк која ја фасцинираше публиката со црвената тоалета, а Мензел пак успеа да го разбие црвенилото со кремово розова долга тоалета во која изгледаше како принцеза. Највпечатлив дефинитивно беше Фарел, кој што не само што ја на својот настап ја натера Мерил Стрип да игра, туку на црвениот килим после шапката реши да промовира нов тренд. Се појави во одело кое наместо долги има кратки панталони.

Во склоп со филмската манифестација, академијата реши да им оддаде почит на прерано заминатите легенди од филмското платно. Гостите достојно се збогуваа со Пол Волкер, Филип Сејмур, Питер ‘ Тул, Џејмс Гандолфини, Ширли Темпл, Ричард Грифитс и филмскиот критичар Роберт Еверт.

После доделувањето на наградите, следува најслаткиот дел, фамозниот Гувернерски Бал, по режија и сценарио на Волфганг Пук кој што готви специјалитети за „гладните“ инсајдери во филмската индустрија. Честа да присуствуваат на веселбата ја имаат сите победници, номинирани, презентери и изведувачи кои наздравуваат со чаша шампањско и ги коментираат впечатоците од гламурозната ноќ. Одличен начин за дружба каде сите ѕвезди заедно можат да уживаат во „плодовите“ од својата работа, но и благодетите на славата.

Гувернерски Бал Гувернерски Бал

Во продолжение погледнете го целиот албум со фотографии и видете кои беа најинтересните „оскаровски“моменти:

 

Објавено:
3 март 2014
Категорија: 
Сцена