Ги хранат со сила за да бидат дебели за мажите!

29 јуни 2016

Младите девојки во Мавританија дефинитивно имаат една од најтажните судбини во светот... 

Имено, покрај тоа што ги тераат да стапат во брак многу млади, постои посебен камп каде семејствата ги носат нивните ќерки – тинејџерки за да се здебелат со што ќе се покаже дека мажот со кој стапуваат во брак е многу богат и моќен и добро се грижи за невестата. 

Во тој камп, тие остануваат дури и по неколку месеци, а таму за нив се „грижи“ жена која постојано ги тера да јадат, внимава да не ја исфрлат храната, ги учи како да се однесуваат и задолжително да внесат вкупно 16.000 калории на ден, четири пати повеќе од она што внесува машки бодибилдер. 

Младата и прекрасна Тијанија Тијани била известена од нејзините родители дека за неколку дена ќе оди во камп, но не и посочиле за каков камп станува збор. 

„Ми рекоа дека ќе одам во камп во пустината каде ќе се дружам со други девојки и ќе јадам убава храна. Мајка ми рече дека додека сум таму, ќе станам прекрасна жена“, вели Тијанија.

Десетина дена подоцна, 14 – годишната Тијанија, инаку голем обожавател на спортот, појадува во пустината со други пет девојчиња на возраст од 7 до 12 години, во камп сместен длабоко во Сахара.

Нејзиниот стомак повеќе не може да ја поднесе храната што жената и ја дава, особено козјото млеко кое никогаш не го сакала. После појадокот, доаѓа уште храна полна калории која девојчињата никако не смеат да ја одбијат, бидејќи жената задолжена за нив се заканува дека ќе ги истепа ако не сакаат да јадат или пак ако ја повратат храната.

Таа постојано им повторува дека тие се тука за да се претворат во убави жени и дека таа има задача да ги храни додека нивните тела не се претворат во балони.

Инаку, во Мавританија традицијата вели дека жените мора да се полни за да бидат секси и посакувани. Како и во нивната историја, така и денеска, полните жени се сметаат за симбол на богат маж, доказ дека тој има големо богатство за да ја нахрани својата сопруга. 

Иако во 2003 – тата година, тамошната влада започна кампања против било какво насилство врз децата, откако се смени власта и настана безредие, челниците на државата наредија сите да се вратат кон традицијата, со што мажите повторно посегнаа по младите девојки. 

Елхасен, жената која ги „чува“ девојките, заработува по 155 долари за секоја посебно, а ќе каже дека откако се вратиле на сила старите закони, таа е многу среќна. 

„Сега имам многу повеќе клиенти. Тоа ме прави среќна. Наредено ми е да ги тепам и мачам ако не сакаат да јадат. Ги ставам во самица и им велам дека слабите жени никој не ги сака.“, вели 50 – годишната жена, која тврди дека тоа не е измачување, туку дека тоа е за нивно добро, додавајќи дека нема да најдат маж ако не се дебели.

Додека таа раскажува и се весели, младите девојчиња лежат по земјата не можејќи да се поместат од многу храна. 

„Ме боли стомакот. Не сакам да бидам толку дебела, мислам дека тоа не е убаво и здраво. Сега сфаќам зошто некои девојчиња се враќаа од одмор толку поправени, сакам да кажам дека сите тие беа многу поубави претходно“, вели Тијанија, која најмногу е исплашена дека нема да може да трча кога ќе се врати дома, бидејќи спортот е нејзиното омилено хоби. 

Она што е подеднакво тажно и неверојатно загрижувачко е дека сите тие се млади девојчиња, тинејџерки кои се присилени на брак на многу млада возраст. 

„Со тоа што девојчињата се здебелуваат, многумина мислат дека тие ќе изгледаат постари и позрели, како и дека ќе бидат спремни да имаат маж“, вели Аминето Моктар, шеф на една од најпознатите тамошни невладини организации. 

Тијанија сака да биде професор по француски јазик, но нејзините родители веќе договориле брак за неа. 

„Нејзината работа ќе биде да чува деца и секогаш да биде покрај нејзиниот маж и да го топли во кревет. Тоа што ќе биде полничка ќе значи дека мажот добро се грижи за неа, а најголемиот знак на убавина кај нас се стриите на рацете, па ќе се погрижам да го добијат и тоа, а јас да земам бонус“, без никаква грижа на совеста раскажува жената која се грижи за нив. 

Зејнбу Мохамед, која денес има 26 години, поминала низ истото на само 13 години по што ја омажиле и родила две деца. На 16 години ги молела сите да се разведе од мажот и да има нормално детство, на што некако тој се согласил. 

Денеска, таа е една од најпосакуваните жени во градот и ќе каже дека иако дебелината ја оспорува и ѝ предизвикува здравствени проблеми, ужива во вниманието од мажите. 

„Сакам да ослабам, им љубоморам на сите оние жени на телевизија кои можат да носат фармерки и високи потпетици, а јас не. Но, се плашам дека ако ослабам, никој повеќе нема да ме сака и нема да се интересира за мене“, вели Зејнбу. 

Таа раскажува дека и нејзините пријателки го чувствуваат истото, тие се многу слаби, а нивните мажи повеќе не сакаат да спијат со нив, па девојките дури употребуваат и различни дроги за да се здебелат. 

Тамошните доктори и социјални работници предупредуваат на зголемен број млади девојчиња со срцеви заболувања, со дијабетес и разни други болести, опасни по нивниот живот. 

Во моментов, единствен успех што социјалните работнички успеаја да го направат е отворањето на фитнес сала во која досега се зачлениле околу 300 жени за кои тие веруваат дека ќе бидат пример за сите останати. 

Состојбата на младите девојчиња во Мавританија и стапката на претерано полни девојчиња е и повеќе од алармантна, а сета надеж засега е во жените кои работат во невладините организации од различни страни на светот и кои единствено имаат желба да ја променат ситуацијата. 

Извор: Marie Claire

Објавено:
29 јуни 2016
Категорија: 
Стории
Прочитано:
7.954 пати