Клер Вејт Келер со новата haute couture колекција за Живанши, се надмина себеси, создавајќи поетична приказна во која акцентот е на раскошната флора.
Како што дизајнерите-наследници често прават, таа ја пронајде својата инспирација во корените на брендот и во делата што ги создавал самиот Убер де Живанши, мајстор за форми инспирирани од убавината на цвеќињата.
Цвеќето како централна фигура, во својата визија Клер го поврзува и со познатата англиска цветна градина Сисинхерст, надоградувајќи го со до перфекција изведена елеганција.
Па така визијата на умешната дизајнерка добива раскошна реализација. Префинетите материјали ја носат целата креативна тежина, која од една страна технички е комплексна, а од друга делува толку лесно и елегантно, воздушесто...
Не може а да не ги забележите масивните скулптурно дефинирани шапки, кои и даваат една хиперреалистична димензија на целата колекција, што во суштина е и идејата на високата мода, да создаде уметност надвор од стандардите. Нешто што ќе не зачуди, на кое ќе му се воодушевуваме и ќе биде недостижно...
Кои се вашите претпоставки, што од Живанши ќе се носи на црвениот килим на Оскарите?
Фото: Photo: Alessandro Lucioni / Gorunway.com