Фармерки носиме сите, но знаете ли како настанале?

19 јули 2022

Моите први сеќавања за џинсот се врзуваат со моето рано детство, кога веќе имав омилено парче облека и тоа беа – фармерки. Во прилично широк крој, поставата им беше во пруги (која наѕираше од џебовите), со висок струк, а на половната беа набрани со ластик. Но, ништо не ми беше пофасцинантно од тоа дека на едната ногавица беше пришиена апликација: патика со врвци. Истовремено, (периодот на раните 90-ти) паметам дека сите околу мене носеа џинс: џинс јакни, искинат фармерки, џинс кошули кои во тоа време беше хит да се носат под плетени џемпери без ракави. Понатаму, во тинејџерските години, исто така имав еден омилен пар џинс – овојпат во многу едноставен модел, базичен, во прав крој. Дури и кога веќе не беа за носење (оти беа преносени), си ги рекреирав во џинс ташна со многу долга рачка, така што џебовите од фармерките си останаа со истата функција – само овојпат беа џебови од мојата омилена џинс ташна. Си ја исцртав со боја за текстил, па си доби свој персоналзиран карактер.
И тоа е мојата лична сторија за џинсот. А, веројатно секој од нас си има по некоја своја „џинс приказна". Затоа што едноставно го носиме сите, секогаш, секаде.

Едно од оние бесмртни парчиња кое брзото тркало на модата никогаш не успеало да го „исфрли" од модниот колосек.

Но, колку знаеме за историјата на фармерките?

Всушност, фармерките настанале како работнички панталони изработени од цврсто платно кое издржувало и најгруба работа. Во педесеттите години на минатот век, младите го прифатле џинсот како бунтовничка облека и оттогаш џинсот влегува во сечиј плакар. Денеска џинс носиме сите, секаде.

Фармерките како изум се врзуваат за името Леви Штраус, Германец кој во 1851 година имигрирал во Њујорк, а во 1853 се преселил во Сан Франциско.

Тој бил трговец кој продавал разни продукти, меѓу кои и цврста, памучна ткаенина – џинс. Еден од неговите клиенти бил шивачот Џејкоб В. Дејвис. Тој купувал џинс од Леви за изработки на шатори, ќебиња и навлаки за вагони.

Дејвис бил ангажиран од рударска компанија, со цел да изработи работнички одела за рударите и се барало таквата облека да биде креирана од цврст и издржлив материјал.

Ја докажал издржливоста и функцоналноста на џинсот, па во мај 1873 година Леви и Дејвис станале партнери. За својот изум добиле и патент од Канцеларијата за патенти и трговски марки на САД. Во 1870-те започнале со изработка на работнички џинс комбинезони, а во 1890 го креирале првиот пар фармерки. Така се создава и легендарниот модел Levi's 501.

Во раните 20-ти џинс најчесто носеле работниците, каубоите, рударите и фармерите.
Откако Levi's & Strauss ги патентираа металните нитни за да ги направат поотпорни, иконските тексас сини панталони станаа вообичаени за работниците. Но, во 50-ти години на минатиот век џинсот се популаризира меѓу младите како знак на бунт и отпор, а за нивната комерцијализација особено се заслужни и некои од највлијателните поп ѕвезди во тоа време, па и низ декадите потоа.

Почнувајќи од Елвис Присли, Џејмс Дин, Марлон Брандо и Мерилин Монро, преку Мадона, Мајкл Џексон и Фреди Меркјури, фармерките во една постојана конзистентност оживуваат одново и одново.

Нивната форма се трансформира под налетот на временските тенденции, но нивната суштина останува бесмртна.

Каква е вашата „џинс приказна“?

 

Објавено:
19 јули 2022
Категорија: 
Стории
Прочитано:
1.088 пати