Барби феноменот ја одбележува оваа година, а тоа најмногу се должи на долгоочекуваниот Barbie филм што месецов ја имаше својата премиера.
Но, пред Марго Роби и Рајан Гослинг да завладеат со розовиот свет, Барби и Кен беа брат и сестра.
Да точно, овие две мега популарни кукли се всушност именувани според Барбара и Кенет, децата на Рут Хендлер која всушност ја создаде барбиката во 1959 година.
Рут гледајќи ја својата ќерка Барбара како игра со хартиените кукли, добила идеја да создаде модел кој ќе има форма на возрасна жена.
Дотогаш секоја кукла била со детски лик и изглед, а Хендлер сакала да им подари нешто интересно и на поголемите девојчиња и тука се родила идејата за барби со облини.
И се случи историски бум во светот на играчките, а девојчињата беа воодушевени.
Набрзо потоа Рут добила молби да создаде и момче за Барби, па така две години подоцна во 1961 доаѓа на сцена и Кен.
Кен го добива името по синот на Хендлер, Кенет.
И додека светот го окупира фаноменот барби, братот и сестрата не се воодушевени од целото внимание што им се посветува.
Барбара правеше сè што е можно да ја избрише поврзаноста на нејзиното име со Барби куклата, а Кенет исто така не беше воодушевен од тоа како машката верзија е претставена.
Братот и сестрата вушност и воопшто не наликувале на она што Барби и Кен преставувале. Кенет за себе велел дека е бубалица, а не сурфер од Малибу што врти женски.
Барбара исто така воопшто не сакала да се поврзува со имиџот на празноглава блондинка на која ѝ е важно само да "виси" на плажа и да менува облека.
Братот и сестрата, како што и самите имаа изјавено во едно интервју, никогаш не им купиле барби и кен кукли на своите деца.
Но, и покрај тоа што Барбара и Кенет не сакале да се поврзуваат со играчките именувани по нив, Барби и Кен стекнуваат огромна светска популарност во децениите што следуваат.
Мател создава глобален феномен, а останатото е историја која сè уште се испишува. Барби претрпе огромни трансформации, подеми и падови, раскина со Кен во 2004, па се смири во 2011-та.
Мноштво познати ликови добија барби со својот лик, прва беше супермоделот Твиги, а потоа следуваа Елизабет Тејлор, Шер, Елвис Присли, Ники Минаж и уште многу други.
Популарната кукла имаше повеќе од 250 кариери, од секретарка па сè до астронаут, ја облекоа и познати дизајнери како Оскар де ла Рента, Ив Сен Лоран, Диор....
Барби се продава во 150 земји во светот, на секои три секунди.
Куклата напредна и стана општествено одговорна, а Мател создадоа Барбики што излегоа од првичната слика за убавата блондинка.
Денес имаме барби во инвалидска количка, барби со даунов синдром, и ред други инклузивни модели на барби.
Можеби Барбара и Кенет не беа воодушевени од идејата на нивната мајка, но едно е сигурно – Барби феноменот е тука за да остане.
Фото: Pinterest