Колку чини една свадба?

15 април 2015

Да, покрај неколкуте други, тоа дефинитивно треба да биде еден од најсреќните денови во вашиот живот! Во екот на најбараната (пролетна) сезона на свадби, дека во зима не се прави свадба, накратко да ги резимираме клучните работи поврзани со свечената церемонија.

Откако момчето ќе се реши дека е вистинско време да ги изговори веројатно најстресните зборови во неговиот живот, почнува вистинско патешествие за идниот млад брачен пар, или постар…сеедно.

И додека порано откако ќе се случел овој „свет“ чин, младите заедно со родителите се упатувале единствено кон хотел Метропол каде немало шанси да нема место за свадба, денеска треба да одвоите неколку дена за пронаоѓање на совршената локација.

Бидејќи „гламурозната“, или во превод традиционално скапа свадба, по дефолт не е ваш избор, туку на родителите кои не сакате да ги разочарате и да им го скратите задоволството, се подразбира дека бараме место за минимум 250 луѓе!

Откако длабоко ќе се разочарате поради тоа што кај вашите првични опции нема место за закажување за следните две години, се упатувате кон локацијата која веќе е задолжителна, бидејќи само таму можете да ги сместите и познатите и непознатите, бројни гости на вашата свадба.

Веднаш откако ќе ја одберете локацијата, без да помислите на одмор или спиење, се упатувате кон најдобрите и најпознати бендови и фотографи, а потоа и кон најфенси продавничките за китење, украсување, покани и декорации, од каде купувате тракатанци дури за да ја украсите и бањата!

Кога ќе потрошите неколку просечни македонски плати на хартиени и тантелни мали „нежни“ демек декорации, повторно се враќате на музиката и фотографите!

Откако ќе се консултирате со неколку двојки кои правеа свадба пред вас и ќе ви кажат дека тоа студио и таа група се топ и дека направиле лудило кај нив на свадба, без размислување ги викате нив, иако тие немаат ни допирна точка со онаа музика со која вие сте емотивно поврзани (дека многу од гостите не слушаат рок)!

Да се вратиме малку по дома...Дека досега не потрошивте доволно пари, баш пролетва пред свадба е совршено време да „искречите“ и да ја направите крем фасадата по која долги години „пекаа“ домашните.

Балканскиот менталитет тука уште еднаш меша прсти, и наместо парите да се наменат за патување на младите или помош при уредување при вселување, интензивно се вршат градежни работи!

Откако ќе се поправи и најмалата дупка дома за да не ја видат сватовите, списокот на гости и редењето на масите е следна точка на дневен ред. Трошејќи драгоцено време кое со цело битие сакате да го поминете некаде надвор со пријателите, вие го „пикате“ и последниот братучед од седмо колено блиску до невестинската маса за да не се НАЛУТИ дека не можел да гледа или дека музиката му била многу блиску!

А добро, на кого младите да се налутат за секој потрошен денар за секоја една ситница која се вклопува во коцката наречена традиција? Зошто е толку важен во животот тој човек со кого прв пат се запознавте на тој,  најсреќен ден од животот?

Токму тој ден, треба да бидете со најблиските, со оние кои ви се јавија, дојдоа и заедно со вас го славеа новиот почеток до раните утрински часови. Оние на кои се потпиравте целиот живот и оние без кои не можете, бидејќи само тие, нема да се обидат да препознаат од каде е вашата венчаница, нема да се пожалат дека сте ги ставиле до вратата од каде им дувало цела вечер, ниту пак ќе кажат дека на менито од 20 евра му фалело уште едно парче месо!

Токму на тие луѓе не им е важна локацијата на вашата свадба, ниту пак кој ве шминкал, ниту пак колку јадење сте им спремиле на сватовите на денот на свадбата, ниту дали бабата или свекрвата имала поубав фустан… Конечно е вистинско време, не да ја заборавиме, туку да ја прилагодиме традицијата на условите што се изродија денес.

Да ја прилагодиме единствено на желбите на младите, на тоа каква музика тие сакаат, на тоа кое место во светот сакаат прво да го видат во заедничкиот живот...Кога утре ќе се зголеми семејството, на децата нема да им раскажете каков подарок сте и купиле на свекрвата, туку кое магично место сте го посетиле и колку сте биле среќни на вашата венчавка во дворот, затоа што на крајот на денот, само душата и љубовта се важни...И изборот на човекот со кого ќе го поминете остатокот од животот...

Пуштајте се од орото додека сѐ уште имате време!

Објавено:
15 април 2015
Категорија: 
Стории