Дали новите форми за промоција на домашен дизајн одат по патека без насоки ?!

17 јуни 2014

Кога модата станува бизнис и примарна дејност за дизајнерот, надоврзаната нишка од промоцијата, како пред така и по ревијалното претставување  на колекциите,  следствено е понатамошната промотивна маркетинг  стратегија за дополнително презентирање на најновите парчиња од колекциите. Па така, секојдневно сме сведоци на нови едиторијали, специјални рекламини кампањи, каталози, видеа   итн. Генерално, не само на домашен терен туку и во светски рамки, формите на модната реклама најчесто се канализираат преку  јавните личности како актерите, естрадните уметници, манекенките, водителките и модните уредници, кои  воедно се и најискористените промотори на дизајнот. Македонија е земја  во која извесен период се чувствува прогресот на младите дизајнери, модните ателјеа, специјализираните медиумски информатори, бројот на концептуални промотивно-продажни платформи, блогерите , па дури и отворање на повеќе светски брендови во главниот град. Добро познато е дека и на наши простори најангажирани промотори или рекламни лица се  пејачите,  актерите, водителите и манекенките. Но, не секој млад дизајнер во своите почетоци успеал да направи соработка со некоја позната влијателна јавна личност, а од друга страна пак познатите најчесто практикуваат на своја рака да купат странска етикета за настап и поретко стручно се консултираат за својот стил. Сепак, тоа не е реткост за оние поискусните и докажани модни имиња, кои најчесто имаат успешни соработки со популарни естрадни профили. Секако, мора од некаде да се почне, па така неколку сезони од Модниот викенд Скопје, настанот каде поголемиот број  дизајнери ги промовираат тековните колекции, се појавија нови форми за промотивно изнесување  на креациите од домашните дизајнери, носени односно позајмени од блогери. Токму во врска со тоа го отворивме прашањето за овој домашно- нов вид на рекламна промоција, како се реализира и во кои насоки оди. Ги прашавме директно инволвираните спроведувачи односно младите домашни дизајнери и блогери, а го споредивме  искуството и мислењето на блогерките од соседна Србија кои веќе имаат статус на познати и влијателни  што за овој вид на промоција функционираат на сосема поинакво ниво.

 

Нашата дизајнерката Милена Атанасова која се претставува под неодамна создадената етикетата „Атами“  како и дизајнерката Ирина Тошева, извесен период позајмуваат парчиња на блогери за време на модниот викенд. Атанасова вели  дека секоја промоција на креациите им е добредојдена,  иако на рекламата преку блогерите и недостигаат повеќе професионални сегменти.

-Ова е дигитална ера, време на виртуелното, денес информацијата е оддалечена на само еден клик од нас. Затоа сметам дека најефективна е промоцијата на електронските медиуми, а можеби уште повеќе на социјалните мрежи. Но како и да е, многу е важно која е целната група. Генерално македонецот има потреба од модно и културно будење! Во однос на позајмувањето креации за време на модниот викенд тука се и малкуте  блогери, но тоа е апсолутно различно. Тука вкусот на блогерот одлучува, што не секогаш е вистинскиот избор, но пак е искрено и допадливо за нас,  а и нема баш голем избор на соработки од ваков вид. Позајмување- изнајмување на дизајнерски парчиња, модно консултирање, стилизирање... овие услуги мислам дека не се речиси воопшто искористени од јавниот свет кај нас.  Што се однесува на соработките со блогери, новинари, за модни настани, мислам дека е фино, но искуството вели дека треба да се утврдат  многу нешта при тоа. На македонската модна сцена и недостигаат  многу нишани,  затоа треба сите ние да допринесеме со несебична и коректна соработка, но во правилна насока, без да се постигнат контра маркетинг ефекти, како за дизајнерот, така и за блогерот, но и за оној дизајнер кој претставува колекција на модниот настан,објаснува Милена Атанасова.

Милена Атанасова во парчиња од колекцијата-  „Џејн“ Милена Атанасова во парчиња од колекцијата- „Џејн“

Младата дизајнерка Тошева исто така е една од инволвираните во овој нов вид на промоција на креации преку блогери.  Затоа прашавме:

Најчесто креациите им ги изнајмувате за време на Скопскиот моден викенд, според кои начела се водите за тоа која ваша креација одговара или е компактибилна со сензибилитетот од ревијата што ја проследува блогерот?

-За комбинирањето вообичаено се водам од личноста што ја носи, но секако улога има и протоколот односно чија ревија или настан се посетува.Секако и самите блогери се вистински умешни во комбинирање, па овој процес некако тече природно и спонтано, изјавува Тошева.

Трите блогерките кои функционираат преку блогот „Скопје Кежуал“ во врска со позајмувањето креации од домашни дизајнери гледаат позитивно, но не и во случаите  да е нападно се со цел да се носи етикета, а да се загуби личниот стил односно моден идентитет на блогерот.

-Секогаш е убаво да се поддржат македонските дизјанери, а токму овој начин на нивно претставување може да биде одлична промоција.Ни се допаѓа идејата, но сепак сметаме дека позајмувањето мора да биде умерено.Блогерите треба да покажат како можат да ги вклопат дизајнерските парчиња во нивните комбинации, но не по цена на губење на личниот стил само за да се носи гардероба со потпис, велат од „Скопје Кежуал“.

