Ако добро размислите, настрана сето она што го велат вашите родители, да го делите најважниот ден во животот со некого кого не сте го виделе долги години, баш и не е кул. Запомнете дека станува збор за ваша свадба и ќе биде сосема во ред вие да ги одберете вашите гости.
Доколку се одлучите да правите мала свадба, тоа ќе биде една од најдобрите одлуки што сте ги донеле во животот. Покрај финансиските бенефиции кои ќе бидат и повеќе од добредојдени, ќе направите денот што толку долго го чекавте да биде супер интимен каков што и впрочем треба.
Запомнете дека нема ништо страшно во тоа доколку испратите само неколку покани на блиското семејство и пријателите со кои вистински сакате да го споделите овој чин.
Обидете се да го скратите списокот на гости и да поминете квалитетно и забавно време со оние кои најмногу ви значат и биле тука за вас во најубавите моменти.
Во продолжение, прочитајте уште некоја причина зошто е добро да правите помала и интимна свадба која долго ќе ја паметите.
1.Ќе им посветите повеќе време на сите присутни
Доколку се одлучите за голема свадба со многу гости, голема е веројатно дека нема да видите 50 проценти од нив. Со помалку гости, ќе можете на сите да им посветите подеднакво внимание, а што е најважно, ќе уживате и ќе се забавувате со секој еден од нив.
2. Велете почесто „да“
Со самото тоа што ќе го скратите списокот на гости и свадбата ќе биде помала, ќе имате можност да велите „да“ за секој друг аспект на свадбата. Нема да морате да се грижите дали ќе имате доволно место за гостите, нема да има простор за нервоза и непотребни работи, туку едноставно ќе можете да кажете „да“ за сето она што искрено го сакате на вашата свадба.
3.Ќе имате повеќе опции за простор
Веројатно знаете дека за да го добиете совршениот простор, морате да одберете и закажете датум неколку месеци однапред поради ограничените места за свадби со голем простор. Со намалување на бројот на гости, се отвора можност за поголем број на прекрасни ресторани и места каде можете да го прославите овој ден.
4.Нема да има потреба да се срамите
Доколку сте од оние кои не можат да зборуваат пред голема група на луѓе или пак од оние на кои силно им трепери срцето кога треба да танцуваат пред 100 + луѓе, тогаш малата свадба е како создадена за вас. Нема да имате никакви проблеми ако го кажете судбоносното „да“ само пред вашите блиски, ниту пак ќе се срамите на првиот танц.
5.Кажете му на партнерот сѐ што сакавте
Кога сте во малиот и познат круг на пријатели, нема да имате проблем да му го кажете на партнерот сето она на што долго чекавте. Нека овој ден биде интимен и нека биде запаметен по таа посебна магија!
6.Денот ќе ви биде супер релаксиран
Помалку луѓе, помалку притисок! На вашиот најважен ден, воопшто не грижете се за тоа дали некому му треба превоз, дали се сите на број, дали на некого му треба сместување, едноставно избегнете го стресот!
7.Ќе ја избегнете семејната драма
Секое семејство е познато по тоа дека пред секој голем настан, како да обожува да драматизира. Без разлика дали се работи за покани, за храна, сместување на гостите, или пак обично декорирање, родителите секогаш ќе имаат бројни идеи кои ќе сакаат да се прифатат. Со самото тоа што ќе им кажете дека решивте да правите мала свадба, нивниот и вашиот притисок ќе се намали и се ќе оди совршено.
8.Венчајте се таму каде што отсекогаш сонувавте
Ако целиот живот фантазиравте да се венчате на плажа покрај море/езеро или пак на некое место кое за вас има посебно значење, сега ќе можете да го направите тоа. Покрај тоа што без проблем ќе ги одведете блиските да бидат со вас, тоа ќе биде и еден вид супер семеен одмор за кој долго копнеевте. П.С – По нивното заминување, вие ќе можете да останете уште неколку дена и да уживате во вашиот мини меден месец!
9.Вашата свадба ќе остане засекогаш запаметена
Да бидеме искрени, сите сакаме гостите од нашата свадба да си заминат задоволни и да кажат дека свадбата беше нешто навистина уникатно. Со самото тоа што истата ќе биде помала и поинтимна, имате простор за бројни идеи на кои сите ќе им се радуваат.
10.Нека биде луксузно...
Ако финансиите не ви се проблем, а сакате нешто што ќе остане запаметено, тогаш направете го сето она за што сонувавте. Во мал простор, совршено ќе изгледа впечатлив дизајн на цвеќиња, внимателно украсени маси и столчиња, разни видови на јадења, па дури и мали подароци за гостите на кои тие многу ќе се израдуваат.