Приказни од градот

Кокан Ајановски: Трчањето ме научи да не се откажувам, никогаш!

21 февруари 2020

Кокан Ајановски трча низ животот со полни гради, со чиста мисла, со енергија што зрачи позитива, правејќи го денот поубав и за себе и за сите околу него. Спортската јавност го познава како еден од нашите најуспешни маратонци, државен првак повеќе од 20 пати, репрезентативец со врвни интернационални достигнување, со фасцинантно портфолио од досегашните 12 години активно трчање.

На договореното интервју дојде насмеан со сета своја пријатна енергија, правејќи ни го и нам денот уште посончев.

Поводот за разговорот беше неговата книга, збирка од приказни раскажани под насловот „Трчањето ме учи". Кокан несебично решил целото свое искуство и пасија да го пренесе на хартија и да ни открие на што всушност го научило и го учи трчањето.

Промоцијата е закажана за 24 февруари, во „Public room" со почеток во 19 часот, а зад издавањето на книгата стои издавачкиот центар „Три".

Уживајте во разговорот како што уживавме и ние.

Кокан, што е трчањето, ако не е само спорт?

-Трчањето е начин на живот. Кога на човек ќе му влезе во крвта, буквално размислува на трчањето секојдневно. Затоа што со трчањето човек убаво се чувствува, го исполнува... Сите активности што ги прави во текот на денот се под влијание на трчањето. Во превод тоа би значело: во денови кога не трчаме сме помалку расположени, а во спротивно, кога практикуваме трчање, сме посреќни и порасположени, полни сме со позитивна енергија. Така што на оние на кои ќе им стане начин на живот, не можат ни да замислат како е да не трчаат.

Симболичниот наслов на книгата „Трчањето ме учи", природно го наметнува прашањето: На што Ве научи/учи трчањето?

-Трчањето за мене, но и може и генерално да кажам, е животен учител. Затоа што кога секој ден би поминувале по саат-два размислувајќи за некоја работа, ќе ни дојдат и многу одговори. А токму тоа е времето кога ние трчаме. Како трчаме, ние учиме. Мене конкретно трчањето ме научи на дисциплина, да се грижам за своето здравје, да внимавам на исхраната, генерално да водам здрав начин на живот, да воспоставам еден подобар однос со себе. Кога спортуваме се лачат хормони на среќа, па оттука сме и попозитивни. Трчањето ме научи и да не се откажувам, никогаш! Да си поставувам цели и да ги реализирам истите. Да бидам подобра личност. Преку тој начин и животен стил, давам и порака до другите луѓе.

Вашата пасија кон трчањето ја ставивите и на хартија. Што Ве предизвика на оваа мисија?

-Не беше планирано да напишам книга, исто како што и не сум планирал дека ќе трчам во животот. Меѓутоа, бев многу мотивиран. Секогаш кога ќе завршев со некој тренинг, убавото чувство кога ќе се вратам дома, ми доаѓаше да го споделам на статус преку социјалните мрежи и така започна сè. Луѓето наоѓаа мотивација и инспирација во тоа што ќе го напишев на социјалните медиуми и ме охрабруваа да напишам нешто повеќе. Па почнав да размслувам во таа насока, тоа позитивно искуство да го пренесам на хартија. Ги искористив сите тие претходно напишани текстови, а специјално напишав и нови и од сето тоа направивме една збирка. И морам да кажам дека сум презадоволен од конечниот материјал. А читателите секако ќе ги споделат и своите впечатоци.

На што ќе ги научи читателите „Трчањето ме учи"? (Или како што велите и во предговорот: Како да се чита?)

-Обично се подразбира книгата да се чита хронолошки, од почеток до крај. Бидејќи „Трчањето ме научи" е една збирка на раскази, начинот на читање не мора да биде по запазен редослед. Може буквално да ја отвориме на било која страна, бидејќи секоја приказна е сама за себе и носи некоја порака. Во денешно време, кога луѓето се многу зафатени, во секое време може да ја отворат книгата и да прочитаат еден дел за позитвна мисла на денот. Но, секако доколку сакаат може да го тераат оној конвенционален начин на читање. Јас ќе бидам среќен ако книгата допре до луѓето, ако некој се промени на подобро, ако некој стане посреќен или ако почне да спортува, било што, што ќе ги насочи луѓето на позитивна промена.

Каде Ве води мислата кога трчате?

