Македонски модни блогови

15 јули 2013

sc

Развојот на техниката и технологијата овозможи луѓето кои се дел од модната индустрија да ги промовираат и продаваат своите производи преку интернет. Модната индустрија е мулти милионски бизнис составен од голем број модни куќи, дизајнери, уредници и колумнисти кои секојдневно наметнуваат нови норми или правила за секоја следна сезона. Голем дел од нив имаат и свои модни блогови на кои имаат илјадници следбеници. Покрај дневните актуелности, тие најчесто ја користат својата популарност за градење имиџ, кој потоа го копираат голем број обожаватели.

Во 2011 година во текот на модната недела во Њујорк, сопствениците и дизајнери на Проенза Скулер, Лазаро Хернандез и Џек Мек Калоу беа интервјуирани од страна на Имран Амед, сопственик и уредник на The Business of fashion website. Во текот на интервјуто, двајцата дизајнери ја потенцираа важноста на модните блогери. Дизајнерите признаа дека секојдневно ги следат постовите поврзани со нивните дизајни и дека тоа им помага да бидат самокритични, но дека сепак нивните констатации не секогаш ги земаат „здраво за готово“.

Ако во минатото модните блогери беа во позадина на сите модни случувања, денес работите се целосно изменети. Некои од нив може да се сретнат во првите редови на модните ревии. По тој повод, публицистката Kelly Cutrone изјави дека покрај тоа што ги прати модните четива на Вог и Ел, секојдневно ги прати објавите на блоговите, кои од ден на ден ги има се повеќе. Па дури и да не се некои еминентни, сепак тоа што ќе го објават засекогаш останува во виртуелниот простор.

Интернетот ги отвори вратите на голем број обични смртници, вљубеници во модата. Добитникот на Пулицерова награда, модниот новинар Robin Givhan тврди дека блогерите допринеле за демократизација во модната индустрија. Тој истакнал дека предноста е во тоа што повеќе не постои привилегија само за светски познатите и докажани дизајнери кои го користат интернетот за промоција и продажба, туку и за оние помалку познатите да го трасираат патот до славата, преку своите секојдневни и креативи постови. Токму лесниот интернет пристап овозможи секој преку ноќ да стане блогер. Виртуелниот простор е полн со илјадници модни блогови кои речиси и да не се разликуваат едни од други. Моментално најпознати модни блогерки се: Ана Дел Русо, Иван Родиќ, Леандра Недини, Ари Сет Коен, Кевин Ма, Фил Ох, Ана Муреј, Фред Бутлер, Мишел Хасвел.

945069_489170414488621_413712528_n

И во Македонија последните две години се создадоа модни блогови кои се обидуваат да се етаблираат во јавноста, но и во модните случувања. Моментално најпознати се Macedonian Stylebook, Skopje Casual и Македонски моден блог.

Иако се кратко на македонската сцена, сепак блогерите се согласуваат со констатацијата дека сите нив ги врзува модата како неисцрпна сфера. Комбинацијата од разни стилови и вкусови преточени во култура и начин на живеење. Блоговите најчесто ги користат како омилено хоби кога наоѓаат слободно време од секојдневните обврски. Кај нас во моментов актуелни се Skopje Casual, Macedonian Stylebook и Македонскиот моден блог. Некои од нив се потикнати од нивните другарки, момчиња или од тотални анонимуси кои им давале позитивни критики за нивните постови. Но сепак, можеби клучна работа за креирањето на моден блог  бил интересот за следење и давање критички осврт за модните настани, новости и креирање стајлинзи. Токму тоа придонесе за создавање официјални страни каде со здружени сили се обидуваат да се наметнат во јавноста како квалитетни блогери. Како на пример, Skopje Casual направи чекор напред  со откуп на домеин, квалитетен дизајн со етаблирање во модните кругови преку организирање на настани и секојдневно информирање за новостите во оваа сфера.

