Зошто регулирањето на возрасната граница кај децата во модната индустрија е нужна?
Модните дизајнери на денешницата многупати инспирацијата за создавање на своите колекции ја пронаоѓаат во познатите холивудски диви, стилските икони и трендсетерките кои ги карактеризираат како симбол на женственоста.
Модата дефинитивно е бајка која отсекогаш настојува да го отслика недостижниот луксуз и гламур и многу често е наменета за еманципираните жени со „дебели“ паричници.
Но, и покрај тоа, таа мода на пистата ја презентираат млади девојки и тинејџерки со високи потпетици и шминка што не им доликува. Во улоги на манекенки, многу често се наоѓаат и мали девојчиња чие тело сѐ уште не е доволно развиено и кои наместо да уживаат во своето маало со врсниците, тие „уживаат“ додека стилистите им ја кубат косата и ги облакаат во тотално несоодветни парчиња за нивната возраст. Таквите случаи се сѐ почести, со оглед на тоа што денеска, девојка со наполнети 25, 6 години, е сосема стара и недолична да биде модел.
Тука повторно се наметнува прашањето, колку и дали е возможно, тие 15 – годишни девојчиња на вистински начин да го претстават вистинскиот гламур и женственост како карактеристики со кои дизајнерите скоро секогаш ги опишуваат своите парчиња.
Друга работа што навистина треба да се промени, е тоа што иако многумина ќе кажат дека на тој начин девојчињата уште од мали се учат да се изборат за она што вистински го сакаат во животот и пред сѐ, се учат на работна навика, борбата во модните кругови е навистина сурова за нивната возраст.
Со оглед на тоа што таму секој си го бара своето место под ѕвездите, кастинзите наликуваат на вистинско „воено поле“. Токму недостатокот на конретните правила во модната индустрија како одредување на соодветната возраст за моделите, ги прават најголемите проблеми.
Кога во немилосрдно конкурентскиот моден свет на возрасни, ќе се вплеткаат тинејџерки кои се со километри оддалечени од своите семејства, тие скоро секогаш настојуваат да го добијат вниманието што им е потребно од клучните луѓе што можат да им помогнат за да бидат забележани. Иако некои од светските модни агенции несебично им помагаат на своите модели, на оние што немаат таква среќа, дефинитивно им е потребен некој што ќе застане во одбрана на нивните права и пред сѐ, човечкото достоинство.
Токму во тие моменти на слабост, барајќи го и најмалиот дел внимание што можат да го добијат, младите девојки прават сѐ што може да е во нивна полза. Најголемиот проблем тука е оној со различните пореметувања во исхраната со кој се борат голем дел од светските модели.
Одборот на американските модни дизајнери (CFDA) неодамна упати апел до своите членови со кој инсистираат на модните недели да не се ангажираат модели помлади од 16 години со оглед на тоа што младите девојки се неверојатно ранливи и слаби за да можат да се носат со немилосрдноста на модната индустрија. Покрај тоа, повеќемесечните подготовки за таквите настани бараат од девојките целосна посветеност и секако, бирање помеѓу кариерата и образованието.
„По апелот на Одборот, на многу кастинзи се појавија огромен број на млади девојки од источна Европа. Ги прашувавме како се викаат,од каде доаѓаат и колку години имаат. Тогаш некоја од нив ќе ми одговореше дека се вика Светлана, дека доаѓа од Украина и дека има 16 години. Се прашував, каде е автобусот од Киев?“, вели Мајкл Корс, посочувајќи го фактот дека таквите правила и понатаму ќе се кршат со оглед на тоа што никој не може да биде казнет. Тој додава и дека повикувањето на луѓето да бидат што е можно поморални, никогаш не се остварува со оглед на тоа што сите се водат од она што им е најважно, а тоа се разбира е профитот.
Откако младата Хејли Хасбрук на својот блог го опиша сопственото искуство за прекувремениот исцрпувачки и неплатен труд за Марк Џејкобс за време на њујоршката модна ндела, на Твитер профилот на дизајнерот осамна срамно оправдување во кое стоеше: „Платата на моделите е изразена во облека, а ако некој не сака да работи за нас, никој на тоа и не ги тера“, напиша дизајнерот.
Ваквите случаи воопшто не се непознати. Многу често на моделите им се плаќа со дел од парчињата од брендот, и истото секогаш се карактеризира како сосема „нормално“. Но, истите тие парчиња нема да им ја платат храната, превозот и киријата што девојките ја плаќаат во некои од најпознатите храмови на модата како Њујорк или Париз.
Токму ова е само уште една од низата ситуации во кои младите девојки дефинитивно не би се снашле сами на 15 – годишна возраст. Наместо тоа, тие ќе продолжат со оваа пракса, а сите оние кои се во можност, ќе продолжат да ги експонираат.
Марк Џејкобс беше и еден од најголемите поборници да не се прифати предлогот на Одборот за ангажирање на модели постари од 16 години со објаснување дека тоа ја загрозувало неговата креативна слобода.
Она што е позитивно во целата ситуација е тоа што поранешната манекенка Сара Зиф и нејзината организација Model Alliance, основана за да ги подобри условите во модната индустрија, одлучи да го крене гласот против сите работници кои не ги штити ниту еден синдикат. Државата Њујорк, по предлогот на Сара, прогласи закон за строго регулирање на правилата кога се во прашање ангажманите на младите девојки.
Со овој закон беа прецизирани и работните часови, кои не ја пречекоруваат дозволената граница за да можат младите девојчиња истовремено да му се посветат и на образованието, а притоа да не се чувствуваат исцпрени. Дополнително, сите девојки помлади од 18 години на секој настан мораат да бидат во придружба на своите родители или старатели и никогаш не смеат да бидат сами.
Она што сега останува е да се надеваме дека сите останати светски модни престолнини ќе земат пример од државата Њујорк со што конечно ќе се регулира прашањето на ангажирање на девојки помлади од 16 години за било каков моден настан.