Бизнис страната на модните недели

11 септември 2013

Она што деновиве целосно ни го одзема здивот се неверојатните и магично прекрасни колекции на најпознатите светски дизајнери презентирани на омилената New York Fashion Week. Тоа што дефинитивно не смее да се изостави како факт и мора да се признае, е беспрекорната организација на целиот настан.

Но, дали некој покрај сето тоа лудило и убавина, размислувал на темата колку всушност чини една таква организација и колку пари носи истата во буџетот?

Некои од најпознатите американски портали за бизнис излегоа со проценка дека годинешната модна недела на градот Њујорк ќе му донесе цели 425 милиони долари или дури 850 милиони долари на целокупната економија.

Но, пред да се разочарате и да помислите дека градот овие пари ги троши за своите сопствени потреби, мора да споменеме нешто. Според последните истражувања, еден од најпознатите светски центри на модата Њујорк, планира до 2025 година да вложи огромна сума на пари во отворање на нови работни места во текстилната индустрија и со тоа вработувањата во тоа поле да пораснат за цели 17 проценти.

Доколку се прашувате од каде доаѓа огромната сума на собрани пари од оваа и сличните на неа модни недели, имајте на ум само еден од многуте факти: Познатите дизајнери плаќаат огромни суми за изнајмување на модна писта! Па така, најниската цена што еден дизајнер може да ја добие доколку сака да изнајми своја модна писта за сопствената ревија, ќе мора да плати минимум 15.000, а најмногу 50.000 американски долари.

Од горенаведеното слободно можеме да заклучиме дека и покрај огромните трошоци што се потребни за организирање на настан од вакви размери, придобивките се уште поголеми.

Колку само да ве поттикнеме на размислување и сметање, минатата година благодарение на њујоршката модна недела, беа потрошени вкупно шест милиони долари на хотели од присутните, вкупно седум милиони на парчиња облека, девет милиони на ресторани и 12 милиони долари на изнајмување простор.

За споредба, американскиот Super Bowl, што треба да се одржи во New Jersey во февруари, ќе генерира околу 430 милиони долари за њујоршката економија. Луксузниот U.S Open пак, најпознатиот и најомилен спортски настан, годинава се очекува да собере околу 750 милиони долари за градот.

Она што можевме да го заклучиме досега е дека покрај сета таа гламурозност и луксуз со кои изобилуваат модните недели, економските придобивки од истите се двојно погламурозни.

Ние со огромна радост и восхит ќе ги чекаме новите колекции на нашите омилени дизајнери и следната година, а Њујорк... Њујорк ќе ја чека својата добивка!

Објавено:
11 септември 2013
Категорија: 
Стории