Во модниот свет е повеќе од пет децении, дури и како „плус-сајз“ модел, но својата најголема популарност ја дочекува после 60-тата година. Нејзиното име е Меј Маск, и е дел од IMG Models, истата агенција во која е и Жизел Бундшен.
Меј ја започнува својата кариера во 1960-тите, на 15 годишна возраст, како ѕвезда на кампањите за „Ревлон“ и „Клиник“. Мајка е на три деца, а нејзиниот син Елон е основач на Тесла и секако, милијардер.
Оваа самохрана мајка има и две мастер дипломи, и тоа исто од последната декада од животот, од кои една од областа на нутриционизмот.
-Бубалица сум, признава. Сакав да бидам најдобрата во светот во оваа област. Но, моделингот го презема приматот.
На 60 години ја скратува косата, ја враќа природната, седа, боја на коса и прави вистински бум! Дури се појави и во видеото на Бијонсе за песната „Haunted“.
-Се надевам дека им давам на другите жени надеж дека можат да изгледаат и да се чувствуваат добро и после 60-тата. Неодамна имав снимање и младите модели беа возбудени што ме гледаат, затоа што велат, им влевам надеж дека и тие ќе можат да продолжат на истиот начин и со изгледот и со работата – вели Маск.
Таа додава дека една од најголемите заблуди за неа е што луѓето мислат дека е природно витка.
-Не сум. Морав целиот живот да јадам здраво и да внимавам што ставам во телото. Но, без разлика колку познавање имате за нутриционизмот, мора да имате добра стратегија. Планирајте однапред и избегнувајте ги искушенијата – советува Меј.
Уште еден совет од неа, за тоа како да имате убава кожа е:
-Хранете го телото добро и кожата ќе ви изгледа убаво. Најдобриот начин да постигнете виталност е да јадете кога сте гладни, а не да јадете и кога не чувствувате глад. Кога сте прејадени, вашата енергија оди во варење на храната, па се чувствувате уморни. Како сте во храно-кома. А кога прегладнувате, тогаш станувате нервозни и лути.
Со оглед на долгогодишното и професионално и животно искуство, таа споделува и неколку нешта што ги научила, а во што многумина грешат.
-Работата е многу повеќе од пари. Никогаш не сакав да престанам да работам. Сите се грижат за сметки, за трошоци, што го потиснува чувството на љубов кон работата. Јас си ја сакам работата и се чувствувам како сега да почнувам. Можете ли да замислите дека на овие години јас започнувам нова фаза во животот?
-Да си млад не е секогаш подобро. Кога почнав да се занимавам со моделинг имав 15 години и се сеќавам дека се среќавав со модели што имаа 30 години и бев многу среќна што ги гледам. Во тоа време беа многу познати. А сега сум дел од истата работа. На 28 години позирав како мајка на невеста. А на 42 бев „баба“ во едиторијал. Но, не ми беше грижа. Јас имав три деца да хранам. Овие денови ме одбија на некои снимања да бидам баба, бидејќи тие ми рекоа дека не изгледам така. Сега изгледам најдобро од кога знам за себе!
-Да си слаб, исто така не е секогаш добро. Откако се разведов (31), имав стресен период и многу јадев. И тогаш станав плус-сајз модел, што ми донесе многу работа, затоа што немаше многу такви во тоа време. Работите почнаа да се менуваат и сите бараа различни големини и националности. Добивав многу кул работи насекаде низ Јужна Африка, кампањи, тв реклами...
-Не прифаќајте не за одговор и размислувајте надвор од границите. Кога Елон имаше 17, а ќерка ми 15 години, тие многу сакаа да се преселиме во Канада, од каде е и моето семејство. Реков не, затоа што сакав да докторирам во Јоханесбург и имав многу работа како модел тука. Јас и Елон отидовме на посета во Канада еден ден, а ќерка ми ја продаде кќата, автомобилот и направи голема гараж-продажба на сиот мебел. Кога се вратив, сѐ што требаше е само да ми каже и да ја финализираме продажбата, затоа што и требаше мојот потпис! И навистина немав избор. Започнавме сосема од почеток во Торонто.
-Живејте опасно, внимателно. Моите родители се Канаѓани и сакаа да го истражуваат остатокот од светот. Африка им изгледаше возбудливо и во текот на 1950-тите немаше многу информации за животот таму, па само ги земаа децата и отидоа во Кејп Таун. Имаа во план да не однесат во Јоханесбург, но кога отидовме во Преториа, се воодушевија и така ние останавме таму да растеме. Мотото на татко ми беше „Живеј опасно, внимателно“, и не ѐ носеше на разни места, кампувања... Израснав во дом со многу среќа. Родителите ми беа авантуристи и јас бев многу среќа. Постариот брат ми е успешен невролог и неврохирург, а постарата сестра почина, но беше настаничка и танчарка. Ја пропатува Европа со „Мулен Руж“. Имам и сестра близначка, која сега е во пензија, но секојдневно сме на социјалните мрежи.
-Не стравувајте од седите. За да изгледате младо, останете тренди. До 60-тата бев русокоса, но одлучив дека тука ќе ставам крај на бојадисувањето. Сите мислеа дека нема да работам со таков изглед, но се случи сосема спротивното. Изгледајте природно. Тоа е клучот да изгледате помладо.
-Знајте кои ви се слабостите. Дури и сега, ако ставите нешто пред мене за јадење, ќе го изедам. Затоа дома не чувам „искушенија“. Кога ќе ми донесе некој вкусно пециво, тазе од пекара, го давам на чуварот. Не можам да го имам во моја близина, инаку ќе го изедам. А не можам да земам ниту само залче.
-Не анализирајте премногу. Во животот го следев примерот на родителите. Тие зборуваа директно, беа полни со љубов и бевме среќно семејство. Сакав да го обезбедам истото за моето семејство и не се мислев премногу. На децата им менував пелени, ги хранев и охрабрував. Ги поддржував нивните проекти. Тоа го пренесов и на нив, па сега секој на свој начин сака да придонесе за општото добро на сите. Така станаа независни!