Каде е македонскиот Џими Фалон?

5 јануари 2015

На самиот почеток, да разјасниме дека во текстот што следи нема да читате за никакви споредби на ликови, за никакви проповеди дека американските шоуа се најдобри и нешто особено квалитетни, туку само ќе се соочите со ТВ реалноста.

Без да се повредат нечии чувства или пак да се потцени нечиј труд, веќе е време да се апелира за она што се случува во македонскиот етер. Веќе подолго време живееме во ера на исклучителен недостаток од квалитетна програма исполнета со емисии и шоуа што ќе ве натераат да не мислите на тоа уште колку часа имате за спиење. Секоја чест на исклучоците, но веќе одамна требаше да се вклучи црвениот аларм за потреба, продукција и емитување на квалитетни емисии од македонско говорно подрачје.

 

Во време кога се тркаламе без правец во една турска машинерија за правење пари, во најбрз можен рок потребно е некој да ни го покаже патот. Тука никако не смеете да проговорите за немањето финансиски средства или пак квалитетни продукциски куќи што можат да го издржат „товарот“ на едно Дејвид Летерман шоу во ублажена верзија.

 

Таквите луѓе некако имаме навика да ги даваме... како Трајче што го дадовме последно, што не го пронајдовме први, што немаше кој да го пронајде... Сѐ додека без срам ги извезуваме талентите од земјава и сѐ додека не пратиме искусни да ги ловат, ќе жалиме зошто Игор се пресели во Слепче и ќе гледаме Јутуб ретро од Салон Хармони и Погрешно време.

И не дека во недела навечер не ја бодревме Елена во ТЛЗП, но зошто тоа време да не го потрошиме на квалитетен македонски производ со еден забавен водител, скромно столче и добар соговорник?

Не кажувајте дека нема ништо од тоа... ако се бара, ќе се најде! Можеби песимизмот што владее ги уништува за многу кратко време сите тие македонски ТВ проекти...можеби рејтингот, но тој доаѓа од незадоволните гледачи... А и како да се задоволни со полусмешни водители што сѐ уште ги учат прашањата на памет?

На подрачјето на цела Македонија мора да има еден Џими Фалон, Кимел... или Кери... И што е всушност со целата онаа „брзопоминувачка“ заинтересираност на новите ликови? Зошто Марјан Георгиевски повеќе не снима смешни видеа? Зошто брзо се заситуваат сите всушност? Па тој на неговите видеа имаше и повеќе од 200.000 прегледи и навистина беа смешни повеќето од нив!

На еден форум одамна прочитав еден супер предлог – за секоја увезена странска серија/емисија, македонските телевизии да мораат да снимат една домашна...Замислете колку би било убаво тоа!

Овој искрен предлог задолжително и итно мора да се пренесе таму каде што треба, додека и пензионерите не го изгубиле интересот за телевизија. Дедо ми веќе го стори тоа... Ја исклучи од корен!

Поентата е дека додека не ги пораснеме и вторите деца со Малечката невеста и додека не ги распееме уште повеќе со Ѕвездите на Гранд, преземете нешто...

Преземете, организирајте талент шоу, најдете нов шоумен, зошто ни здодеа зборот да го слушаме само до името на Џамбазов...

Употребете ги комичните и талентирани македонски актери и дај веќе снимете една серија... Во краен и неопходен случај, репризирајте! И онака Трст виа Скопје беше помодерна од сето ова денеска!

Објавено:
5 јануари 2015
Категорија: 
Стории