Сите очи повторно се свртени кон Брус Џенер. Медиумите ширум светот не престануваат да објавуваат приказни и детали за неговото појавување како жена на насловната страна на Vanity Fair. Како вели самиот, сега можеме да го викаме Кејтлин.
За фото-сесијата беше задолжена легендарната Ени Лебовиц. Едиторијалот е направен во куќата на Кејтлин Џеер во Малибу, а зад интервјуто во кое открива сè за трансформацијата се потпишува Баз Бисинџер.
-Кога на прагот на смртта би криел тоа што сум, и кога ништо не би направил тоа да го променам, тогаш би го упропастил целиот свој живот – вели Џенер.
Инаку, некогашниот олимпиец веднаш го смени своето име и на Твитер профилот и напиша: „Среќна сум што после толку долга борба живеам како вистинската јас. Посакајте ѝ добредојде на Кејтлин. Едвај чекам да ја/ме запознаете“.
Изненадувачки или не, реакциите на Интернет засега не беа брутални како што сите очекуваа. Напротив. Му, односно ѝ даваат голема поддршка. По објавената фотографија многумина ја споделија, ѝ честитаа на Кејтлин, а овој чекор го сметаат за многу голем за LGBT заедницата.
Поддршка доби и од сестрите Кардашијан.
„Прекрасно. Биди среќна, биди горда, живеј го животот онака како што сакаш“, напиша Ким.
Инаку, насловната на Vanity Fair, како и едиторијалот се првото јавно појавување на Џенер како жена.
Токму затоа, магазинот направи и интервју со стилистката Џесика Диел, која работеше со тимот на фото-сесијата.
Дел од интервјуто ви пренесуваме во продолжение:
Многу долго ја криевте оваа тајна...
-Не беше многу лесно. Добивам многу пораки од пријатели, колеги и познаници кои ми се лути зошто ништо не сум споделила.
Колку време имавте за да ја стилизирате оваа насловна за месец јули?
- Не многу долго и не можевме да се подготвиме онака како што најчесто го правиме тоа. Обично одиме, не знам, во Валентино или Армани и кажуваме дека имаме снимање за насловна, па ги прашуваме дали може да ни позајмат некоја облека. За оваа насловна, морав да одам во продавниците кришно, да зборувам така што никој нема да дознае и да ги купам работите. И морам да признам дека беше и забавно.
Дали со Кејтлин претходно разговаравте за изгледот?
-Да. Отидов да се запознаеме и да разговараме за сè она што таа би го сакала. Со самото тоа што се работи за Vanity Fair, е мошне специфично. Не можете да облечете кежуал фармерки. Но, зборувавме и за нејзиниот стил генерално, во животот. Бидејќи доаѓа од семејство кое е мошне модерно и трендсетерско, се фокусиравме на стилот пред модата. Да нема ништо светкаво и блескаво, туку нешто навистина со стил....
Бевте во куќата во Малибу. Каде го водевте разговорот и колку траеше?
-Останав неколку часа, со мене имав фотографии од Лорен Бекол во The Thomas Crown Affair, како и други луѓе за кои сметав дека изгледаат одлично на црвениот килим. Исто така, и винтиџ фотографии од ѕвездите од Стар Холивуд. Џеки Кенеди никогаш не грешеше. А потоа зборувавме за снимање, како таа би се видела, а како другите во идеалниот свет во Vanity Fair.
Како сакаше Кејтлин да изгледа?
-Таа е Американка во многу нешта и на многу начини. Имаше некои одредени идеи за тоа во што се чувствува одлично. Но, тие идеи уште се обликуваат. Ќе има и експерименти и испробување на работи. Добро дојдовте во светот на женската мода. Имаме некогаш разминувања, но мислам дека таа има многу добра претстава за тоа во што се чувствува добро, а тоа се класични силуети. Таа има фантастична градба. Одлично ја одржува. Атлета е, па тонусот на мускулите е неверојатен. Витка е, па многу е лесно да ѝ се најде облека.
И ти и таа знаевте колку е важен изгледот на насловната страна и од културолошки аспект, но и поради фактот дека тоа ќе биде првиот впечаток на светот за неа...Дискутиравте ли за тоа колку ќе открие од телото?
-Не дискутиравме за тој дел многу. Мислам дека Ени и Кејтлин, а и сите ние се водевме од тоа дека ова е момент кога таа е конечно во своја кожа. Не постоеше дискусија за тоа да се снимаат голи фотографии.
Имавте ли други опции за насловната или корсетот беше однапред определен?
-Пробавме сè. Имавме фитинг кој траеше три или четири часа. Морам да кажам дека само две работи не ни се допаѓаа. Сè изгледа добро на неа. Тоа ретко се случува. Не знаевме однапред, едноставно си дојде само по себе, откако поминавме еден ден заедно. Мислам дека Ени веќе ја имаше замислено насловната, бидејќи таа во нејзината глава однапред ги има работите. Креацијата од Зак Посен беше прекрасна. Но, она што таа сакаше да направи е да биде отворена и искрена.
Уредникот Баз Бисинџер рече дека Кејтлин била многу опуштена на снимањето. Навистина ли беше така?
-Апсолутно. Би сакала дел од таа самодоверба. Ѝ беше удобно, беше самоуверена, а и немаше причина да не биде. Тоа можеби беше и највозбудливото нешто да се види – среќата што конечно ѝ е удобно во својата кожа. Најчесто не сум сентиментална за вакви работи, но тоа беше нешто најемотивно и отворено искуство што некогаш сум го имала на сет.
Се поставува прашањето, дали Америка и светот воопшто навистина станаа толку либерални, или пак се работи за големо лицемерие? Во земји каде што уште владее расизмот, предрасудите, дискриминацијата по разни основи и насилство, Кејтлин Џенер е добредојдена и поддржана.
Колку ваквите реакции се искрени и како ова ќе се одрази понатаму, останува да видиме.