Во новата колекција на Оскар де ла Рента нема место за темни бои

18 февруари 2022

Лаура Ким и Фернандо Гарсија не штедеа на бои во новата зимска колекција на Оскар де ла Рента.

„Дозволен ми е само еден црн фустан во сезона", ќе се насмее Гарсија за одлуката да понудат раскошна палета на свежи бои, пренесува Вог.

Очигледна е трансформацијата која се случува во брендот, се разбира во насока на прогрес што одговара на критериумите на новото време и новите генерации.

Кога ќе ја погледнете колекцијата во целина, прва мисла која ќе ви пролета веројатно е: забава. А потоа и чувството на младешка енергија, додека ве хипнотизира темпераментната палета со интензивни тонови.

Појдовна инспирација за колекцијата била Фиренца и нивното откритие дека моделот за „Раѓањето на Венера" на Ботичели, била мажена жена, што не било дозволено според моралот во време на Ренесанса. На ова, Гарсија додава „Оскар сакаше општествена драма".

Мермерните подови на Фиренца кои изобилуваат со флорални принтови и такви со морски школки и бисери, се интерпретирани преку колоритните мини фустани, здолништа и кошули со богати цветни дезени.

И за крај, кога забавата кулминира, оставени се блексавите парчиња со реси за сите диско кралици на подиумот.

Објавено:
18 февруари 2022
Категорија: 
Колекции
Прочитано:
309 пати