Како Елизабета стана кралица и ги надживеа сите?

21 април 2016

Кралицата Елизабета II денес го слави 90-тиот роденден. Родена е како трета во низата за наследство на тронот. Кога се родила, интересот на јавноста не бил воопшто изразен. Очите на јавноста биле вперени во нејзиниот харизматичен чичко, Едвард VIII, обожуван од народот.

Едвард и станува крал по смртта на неговиот татко, но се откажува од престолот поради љубовта кон Американката Волис Симпсон.

Бидејќи таткото, кралот Џорџ VI и мајката Елизабета немаат други деца освен Елизабета и нејзината помала сестра Маргарет, позицијата на британскиот монарх ѝ била загарантирана. Но, Елизабета II воопшто не била среќна што ќе стане кралица.

Сепак, уште од малечка, таа е една од омилените личности во Британија. Од милост дома ја викаат Лилибет, а и неа и сестра ѝ ги огледува гувернантата, која подоцна за Елизабета ќе каже дека била посебно дете, мошне уредно, педантно и со големо чувство на одговорност.

Во една пригода, Винстон Черчил ќе изјави дека Елизабета е голем авторитет и како уште од мали нозе кај неа се забележувала одлучноста.

Бракот со Филип кој потекнува од грчкото кралско семејство не е најдобро прифатен во Бакингемската палата. Најголемите противници за тој брак да се случи се нејзините мајка и баба и тоа најмногу поради фактот дека дел од неговите роднини имаат германско потекло. Сепак, венчавката се случи и тоа на 20-ти ноември 1947 година, две години по завршувањето на Втората светска војна.

Елизабета и Филип

И покрај тоа што Филип стана граѓанин на Британија и принц и војвода од Единбург, бракот го следат контроверзии поради тоа што тој е роден како православен христијанин, а неговите сестри биле во брак со нацисти.

Непосредно по венчавката, младата брачна двојка се сели на Малта, каде Филип бил стациониран. Ова мало место стана единствената земја покрај Велика Британија каде Елизабета живеела.

Крунисувањето на 26-годишната Елизабета важи за едно од најпопуларните кралски случувања во 20-от век, а нејзиното качување на престолот донесе нова енергија во банкротираната и воено исцрпена Британија.

За популарноста говори и фактот дека повеќе од 100 милиони луѓе го слушале преносот на радио, а 27 милиони го следеле на телевизија, односно каналот „Би-Би-Си“.

Инаку, малкумина знаат дека во текот на Втората светска војна, Елизабета работела како автомеханичар во територијалната одбрана на Лондон. Била мошне талентирана и вешта во поправањето на камиони и други возила, а управувала и со возилата за Итна помош.

Таа е одличен возач, но нема дозвола. Еднаш, сосема го шокирала саудискиот крал Абдулах, кога го повикала да се повози со неа на нејзиниот имот. Кралот бил изненаден дека воопшто знае да вози, а потоа останал шокиран од фактот колку брзо и вешто вози по тесни улички.

Нејзината љубов кон кучињата и коњите е добро позната, па затоа и информацијата дека обожува коњски трки не е за изненадување.

Елизабета и стилот

Првата асоцијација се капути во многу бои. Да, кралицата обожува да носи весели бои и квалитетни материјали (тоа нема потреба да се потенцира), како и цветни дезени и детали. Секогаш има сведен накит, шапка, ракавици и мали чанти.

Еве дел од нејзините стилски тајни:

-Чевлите секогаш имаат потпетици високи 6 см.

-Палтото никогаш не го соблекува во јавност. Фустанот е секогаш под колена.

-Во тренерки во јавност е фотографирана само еднаш и тоа за време на турнејата низ Канада во 1970-тата. Свилените тренерки се дизајн на кралскиот стилист Јан Томас, кој сакал да го модернизира нејзиниот изглед.

-Кралицата поседува повеќе од 200 „Лаунер“ чанти. Нејзините омилени модели е „Ројал“ и „Травијата“ (со димензии 23смх20смх10см). Чантата има подолга рачка, за да го олесни процесот на ракување.

-Секогаш носи ракавици долги 15 сантриметри. Од 1947 година, „Корнелија Џејмс Лтд.“ произведува десетици годишно само за кралицата.

-Свилените марами мора да се од модната куќа „Ермес“. Има огромна колекција на нивните марами.

-Од 1952 година, за секое отворање на Парламентот таа ја носи т.н. Државна круна, што е направена уште 1820-тата година за крунисувањето на Џорџ Четврти, на која има 1.333 дијаманти.

-Има чадор во соодветна боја за секоја комбинација. Компанијата „Фултон“ ги изработува специјално за неа.

-Шапките никогаш не смеат да имаат широк пречник, за да не ѝ го сокриваат лицето. Нејзиниот омилен изработувач на шапки е Рејчел Тревор Морган. При изработката на овој моден додаток, таа мора да внимава да не се премногу високи, за Елизабета II да може лесно да излезе од автомобил.

-Омилени ѝ се ¾ ракави, особено поради тоа што шансата да ги извалка додека јаде и не постои.

-Секое парче облека мора да има патент, за да може брзо и лесно да се облече и соблече.

-Тимот што се грижи за стилот на кралицата особено внимава таа да не се повтори ниту со боја ниту со комбинација. Тие точно знаат кога што носела и тука не смее да има грешки.

Елизабета со правнуците

Во Британија е обожувана. Секој петти жител сака да абидцира, а три четвртини од Британците се приврзани за монархијата. Единствениот момент кога британската монархија имаше криза на популарност е во периодот на смртта на принцезата Дајана во 1997 година. Елизабета тогаш ја обвинуваа за студен однос.

Елизабета со ќерка и' Ен

До сега посетила 117 земји, пропатувала 1.7 милијарди километри. Како што нема возачка дозвола, така нема ни пасош. До некаде и има логика, ако се има предвид фактот дека пасошите се издаваат во нејзино име, па би било малку чудно сама себе да си даде одобрување за патување.

Најновите портрети по повод 90-тиот роденден се направени од Ени Лебовиц.

А во продолжение погледнете 90 фотографии од животот на кралицата, по повод 90-от роденден:

Објавено:
21 април 2016
Категорија: 
Стории
Прочитано:
9.886 пати