Колку чини да се добие Оскар?

24 февруари 2016

Филмските студија трошат милиони долари секоја година на кампањи за нивните филмови и за да го привлечат вниманието на 6.000 гласачи за Оскари, со надеж дека ќе ја освојат наградата.

Но, функционираат ли така работите?

Сте слушале ли за актерка која платила за нејзино промовирање, порачувајќи им на гласачите за Оскар да размислат за неа? Или за холивудски продуцент кој бил отстранет од церемонијата поради кампања против конкурентскиот блокбастер?

Тоа се само два примера од мноштвото, за обид да се влијае врз одлуката да се добие престижната награда.

Инаку, проценката за вкупните трошоци на Холивуд за оскаровската кампања се движи од 100 до 500 милиони долари секоја година.

Филмскиот продуцент и блогер, Стефен Фолоус одлучи да сподели дел од информациите што ги добива од прва рака, од колегите од индустријата. Така, цената за кампањата за остварувањето што би ја освоило наградата за најдобар филм се движи околу 10 милиони долари, а најголем дел од парите одат на реклами, медиуми, новинари...

Реклами

Во оскаровската сезона, студијата агресивно трошат пари на реклами во популарните медиуми, учтиво потсетувајќи ги гласачите на вредноста на филмот и перформансот на актерите во него.

Реклама на насловната страна во Hollywood Reporter во оскаровската сезона чини и до 7.200 долари.

Во 2011 година, актерката Мелиса Лео, фрустрирана од недостатокот на главно присуство во медиумите, платила за своја реклама, со цел да ги „издигне“ своите актерски способности и перформанс во филмот Fighter. Поради ваквиот чекор некои ја обивнија дека „игра грубо“. Но, за неа тоа беше добар начин, бидејќи дома си замина со Оскар за најдобра споредна улога.

Валкани тактики

Но, постои и мрачна страна на сето ова – постои селектирана група на консултанти за Оскар, чија работа е да ги „всадат“филмовите за кои се ангажирани, во умовите на членовите на Академијата.

Тие се платени помеѓу 10.000 и 20.000 долари по филм, но таа сума лесно може да стане двојно или тројно поголема, доколку „клиентот“ стане номиниран, или пак освои Оскар.

Членовите на Академијата прават селекција на проекции во Лос Анџелес, Њујорк или Лондон. Тогаш и ѕвездите се појавуват лично, или се во публика, па прашуваат или одговараат на некои прашања. А и „буцкачите“.

-Тоа се високо платени, остри новинари, публицисти, што ги познаваат членовите на Академијата, знаат како да дојдат до нив и што им се допаѓа – вели новинарот на Hollywood reporter, Гејл Марфи.

Отвореното подмитување секако е забрането, но гласачите велат дека во очи на официјалните номинации се „натрпани“ со подароци.

-Сум добивал книги, кувари, секакви ситници до кондоми со ликот на Линколн. Тоа е смешно – изјави анонимен гласач за Hollywood Reporter во 2013 година.

Од 2011 година, со новите правила на Академијата, секое директно лобирање, телефонски или по пат на електронска пошта е забрането. Исто така, после објавените номинации, на студијата не им е дозволено да држат отворени проекции, со бесплатна храна или пијалак, што беше една од омилените тактики претходно.

Негативни коментари

Коментари, дали директни или преку социјалните мрежи, што фрлаат негативно светло на конкурентските филмови се повеќе од пожелни. Во 2010 година, Николас Чартиер, еден од продуцентите на филмот Hurt Locker, беше забранет, односно отстранет од Оскарите бидејќи преку мејл се обиде да ги убеди гласачите да го поддржат неговиот наместо „филмот од 500 милиони долари“, јасна референца за конкурентот во категоријата најдобар филм – Avatar.

Hurt Locker победи таа година, но продуцентот ја доби статуетката дури месец дена по одржувањето на церемонијата.

Постои сомнеж дека оскаровските консултати се во голема мера одговорни за постојаните негативните приказни што се појавуваат во медиумите во сезоната на награди.

Дали сè тоа вреди? Едмунд Хелмер кој се занимава со фејсбук анализи, кога ги собра сите резултати за 2013 година, вели дека можеби и не.

Според неговите податоци, остварувањето со награда Оскар за најдобар филм, успеал да заработи само 3 милиони долари, што е многу помалку од 14.2 милиони долари што ги заработел по одржувањето на „Златни глобуси“.

Дел од причината може да е поради тоа што Оскарот е на крајот од долгата сезона на награди.

Друга, посебна студија од 2014 година вели дека добивањето на Оскар ги зголемува приходите на актерите за 3.9 милиони долари, но на актерките за 500.000 долари.

Едмунд Хелмер, кој пишувал и за „Златните глобуси“ и за „Оскарите“ вели дека трката не е само за што поголема продажба на карти на филмот што ќе победи.

-Наградите им носат многу нови можности на победниците – и секако, неизмерното задоволство од победата – смета Хелмер. 

Објавено:
24 февруари 2016
Категорија: 
Стории
Прочитано:
942 пати
Извор: 
bbc