Како навистина изгледаат подготовките за црвен килим?

7 ноември 2016

Она што ние го гледаме на црвениот килим, тоа појавување од неколку секунди всушност бара многу повеќе ангажмани одошто си претпоставуваме. И непосредно пред сезоната на големи настани од филмската и музичка индустрија, стилистката Кристина Пачели која работи со бројни познати личности (меѓу најверните клиенти ѝ се Лаврин Кокс и Лили Тејлор, но и Лорен Адамс, Грејс Мичел и други) и тоа токму за тие гламурозни појавувања, открива што сè треба да се направи за да биде сè совршено.

А ние ви го пренесуваме нејзиното искуство во продолжение:

 Кристина Пачели


Месец дена пред настанот

-Во овој период организирам, како што самата знам да го наречам, маратонски проби, каде што пробуваме купишта облека. Понекогаш ќе одбереме осум комбинации што клиентот би ги носел на различни настани во период од недела или месец дена – објаснува Пачели.

Таа додава дека откако ќе се одбере фустанот, како појдовна точка, потоа се креира приказната што накитот треба да ја раскаже, а за тоа се оди во брендовите за накит и тоа недели однапред, за сè да биде на време подготвено за големата ноќ.

Најчесто, пробувањето на секоја комбинација трае најмалку час и половина, а за зафатените ѕвезди е многу тешко да одвојат толку многу време.

-Понекогаш пробите ги правам во моето студио, а  понекогаш во домот на клиентот или хотелот каде што е сместен. Често ги закажувам пробите со дизајнерите во различни периоди. На пример, ако имам четири часа за да пробам пет различни комбинации, тогаш за еден час ќе пробам една, потоа друга во вториот час, третиот ќе дојде кројачот кој треба да изработи облека по мерка итн. Исто така, патуваме до дизајнерите. Една сезона моравме во еден ден во декември за осум часа да одиме од ателје до ателје  за да пробаме со секој дизајнер индивидуалнo.

Недела дена пред настанот

Иако живее во Њујорк, стилистката за време на сезоната на овие манисфетации, особено недела дена пред првиот настан се „сели“ во Калифорнија.

-Во Лос Анџелес имам автомобил, што е голема предност. Ако имам сосема исполнет дел, можам да возам од салон до салон. На Менхетен го немам тоа, па логистичкото планирање знае да биде ноќна мора, особено ако времето е лошо.

 

11 часа пред настанот

На денот на настанот притисокот е огромен.

-Се будам веројатно околу 6 часот наутро. Пробите се вршат до 1 часот наутро претходниот ден и во шест веќе сум будна бидејќи морам да го земам фустанот што се работел во текот на ноќта. Потоа земам кафе и банана или колачиња, затоа што ако не јадам, а ме чека цел ден трчање, ќе се онесвестам – вели стилистката.

 

9 часа пред настанот

До осум часот наутро таа е веќе со првиот клиент дента, за финална проба на креацијата што ќе ја носи вечерта.

-Тука се гледа и кој накит ќе се носи, дали ќе се употреби сè од одбраното или не. Имам асистент што ги прави финалните детали, а јас веќе заминувам на проба со вториот клиент од 10 часот.

Да се облекува повеќе од една позната личност, за голем телевизиски настан, како што се „Златните глобуси“ на пример или „Оскарите“ е навистина напорно.

-За да бидете стилист, мора да бидете добро организирани и да имате сè беспрекорно испланирано. Распоредот на клиентите го диктираат нивните публицисти, што ги сакаат во автомобилот и на црвениот килим во точно одредено време. Оваа година облекувам четворица на „Еми“ наградите, па на последниот ден мора да се подготвите да оди сè колку што е можно „подмачкано“, иако секогаш ќе излезе нешто. На пример, може да се предомислат во врска со чевлите. Затоа јас носам 20 до 30 чифта обувки на секоја проба. Пуштам барање за накитот месец дена однапред, затоа што има дијамантски парчиња што се уникати и тие се секогаш најбарани. Ваквите настани всушност за нас се натпревари. Мора да ги победите другите стилисти и да ги добиете најдобрите парчиња – искрена е Кристина.

Да се подготват четири клиенти не е воопшто едноставнно.

-Личноста што оди на црвениот килим последна е најчесто високо-угледна, односно најеминентната личност што ја облекувам за настанот. За „Еми“ наградите тоа ќе биде актерка со хит шоу.

 

Час пред настанот

-Возам, а клиентот е со мене во автомобилот, особено ако носи фустан што се тутка. Ако сум акредитирана за црвениот килим, одам да го држам „шлепот“ или да ѝ помогнам при чекорењето, за да не се истутка фустанот. Ако имаме шанса, дури и го исправаме фустанот од тутканици со пареа, пред да излезе од автомобилот. Понекогаш накитот е тој што може да го направи или расипе чекорењето по црвен килим. Една позната актерка еднаш изјави: „Ѓерданот не беше на средина, а јас чекорев цела вечер, мислејќи на тоа дали е совршено наместен“, затоа проверувам сè по неколку пати – вели Пачели.

Ако не е во можност да биде на црвениот килим, таа однапред се уверува дали е сè во ред со изгледот на клиентите.

-Клиентите сакаат да внимавате на секој детал во моментот кога ќе излезат од автомобил до црвениот килим. Исто така, секој клиент добива бонус часови за позирање на црвен килим. Правиме многу фотографии, за да одлучиме како треба личноста да стои, каде да ја стави раката, на која страна да ја префрли тежината и која е нејзината фотогенична поза.

 

 

За време на чекорењето по црвениот килим

Откако ѕвездата успешно ќе биде донесена до вратата на местото на одржување и подготвена за црвениот килим, обрските на стилистот не завршуваат.

-Се враќам назад во хотелот, го гледам шоуто, и се пакувам три часа. Сè што не сме искористиле, а тоа обично е многу, треба да се подготви за враќање, а работите се поделени помеѓуЊујорк, Лос Анџелес и Европа. Многу време е потребно за да се провери секое парче и каде треба да оди, во кој салон – вели стилистката.

 

Три часа по црвениот килим

После шоуто со награди, секогаш има забава, а Пачели и нејзиниот тим се подготвени за брза промена.

-Клиентот ми испраќа порака кога се враќа, а јас сум подготвена да ја облечам во нова комбинација. Фустанот е испеглан со пареа, а накитот и чевлите се извадени и подготвени. Тоа значи околу полноќ, па се фаќаат и повеќе од 12 работни часа. Најчесто на крајот од вечерта сме прилично мртви. Но, ако ми е дозволено да одам на некоја од забавите после манифестацијата, тогаш одам, затоа што во тоа време сум прилично гладна и сакам нешто да се напијам. Тоа е најдобриот начин за релаксирање. Но, понекогаш сум и премногу исцрпена и одам веднаш во кревет, бидејќи се случува следниот ден да морам повторно да станам во шест и да повторам сè од почеток.

Објавено:
7 ноември 2016
Категорија: 
Стории
Прочитано:
1.629 пати
Извор: 
Elle