Индиската мода се повеќе се наметнува на глобалната модна индустрија

27 август 2014

Дали глобалната модна индустрија конечно ги предочи предностите на индискиот моден дизајн кој станува се повлијателен на интернационалната модна карта? Особено годинава се повеќе се чувствува влијанието на Истокот во она што Западот го диктира како моден бизнис.

Lakme Fashion Week 2014 Lakme Fashion Week 2014

Во мај, првата дама на САД, Мишел Обама на отворањето на новиот центар за мода „Ана Винтур“ во рамките на музејот Метрополитен во Њујорк, носеше флорален свилен фустан од американски дизајнер, но со индиско потекло Нием Кан.  Истата недела, младата икона на стилот, актерката Лупита Нјонго беше облечена во раскошен фустан со златни детали потпишан од индиско-американскиот дизајнер Бибу Мохапатра, за време на коктел забава во Белата куќа. Ова гласно зборува за тоа дека тоа што го нуди источниот моден дизајн на голема врата е прифатено дури и од оние кои ја креираат интернационалната модна слика и ги насочуваат глобалните модни текови.

Мишел Обама во креација на дизајнер со индиско потекло Мишел Обама во креација на дизајнер со индиско потекло

Индиските дизајнери исто така во последно време се едни од најзакитените со модни признанија и награди.  Дизајнерот Раул Мишра од Индија, е именуван за победник на годинешнава интернационалната награда Woolmark во музејот Триенале во Милано, благодарение на неговиот исклучителен талент за изработка на богати везови на деликатна волна.

Раул Мишра

Сестрите Никита и Тина Сутрадар, кои ја предводат модната етикета Миунику базирана во Мумбаи, во мај го добија престижното признание на модниот конгломерат LVMH за нивниот креативен графички дизајн.

Без сомнение, купувачите големо внимание посветуваат и на Индиската модна недела (Lakmé Fashion Week) во Мумбаи, која годинава се одржа од 20-ти до 24-ти август и која понуди 86 различно концепирани шоу програми. Овој исклучително значаен моден настан, не само за индиската туку и за интернационалната модна сцена, започна да се одржува од 2000 година и од тогаш е сериозна модна база која вистинските таленти во областа на модниот дизајн ги лансира во глобалниот моден бизнис.

Основачката на шопинг комплексот 10 Corso Como во Милано, Карла Соѕани која е членка во жирито и на Woolmark и LVMH наградите,  верува дека очигледниот прогрес на индискиот моден дизајн е благодарение на богатата и почитуваната рачна изработка, но и уметничкиот израз кој индиските дизајнери го преферираат во својата дизајнерка работа.

„Жените сакаат уникати или лимитирани парчиња, а токму тоа индиските дизајнери им го испорачуваат. Тамошните дизајнери имаат нов, свеж и спонтан однос кон креирањето мода што нема доприна точка со стандардизираниот западен моден свет“,  вели Соѕани.

Индиските дизајнери прават успешен микс на традиционалните индиски материјали со современите силуети, форми и технологии, што за западните купувачи е егзотично и скапо, а за пазарот профитабилно.

Друг клучен момент во промовирањето на индиската мода е сопствената индиска филмска продукција. Боливуд сериозно му конкурира на Холивуд, не само во однос на популарноста и прифатеноста на филмовите, туку и во однос на индиректните придобивки меѓу кои една е токму и промоцијата на индиската мода која се полесно се адаптира на барањата на западните купувачи.

„Кога пред неколку години бев во Њу Делхи, модата во основа беше сконцентрирана на тешки и пренатрупани везови и беше премногу „костумизирана“. Сега е драстично поинаку. Се’ е некако почисто и едноставно“, додава Соѕани во контекст на адаптирањето кон барањата на пазарот.

Успехот на модната индустрија во Индија доаѓа во време кога  паралелно се случуваат радикалните промени во општествената култура кои се очигледни. Индиските жени се’ повеќе се склони кон експериментирање со имиџот, и тука повторно се забележува миксот помеѓу традицијата и современите тенденции, што повторно навраќа  на модниот дизајн кој го диктираат новиот бран индиски дизајнери.

Се додека ја одржуваат својата оригиналност „во живот“ и не се претопуваат во постоечкиот западен „моден курс“, индиската модна индустрија ја очекува динамично прогресивна иднина.

Објавено:
27 август 2014
Категорија: 
Стории