Колку чини да се биде Ана Винтур?

21 февруари 2014

Модата и модните магазини се убава бајковита приказна која им се продава на сите оние кои имаат богатство да потрошат на парче со потпис од дизајнер, а сон за останатите. Но, за да се создаде целата приказна потребно е да се создаде квалитетен тим. Позитивните страни од модниот свет ги гледаат само оние лица чии родители или роднини создале познато име во модното новинарство, а останатите едвај врзуваат „крај со крај“ кога треба да ја платат астрономската кирија во Њујорк или Лондон.

Како и секогаш добрата „амбалажа“ ни одблиску не ја претставува реалноста на другата страна  за живеењето и дишење во духот на модата. Тоа најчесто завршува со големи задолжувања кога ќе се излезе од слатката фантазија и кога треба новинарите да се соочат со реалните трошоци, кои се повисоки од оние што тие може да си ги дозволат. Сепак бидејќи во секое зло има и добро,  за разлика од кај нас, на Запад работите фунционираат на поинаков начин, односно тука се придобивките!

Работата во реномиран магазин значи дека ќе работите само за да ја отплатите киријата, но на себе ќе носите маица од Миу Миу, која на вашата уредничка повеќе не и се допаѓа, ќе одите на службена вечера во ресторанот „Чипријани“ на Вол Стрит,  ќе имате бесплатен влез на сите ВИП забави, а доколку имате среќа, ќе бидете дел од тимот кој ги шета светските метрополи за време на модните недели.

Ова создава голем притисок за обичните смртници кои сакаат да успеат во својата професија.  Големата конкуренција не дозволува никакви пропусти , а сепак медиумскиот тим не го чинат само уредникот со двајца новинари, туку тука се помошниците, графичките дизајнери, соработниците и волонтерите.

Кога доаѓа периодот на модните недели, стилистите имаат најголема одговорност да изберат комбинации од најновите колекции за нивните уредници и тоа пред се заради уличните фотографи, поради кои т.н. саемска мода се претвори во модно чудовиште, односно уличниот стил ги диктира правилата за претстојните трендови.

Од целиот хаос на улиците и за време на ревиите, само една личност е секогаш смирена со омиленото Лате кафе од Старбукс, неоптеретувајќи се за никој и ништо околу себе. Таа успеа за време на својата долгогодишна кариера да изгради толку јак статус како ниту една пред неа, а доволно е само еднаш да замавне со раката и толку да биде од градењето на вашата професионална кариера. Само сетете се на документарецот „September Issue“ и на нејзината ладна реакција кон дизајнерот Стефано Пилати.

Медиумите често јавуваат за сумата пари која се троши за покривање на некоја модна ревија, па изгледа дека рецесијата е само моментална состојба која може да се прочита само во Њујорк Тајмс. Познато е дека Вунтур секогаш патува со својот тим од 10 луѓе, меѓу кои се новинари, уредници и стилисти. Њујорк Пост објави дека трошоците за претстојот, патот и изнајмениот Мерцедес изнесува 250. 000 долари. Ана секогаш претстојува во парискиот хотел „Ritz“ каде едно ноќевање изнесува 12. 000 долари, додека нејзиниот тим претстојува во„ Crillon“ или „George X“. Во оваа цена не спаѓаат вечерите и приватните забави кои уредничката на американскиот Вог ги прави во затворен и одбран круг на луѓе.

Исто така Винтур има потпишано договор со медиумската куќа дека секоја сезона има право да купува облека во износ од 200. 000 долари. Пред неколку години дадилката на нејзината ќерка ги собирала штиклите, чантите и облеката која Ана ги носела само еднаш и ги фрлала и ги продавала на eBay. Покрај сметката која и е на располагање, тука се и поклоните чија вредност е над 100. 000 долари и да не заборавиме дека заработува два милиони долари како уредник на Вог и плус од 2013 година, буџетот го надополни со тоа што стана креативна директорка на Condé Nast.

Ана Винтур е можеби единствена личност во модното новинарство која ужива угледен статус благодарение на својата професија. Спој на работата и задоволството – благодет само на ретките исклучоци.

Објавено:
21 февруари 2014
Категорија: 
Стории