-Зависи во каква животна фаза сте и во каков период. Бидејќи јас трчам и на високо ниво, сум меѓу најдобрите во Македонија, веќе години наназад, размислувам за тренингот... Како да го одработам, се фокусирам на тоа. Но, кога доаѓа период кога завршува оној потешкиот дел од тренингот или кога имам момент на релаксација, тогаш буквално може да размислувам на секојдневниот живот, да пробам да решам некој проблем... Па од мое лично искуство може да кажам дека одлуките за некои прашања во животот ги носам, додека трчам.

Колку се пресретнуваат Кокан на тркачките патеки и Кокан низ животниот маратон? Брзате ли низ животот колку што сте брз на патеките? Каков е Вашиот темперамент приватно?

-Можеби не сум толку темпераментна личност, но сум константен. И ако за нешто наумам, можеби тука и хороскопскиот јарец има влијание, никогаш не се откажувам. Така што доколку наумам нешто и сметам дека е исправно, ќе го направам по секоја цена. И светот да е против мене, јас ќе го истерам.

Во еден дел од книгата велите дека „вашите светови се срушиле" по разочарувањето од фазата што следува по формалното образование. Сте се соочиле со бедната слика на реалноста во нашето општество. Но, тоа Ве охрабрило конечно да почнете да верувате во своите соништа?

-Има многу приказни низ животинскиот свет, како на пример онаа кога одредени инсекти треба да поминат низ многу фази за да се преродат на некој начин, да достигнат нешто убаво, така и кај мене. Среќен сум што успеав тоа што според мене не ми беше баш соодветен избор во животот, да ми биде мотивација и да направам промена, да се изборам за тоа што го сакам. Можеби да не било тоа разочарување, не би го направил она што денеска го живеам – а тоа е животот што сум го посакувал од дете. Работам како тренер, имам школа за трчање, секој ден го правам тоа што го сакам. Јас не можам ни да кажам дека работам, туку уживам. Совет до сите, ако некогаш ви се случи во животот нешто негативно, нека ве мотивира да тоа биде пресврт кон подобро.

Ќе се сложите дека во трчањето има есенцијална психологија? Велите дека самите секој ден си ги одредуваме новите почетоци?

-Во спортот има многу психологија. Како мислиме, таков живот живееме. Она што го замислуваме секој ден на тренинг, тоа и се остварува. Како и во други животни фази, јас на секоја трка сум си ја замислувал однапред победата. Сум се визуелизирал. И кога навстина на крај сум ја остварувал целта, сум се ежел дека е вистина. Некои викаат дека позначајна е психолошката вредност, некои физичката, но дефинитивно и едното другото се многу важни за една компактна успешна целина.

Фото: Издавачки центар „Три“

Вие сте инспирација за многумина. Но, кој или што Вас ве инспирира?

-Јас секогаш советувам да имаме цели во животот. Мојата прва цел беше едноставно да уживам во трчањето, тоа ме прави среќен. Почнав да трчам за да бидам исполнет, да избегам од негативна енергија, од секојдневни проблеми... Потоа кога увидов дека тоа ми се допаѓа, си поставив повисока цел, барав нова мотивација. Пробав да бидам најдобар во тоа поле. Па си поставив уште една цел, откако прв пат станав шампион, да го повторам успехот пак. Па да бидам македонски репрезентативец. Па да го подобрам своето најдобро време. После 12 години активно трчање и по толку шампионски титули, повторно си барам инспирација. Иако сум ги остварил тие повисоки цели што сум си ги поставил, не заборавам да бидам благодарам на најосновните нешта, што можам да трчам, што сум жив и здрав, имам круг на луѓе со кои тренираме заедно... Во секоја животна фаза си барам различен тип на мотивација.

Повеќе од 20 пати сте државен првак, зад себе имате врвни интернационални достигнувања, извонредно портфолио... Па за таков профил на човек каде е следниот предизвик? Која е следната цел?

-Интересно е ова што испадна со книгата. За мене тоа е ново поле. Ме интересира како ќе биде прифатена од читателите. Ако биде добро прифатена, нкогаш не се знае, можеби тоа ќе биде подвиг за некоја друга амбиција. Во поглед на трчањето, целите ми се и понатаму да учествувам на државните натпревари, да пробам да бидам повторно шампион или меѓу најдобрите... Највисока цел ми е постојано да сум здрав и среќен, секако преку спортот. Да бидам позитивна личност и да придонесам за подобро општество за сите.

 

Објавено:
21 февруари 2020
Категорија: 
Стории
Прочитано:
944 пати