Девојките кои претходно не стануваа од кревет за ангажман платен помалку од 10. 000 долари, моделите кои одземаа здив со својата појава, симетрични црти на лицето, долги нозе и совршени пропорции 90 – 60 – 90, веќе не се најбараните лица, оние по кои модната индустрија паѓаше во екстаза.
Модниот трон го преземаат лица кои претходно беа брутално дисквалификувани, а сега се цени нивната индивидуалност, несовршеност и љубовта кон различностите. Станува збор за специфични, несекојдневни и уникатни девојки чии несовршености ќе придонесат лесно да се задржат во вашата меморија. Предводничка на новиот клан е Кара Делевињ која стана впечатлива по дебелите веѓи, а тоа разви сосема нов тренд поради кој опадна потрошувачката на пинцетите, Шарлот Фри со специфичната розова нијанса на коса, Лара Стоун со просторот меѓу предните заби, Лили Кол поради изгледот како порцеланска кукла, андрогениот изглед на Саскиа де Брун и неправилните црти на лицето на Лили Мекменаби.
Недостатоците станаа нивен заштитен знак. Тие не се совршени модели, туку девојки од соседството кои може да ги сретнеме на улица, а и нивното однесување не е типично, како на планетарно познатите ѕвезди. Дали навистина се менуваат поставените стандардни за убавина или станува збор само за нов тренд бидејќи модната индустрија е постојано во потрага по новитети? Дали постои идеален тип на безвременска убавина или се зависи од моменталната ситуација на модната сцена? Во деведесеттите години на сцената постоеја одредени имиња кои и до денес се сметаат за вистински супермодели како што се Кемпбел, Шифер, Крафорд, Херцигова и други, но денес ситуацијата е целосно спротивна.
Гламурот одеднаш стана досаден, а на сцената се појавија модели кои привлекуваат со својот бунтовен дух и појава, кристално бела кожа, исцрпен изглед, бушава коса и апатичен изглед. Во модната индустрија тотално се променија правилата за убавина и тоа за цели 180 степени и токму затоа предност им се дава на неконвенционалните модели. Анти - ерата на моделите е всушност крајот на диктаторскиот режим на модната сцена. Самиот Карл Лагерфелд изјави дека на пистата сака да види „грди модели“, а модните агенции се' повеќе нудат модели што имаат интересни фризури во разни нијанси, со пирсови и тетоважи низ лицето и телото. Ерата на дигиталното поправање на „недостатоците“ е достапно буквално за сите, но сепак во меморијата на човекот ќе се задржат ликови што ќе се одделат од целата маса по својата несекојдневна појава.
Останува да видиме дали овој тренд ќе биде само сезонски или ќе ги прошири границите на модната индустрија во која се' уште се актуелни прашањата за расната дискриминација, се' пониската граница на започнување на кариера на модел, а секако тука се и моделите со облини кои прават големи напори за пласирање на модната сцена во светски рамки.