Во однос на квалитетот, блогерите се согласуваат со констатацијата дека секојдневното зголемување на бројот на блогери води до квантитет, но дека тоа од друга страна е поттик  за поквалитетно дејствување и модернизација на постовите што ќе доведе до филтрирање и опстојување на најдобрите. Точно е дека во денешно време интернетот дава неограничен број опции и можности секој да отвори сопствен блог. Сепак кога станува збор за моден блог треба да постојат некои правила како што се општото познавање на модата, креативност, инвентивност, оригиналност, стил, знак на препознатливост и пред се, квалитетни фотографии. Токму фотографијата е знак на автентичност, па без убава фотографија веста губи од уникатноста.

Модните блогови кај нас се во фаза на развој и затоа се смета дека покрај тоа што е потребно блогерот да поседува сопствен препознатлив стил и квалитетни фотографии, потребна е поголема промоција од страна на медиуите. Иако социјалните медиуми се добар извор за промоција, сепак македонските блогери, сметаат дека токму седмата сила е клучна за јавноста да се запознае со нивната работа.

Исто така за пофалба е поттикот на една од најпознатите српски модни блогерки Лили, која секојдневно ја следи работата на нашите блогери. Соработката со нив доведе до создавање на фан страната Macedonian fashion blogers, а од недамна и со формирањето на Dihmension, каде сестрите Христина и Илина ја воздигнаа македонската блогерска сцена на повисоко ниво.

Секојдневното апдејтување на нови информации за нив претставува вистинско задоволство или како што кажува младиот дизајнер Златко Јовановски, кој исто така има свој блог – „Сметам дека секој ден го живеам  како на модна писта“.

Големиот број модни блогови може да бидат неисцрпна инспирација за вљубениците во модата, а нашите блогери издвоија некои од нив како нивви омилени: Garance Dore, The Man Repeller, Glam and Gitter, Fashion by Marina, ,Natalie odd Duty, The Blond Salad и др.

Модната индустрија сама по себе наметнува брзо темпо на живеење. Постојаните новитети бараат постојано информирање за сите нови трендови или вести кои се клучни за секојдневно фунционирање. Па така е и фунцкионирањето на модните блогови и затоа многу  е важна соработката со модните дизајнери. Младите дизајнерки Сара Сековска и Фросина Ангеловска позитивно го оценуваат новиот тренд, кој од ден на ден зема се поголем замав кај нас, но сметаат дека моментално  ретко кој од нив може да понуди целосен производ, односно инспиративни постови , кои би го привлекле вниманието на пошироката публика. „Иако е дискутабилна тема особено кога е во прашање различниот вкус за мода,овие блогови може да бидат успешни или кичести“ - изјави Сара, а Фросина надополни – „Во секоја професија постојат аматери, но доколку некој е успешен, блогот ќе опстои. Во спротивно, неуспехот ќе ги поттикне да размислат дали го направиле вистинскиот чекор“.

602614_397679333637730_1402652848_n

Иако е сеуште рано за да се даде било каква оценка за македонските блогери, сепак добро е да се потсети дека во светски рамки блогерството може да биде и основа за градење на кариера или да се искористи за продажна на производи. Како пример, би ја посочиле Елеонора Кариси, креативната Италијанка која е совршена комбинација од харизма, стил, карактер и е пред се феноменален стилист кој ужива во експериментирањето со модните парчиња. Таа недомна стана заштитно лице на шпанската модна куќа Манго благодарение на својот уникатен стил и им се приклучи на Енди Торес и Никол Варн.

Либерализацијата  на медиумите доведе до уште поголема демократизација на светско ниво, а во модната сфера значи можност за голем број анонимни луѓе токму преку своите блогови да се претстават на пошироката јавност, па доколку се доволно оригинални и да станат дел од тимот во познати магазини како што е Ана дел Русо која е уредник во Вог или пак да станат заштитни лица на светки познати модни брендови. Иако македонските блогови се сеуште во развој, сепак можеби токму моменталната експанзија ќе ја доживеат како конкуренција која ќе допринесе подобро професионално да созреат и да се изградат во сериозен медиум за информирање.

Објавено:
15 јули 2013
Категорија: 
Стории