Кој е фитбекот кој го добива еден блогер?

-Во Македонија би рекле дека препознавањето е единствениот фидбек кој може да се оствари од овој тип на соработка.Модното блогерство кај нас е се' уште младо, па така соработката со некои од веќе етаблираните дизајнери може да им помогне на блогерите да се пробијат на модната сцена.Во светски рамки каде ова се работи на многу повисоко ниво, блогерите имаат навистина многу придобивки, почнувајќи од вредни подароци, учество во промотивни кампањи па се' до добивање на нивни колекции во склоп на големите модни куќи.

Според вас колку е лесно или тешко да се најдат вистинските модни промотори во наши услови?

-Доколку дизајнерите имаат јасна слика која е публиката која би сакале да ја привлечат, пронаоѓањето на вистински промотери не е голем проблем.Во изминативе неколку години веќе се издвојуваат јавни лица и блогери со свои карактеристични стилови, кои полека ја градат својата публика со слични интереси како нивните.Нашето искуство од соработката со неколку брендови посветени на лежерната мода покажува дека поврзувањето на дизајнер и промотер чии стилови се поклопуваат неизбежно води кон одлични резултати, завршуваат од „Скопје Кежуал“.

Зорана Јовановиќ од Србија која е една од најпопуларните и омилените блогерки во регионот за Fashionel во врска со оваа тематика објаснува дека ваквите соработки меѓу тамошните домашни дизајнери и блогерите се одвиваат на многу повисока и професионална соработка, која впрочем е далеку од фреквенцијата на која се нашите домашни дизајнерско-блогерски соработки.

Зорана Јовановиќ Зорана Јовановиќ

-Од моето искуство можам да ви кажам дека меѓу блогерите и дизајнерите во Србија постојат два вида на соработка. Првата е онаа кога се изнајмуваат парчиња исклучиво за сликање, а другиот случај е кога дизајнерот му плаќа на блогерот да носи одредени креации на настани или конкретниот дизајн да биде промовиран на блогот. Во овој случај според мене повеќе добиваат дизајнерите, зашто мојот блог во случаи е многу попопуларен од некое младо дизајнерско име. Јас имам соработки и од двата случаи. Во моментот најчесто ме плаќаат да ги носам нивните креации на мојот блог, така што позајмувам одредени парчиња на неколку дена, ги фотографираме, тие плаќаат и на крај сите сме задоволни. Исклучиво соработувам со дизајнери што ми се допаѓаат и носам креации што и приватно би ги купила, изјавува Зорана.

Зорана на хрватска модна недела Зорана на хрватска модна недела

Компаративно мислење побаравме и од популарната блогерка од Србија, Јелена Вишниќ  која уредниците на американското издание на магазинот „Vanity Fair“ ја прогласија за најдобро облечена жена за месец април, во конкуренција од  модни блогерки ширум медитеранот. И Јелена вели дека иницијативата на релација дизајнер-блогер често е обострана, а  таа добива подароци за нејзината влијателна услуга.

Ј.Вишниќ Ј.Вишниќ

-Јас би можела да ви одговорам од субјективен аспект. Досега сум добила понуди да носам дизајнерска облека, но само за фотографирање, а исто така на неколку наврати добивам дизајнерски парчиња на подарок. До сега не сум била одбиена ниту за една соработка, напротив мислам дека повеќето се расположени за заедничко дејствување. Дизајнерите се многу заинтересирани. Сметам дека добивката е обострана, блогерите така се обележуваат себеси и добиваат прилика да се доближат до работата на домашните дизајнери, својата публика. Додека дизајнерите ги промовираат своите креации и секако добиваат реклама. На крајот на краиштата може да се развие и соработка, што неколкупати ми се случи мене, раскажува Јелена.

Јелена Вишниќ Јелена Вишниќ

Се на се, факт е дека на ркулецот од нашата блогерско-дизајнерка соработка му требаат низа подобрувања од професионален аспект, кој секако треба да се гради на база од коректен пристап, без да се наштети на името на друг или дизајнер чии креации се позајмуваат, без да се губи идентитетот на блогерот кој се обидува да генерира сопствен стил, а промовира нешто сосема поразлично од стилот кој го наметнува на  блогот. Напротив преку професионалниот однос ќе се постигнат ефектите барем по примерот на нашите соседи. Можеби е нескромно за споредба, но блогерите низ светот кои масовно делуваат од 2009 година,  освен што се територијално далеку,  далеку се и по парите што ги заработуваат од брендовите и дизајнерите. Па така еден популарен и успешен блогер на месечно ниво заработува и до 80 илјади долари.  Резимето се сведува на тоа дека професионализмот покрај негувањето на личниот визуелен идентитет на блогерот, се гледа и во заработката од ова пасија која на глобално ниво станува сериозна професија. Во нашиот случај е се уште само хоби, кое само со сериозен пристап секако може да премине на повисоко ниво.

 

 

Објавено:
17 јуни 2014
Категорија: 
Стории