Ако сте гледале макар една епизода на серијата „Gossip Girl“ , тогаш ви е јасно дека многу успешно е претставен младиот свет на Менхетен, финансиски осигуран од познатите и моќни родители.
Сајтот „Buro 24/7“ направи листа на новата генерација на „Gossip Girl“, но во реалниот свет.
Пред речиси две децении, примери и идоли се бараа во супермодели, актери, музички ѕвезди. Денес, вниманието и желбите: „да бидам како“ се насочени кон овие богати наследници.
Разликата помеѓу „златните деца“ некогаш и сега е во тоа што индискрецијата и лошото однесување често остануваа во херметички затворен круг на „посебните“, а татковците „дебело“ плаќаа за трачевите да не стасаат до насловните страни. Но, со појавата на социјалните мрежи, папараци и интернет порталите, работите станаа поотворени. Телефонски повик не може да го спречи појавувањето на одредена информација, па затоа и животот на „златните деца“ стана главна вест во речиси сите медиуми.
Во моментов, во Њујорк владее клан составен од деца со презимиња – Бранк, Матис, Кенеди, Трамп, Бенитез и Ворен. Оваа група на млади во раните 20-ти години, летата ги поминува на Сен Тропе и Ибица, каде пловат на мега јахти, во друштво на пријателите од целиот свет. Ноќите ги поминуваат по ексклузивни њујоршки клубови, како Boom Boom Room, кој се наоѓа на врвот на „Standard Hotel“ каде се одржуваат важни модни забави во градот.
Секој чекор го документираат на Инстаграм. Па, во продолжение запознајте ги:
Питер Брант Џуниор
За добрите гени може да им се заблагодари на родителите – супермоделот Стефани Сејмор и Питер Брант, познат бизнисмен, колекционер на модерна уметност и сопственик на магазинот „Interviеw“. Питер Џуниор е дел од постојаната модна постава која се забавува по Менхетен, вклучувајќи ја и Мишел Родригез (актерка и модел), како и неговиот помал брат Хари. Во последно време, младиот Брант има проблеми со законот. Пред две недели е исфрлен од авион поради алкохолизиран испад, при што вербално го малтретирал персоналот, а потоа и полицајците што го привеле. Адвокатот го одбрани со реченицата: „Мојот клиент е идиот!“. Неодамна повторно заврши во трачарските рубрики. Причина беше сметката од 2.000 долари направена во трендовскиот ресторан „Noba“, која на крај одбил да ја плати и си заминал. Њујоршките медиуми пишуваат дека татко му му ги забранил картичките, затоа што веќе не може да го контролира. Наводно. Обожавателите и медиумите го нарекуваат оригинална верзија на Чак Бас од „Gossip Girl“.
Кира Кенеди
Нејзиниот татко е Роберт Кенеди, потомок на највлијателното политичко семејство. Своето јавно деби Кира го доживеа на балот на дебитанти во Париз. Оттогаш е редовна гостинка на страниците на забавните рубрики кои ги следат ноќните движења на младите и богати. Негативно медиумско внимание доби минатата година, кога со лажна лична карта се обиде да влезе во ноќен клуб. По одбивањето на обезбедувањето, таа почнала да вика: „Јас сум Кенеди, изгуглајте ме“. Неодамна на Инстаграм ѝ се закани на новинарката на „Њујорк Пост“, која напиша негативен осврт на текст поврзан со нејзините пријатели. После заканата, новинарката напиша уште еден, нов текст, со наслов: „Кенеди ме малтретираат на социјалните мрежи“. Треба ли да се спомене дека во оваа приказна мораше да се вмеша и нејзиниот татко, за кој овој тип на внимание е непотребна и мошне го разлутила.
Гаја Матис
Софи Матис, внуката на еден од најпознатите сликари на 20-от век, Хенри Матис и ценета уметница е мајката на Гаја. Поголемиот дел од животот Гаја го поминува во Париз, но средно училиште запишува во Њујорк, каде и се сели со мајка си. Во оваа група на млади, Гаја е најслободна, а доказ за тоа се и нејзините објави на „Инстаграм“. Доколку би требало да се прави споредба, Гаја би била новата Парис Хилтон, што славата ја доби благодарение на забавите по клубовите и кавгите со младите холивудски актерки – сите се сеќаваме на војната со Линдзи Лохан. Гаја сака да стане актерка, па затоа и оди во училиште за глума во Њујорк, кое ѝ го препорачал Мики Рурк.
Едрју Ворен
Во оваа приказна, Блер Валдорф е машко и се вика Ендрју Ворен. Да се започне свој бренд не е ни малку лесно, но на Ендрју му е малку полесно. Неговиот дедо е Дејвид Ворен, легенда на американската мода, кој зад себе го остави модниот бренд за жени: „Just Drew“, кој пак по медиумите го рекламираат неговите пријателки. Ворен е често присутен на сите забави, а девојките постојано го следат. Секој ПР во Њујорк го сака неговиот телефонски именик, преполн со млади богаташи, желни за добра забава.
Тифани Трамп
Ќерката на Доналд Трамп и Марла Маплес не живее во Њујорк, но од милост ја нарекуваат своја членка. Тифани порасна со мајката во Лос Анџелес, а студира социологија на универзитетот во Пенсилванија. За нејзиното име нема многу скандали, како впрочем и за останатите деца на Трамп. Иако ги посетува забавите во Њујорк, се држи на страна и внимава на имиџот.
Реја Бенитез
Оваа убавица е ќерка на легендарниот музичар и диџеј Џон Бенитез, кој во 1980-тите продуцираше хитови за Мадона и Витни Хјустон. Како пренесуваат странските медиуми, нејзините родители важат за строги, па училиштето им било на прво место, па 23-годишната девојка не е премногу експонирана на социјалните мрежи. Но, сè се сменило по влегувањето во „Gossip Girl“ друштвото, па е мошне популарна на Инстаграм. Нејзината желба е да продолжи по стапките на татко ѝ, а првата Диџеј забава ја „одработила“ на роденденот на Гаја Матис.