Јазикот на модата: Кога сте надвор од „калапот“ – прогресивноста на супкултурите

26 јануари 2023

Стравот од неприфаќање од средината секогаш бил ризик фактор за бришење на индивидуалноста која нѐ прави посебни. Но, тој ризик никогаш не бил поголем од сега, кога со глобализацијата целиот свет се сведе на едно мало село. Затоа и впечатокот дека сѐ почесто и сѐ повеќе е присутна тенденцијата луѓето да наликуваат едни на други, се разбира како вештачка творба, како нешто што е наметнато.

Да се биде во „калапот" подразбира да се биде на „безбедно" и тоа не е одлика на оние кои ја поседуваат смелоста да отстапат од стандардот, горди на своите посебни карактеристики.

А таквите индивидуалисти постоеле отсекогаш и вообичаено тоа биле прогресивни ликови кои го "кршеле" ледот. Постојат и сега, можеби не ги гледаме на извикани места или на Инстаграм, но ги гледаме на културни збиднувања, концерти и изложби, поетски читања или едукативни саеми.

И многу често, таа слобода и растеретеност од очекувањата на општеството, се поврзуваат со одредени супкултурни движења. Секако модата е еден и значаен сегмент, од сите аспекти кои ја сочинуваат комплексноста на едно супкултурно движење.

Второто продолжение од нашиот серијал со теми под насловот: Јазикот на модата, го поврзуваме токму со супкултурните движења и алтернативната мода или анти-модата што тие ја интерпретираат.

Многу бои, апстрктни форми и цвет во коса - ХИПИ ЕРА

"Децата на сонцето" во поствоениот период при крајот на 60-те години од минатото столетие во САД, го предводеа движењето за мир, љубов и слобода. Со шаренилото од бои на својата облека како да сакаа да му се спротивстават на военото сивило. Тоа беше нивната првична цел, но тогаш можеби и немаа претстава колку нивниот лежерен стил, транспарентните кошули, ѕвонарките, несредените коси испреплетени со цветови-ќе влијаат на понатамошните модни приказни и на најзвучните дизајнерски имиња.

Незаборавната колекција на Роберто Кавали за пролет 2011 изобилуваше со хипи мотивации-многу реси, кошули и фустани со ѕвонеси ракави, лесни материјали.

Истата година Емилио Пучи се изјасни-Хипи стилот е тука за да остане! Долги транспарентни фустани со висок шлиц, марами на глава и длабоко деколте.

Строг и анархистички од – ПАНК

Sex pistols и The Clash беа музички икони во периодот на седумдесетите години кога анархистичкото ПАНК движење беше одбележје на тогашната младина, како отпор на општествените и политички манипулации . Токму со музичката историја на првите се поврзува и името на една од најконтраверзните модни фигури Вивиен Вествуд чии визионерски погледи во дизајнот беа инспирирани токму од елементите на ПАНК музиката. За жал, на почетокот од годинава светот се збогуваше со Вествуд која и самата до крајот на животот го живееше панкот.

Кожа, многу нитни, патенти, "мартинс" и "четка" на главата се радикалните моменти кои што поставија една нова основа во развојот на модниот израз.

Влијанието на оваа супкултура постојано се провлекува низ годините наназад честопати суптилно, но во последните неколку сезони е особено доминантно забележувајќи го во различни модифицирани варијанти во колекциите на светските дизајнерски имиња.

ДИСКО треска

Раните осумдесети години се во знакот на натапираните коси, афро фризурите, светкавите материјали и нагласените рамења. Диско ерата од моден аспект честопати се поистоветува со кич и невкус, но сепак современите дизајни честопати во еден свој момент позајмуваат детали од целиот тој микс на бои и форми кој милуваме да ги дефинираме како ретро.

ХИПСТЕР еклектика

Школски пример-да се биде хипстер значи да читаш некомерцијална литература, да слушаш проресивна музика и да имаш независни политички погледи, но и да облечеш опуштена кошула, а врз неа џемпер и да комплетираш со трегери и XXL очила со дебели рамки. Хипстер модата е особено актуелна кај младите интелектуалци, но не е исклучена ниту од модните писти.

 

Објавено:
26 јануари 2023
Категорија: 
Стории
Прочитано:
386 пати