Безвременската убавина на Мерилин Монро

17 септември 2013

Детството го поминува во згрижувачки семејства, таткото никогаш не го запознала, а нејзината мајка веднаш по породувањето била сместена во установа за ментално нестабилни лица. Иако ден денес ја знаеме како една од најдобрите филмски ѕвезди од ерата на златниот Холивуд, сепак нејзиниот пат до таа светска слава е повеќе од трнил.

Животот воопшто не ја штедел Норма Џин. Изразнала во голема сиромаштија, па токму поради тоа решила да се омажи  во 1942 година на 21 годишна возраст за Џим Доерти, со кого се забавувала шест месеци. Подоцна во едно интервју открила дека навистина го сакала и дека бракот можеби би успеал доколку тој не им се приклучил на маринците во 1944 година. По заминувањето на Џим започнала да работи во фабрика за авиони, а таму била забележана од фотографот Дејвид Коновер. За брзо време станала врвен модел, а нејзините фотографии се нашле на страниците на голем број реномирани списанија. Но сепак, нејзината желба била да стане актерка, па поради тоа ја офарбала косата плава и го променила името во Мерилин Монто. На почетокот на филмската кариера добивала кратки улоги, но голем пресврт настанал со улогата во филмовите „Џунгла на асфалтот”, „Се за Ева” и „Некои тоа го сакаат жешко”, а светска слава постигнува со улогата во филмот „Нијагара”. Во 1953 година, Мерилин била прогласена за најдобра глумица , а станала и најомилената русокоса во Холивуд.

Монро по втор пат се одлучува да застане на „лудиот камен” и тоа со бејзбол ѕвездата Џо Димаџино, со кого се разделува по краток период бидејќи тој не може да го поднесе притисокот од славата и сексуалниот имиџ на сопругата. По  разводот, Мерилин се одлучува да замине во Њујорк и да се посвети на часовите по глума, а  во меѓувреме ги вложила парите во основање на сопствена продукциска куќа – Marilyn Monroe Productions. Потоа следи и третиот брак со сценаристот Артур Милер, но уште тогаш се забележувал почетокот на неговиот крај. Тој го напишал сценариото во кое Мерлин ја имала главната улога, а која воедно била и нејзина последна.

Дали сте слушнале за фамозната сцена кога Мерлин Монро ја пее роденденската песна на американскиот претседател Џон Ф. Кенеди? Доколку се сеќавате на оваа сцена, тогаш го паметите и фустанот кој го носеше актерката. Токму тој фустан постигна најголема цена на аукција за која некој анонимен купувач ја купил за 115. 000 долари. Кожениот телефонски именик во кој има преку стотина телефонски броеви и адреси, меѓу кои се на Френк Синатра, Хенри Фонда и од нејзините поранешни сопрузи, бил откупен од Golden Palace за 90 000 долари. На аукцијата се нашла и слика која била наменета за Кенеди, но тој никогаш не ја добил.  Сликата достигнала цена од 78. 000 долари и била продадена на акционерот Дејвид Давис, кој има своја уметничка галерија.

Нејзиниот софистициран стил го следат голем број девојки, а нејзиниот лик можете да го видите на модни парчиња, предмети или како апликација на чанти. Таа е насекаде околу нас. Познати уметници своите дела и ги посветувале токму неа. Салвадор Дали бил голем фан на Монро, а не можел да и одолее ни Енди Ворхол. Многумина пишуваа книги за неа, а една од најубавите балади која засекогаш ќе потсетува на краткот живот на филмската дива е „Good bye, Norma Jean”.

Мерилин Монро не била глупава русокоса, а дека поседувала повеќе од само убаво лице, облини и мил глас, говори фантастичниот избор на музика и луѓе на кои им се восхитувала. Во слободно време обожавала да слуша Бетовен и Моцарт, ги обожавала делата на Пикасо, Гоја и Ел Греко, го ценела музичкото остварување на Френк Синатра, ги читала делата на Достоевски, Силинџер и Волф, а актерски идоли според кои се водела и биле Грета Гарбо, Џинџер Роџерс и Џин Харлоу.

Била свесна за својата појава и можности. Иако не била доволно образована и на прв поглед изгледала неинтелегентно, сепак никој неможел да го оспори нејзиниот импресивен талент и обидот со напорна работа да го надополни тоа што не го добила поради краткото образование. Нејзината слика се појавила на првата насловна страна на магазинот Плејбој во 1953 година, а многумина ја сметаа за синоним за убавина и сензуалност. Мерилин Монро ја сметаа за идеална жена со совршена фигура и прекрасни црти на лицето.

Но сепак иако за кратко време станала една од најдобрите актерки во Холивуд и иако го добила статусот на секс симбол, по завршувањето на третиот брак, по двата спонтани абортуси и операциите, Мерлин не успеала да ја надмине депресијата и утеха барала во дрогата и алкохолот. И биле понудени кратки улоги, а  улогите кои веќе и биле доделени ги изгубила. Наместо на црвениот тепих, деновите ги поминувала во болница. Била пронајдена мртва на 5 август 1962 година, во својот стан во Лос Анџелес. Сеуште постојат недоумници за тоа дали Мерилин извршила самоубиство или некој друг стои зад сето тоа. Никој никогаш не дозна што всушност се случило, а нејзината смрт и ден денес претставува голема мистерија.

Објавено:
17 септември 2013
Категорија: 
Модна икона