Ријана на Мет Гала низ годините

2 мај 2024

Во пресрет на одржувањето на една од најпознатите манифестации на глобалната модна сцена - Мет Гала, која традиционално наназад години се одржува секој прв понеделник во месец мај, ќе се фокусираме на поп дивата Ријана и некои од нејзините ексклузивни појавувања низ годините. Но претходно да кажеме неколку информации во врска со овој настан.

Мет Гала се одржува секоја година во Музејот Метрополитен во Њујорк, и е од хуманитарен карактер, а попознат е како вечер на Оскаровската модна индустрија. Секоја година, дрес кодот за посетителите на настанот е тематски, а темите варираат од ексцентрични и помпезни, до елегантни, префинети и исклучително креативни.
Настанот е првпат основан од Елеанор Ламберт во 1948-ма година и оттогаш се одржува секоја година и со тек на времето стана вистински крем на модната индустрија. Темата на овогодинешната Мет Гала е "Градината на времето" (The Garden of Time) инспирирана од кратката приказна на Џејмс Греам Балард од 1962-ра година.

Навраќајќи се на Ријана, познатата пејачка го направи своето прво појавување далечната 2007-ма година на свои 19 години, и во тоа време не беше многу позната по ваквите настапи. Тогаш носеше симпатична бела тоалета од Жорж Чакра украсена со кристали. Темата таа година беше "Поирет: Кралот на Модата" (Poiret: King of Fashion).

Подоцна, во 2009-та година, својот сексапил Ријана го истакна во една многу храбра варијанта, инспирирана од машката мода и елеганција, а комплетот е дело на Долче и Габана. Темата таа година беше "Моделот како муза: Отелотворување на модата" ("The Model as Muse: Embodying Fashion").

Во 2011-та година, под темата: "Александар МекКвин: Дива убавина" (Alexander McQueen: Savage Beauty), Ријана се појави во креација на Стела МекКартни, елегантна и тесна тоалета која совршено ја оцртува силуетата на пејачката. Може да кажеме дека ова нејзино Мет Гала појавување беше едно од посуптилните, но и посекси изданија, а заедно со долгата плетенка совршено се вклопи во зададената тема на вечерта.

Во продолжение погледнете уште некои доста впечатливи изданија на Ријана, што секогаш се подложни на позитивни реакции и воодушевувања од модниот свет и критиката.

Фото: The Metropolitan Museum of Art, Getty Images

 

Објавено:
2 мај 2024
Категорија: 
Мода