Љубовниот живот на Тито - една голема љубов и четири брака

7 мај 2020

Пред три дена се одбележаа 40 години од смртта на претседателот на Социјалистичка Федеративна Република Југославија, иако официјалната погребна церемонија е одржана на 8 мај 1980.

Седми мај пак, е датумот на неговото раѓање. Јосип Броз Тито важеше за еден од најмоќните, а воедно и најшармантни претседатели не само на овие простори, туку и во светот.

А  на тој шарм не можеа да одолеат и многу жени. Четири жени можеа да се наречат негови сопруги, а една од нив, која не успеа тоа да стане, велат, била всушност и неговата најголема љубов. 

Додека бил млад и често без пари, жените ги освојувал со шармот, убавите манири и смислата за хумор. Со текот на време, авторитетот и власта станаа дополнителен афродизијак. Кога бил именуван за прв човек на КПЈ, со жените немал никаков проблем, „другарките“ паѓале и на неговата појава. Податоците во продолжение се според книгата на Пера Симиќ „Тито - феномен на 20 век“.

Пелагија Белоусова - Полка, првата законска жена на Тито

Родена е во близина на Омск, а потекнува од фармерско семејство и имала само основно образование. Ја запознал како воен заробеник во логорот во Сибир. Полка тогаш имала 16 години. Се венчаваат во 1919 година во Омск, после што доаѓаат во Загреб. Тие ќе имаат три деца  - Хинкo, Златица и Жарко, но ќе успее да преживее само Жарко. Во 1928 година, Тито е осуден на повеќегодишна робија поради комунистички активности, а Полка со Жарко се враќа во СССР. Се разведуваат, но Полка на тоа е присилена. Се среќаваат повторно во 1935 година, кога Јосип доаѓа во Москва да го најде синот Жарко. Пелагија пак, не успева да се спаси од сталинистичкото мачење во советските логори.

Тито, Пелагија и Жарко, фото: Wikipedia.com;

Таа во 1938 година ќе биде уапсена и две години ќе помине во затвор. Повторно ќе биде уапсена во 1948 година, како последица на несогласувањето на Тито со Сталин и на монтираниот судски процес ќе биде осудена на 10 години робија. Во 1957 година ќе излезе од затвор, ќе почине десет години подоцна во Москва, од инфаркт.

Причините за разделбата на Тито и Пелагија никогаш не се разјаснија. Но, она што се знае е дека кога Тито се враќа во Москва, 1935 година, Пелагија не ни знае каде е нивниот син Жарко, кој тогаш има 11 години. Броз го наоѓа синот во сиропиталиште и го зема со себе, а Пелагија никогаш веќе не ја ни спомнува. 

 

Луција Бауер, односно Ана Кенинг - втората законска сопруга на Тито

Луција и Тито ќе се земат во октомври 1936 година во Москва. Бргу после венчавката, тој ќе мора да се врати во Југославија, додека неговата сопруга ќе се грижи за Жарко, сместена во партискиот хотел „Лукс“. Требала да добие документи и со синот на Тито да заминат во Југославија, но тоа не ѝ успеало. Постои писмо во кое Тито зборува за Луција и за тоа како се грижела за Жарко Броз.

„Ми беше исклучително тешко сам со момчето (Жарко), затоа што работев во Коминтерна, а тој беше сам дома и често правеше неред во хотелот. Од управата на „Лукс“ постојано се жалеа на него. Кога се запознав со втората жена, Луси, ѝ предложив да дојде кај мене, затоа што се надевав дека таа ќе ми помогне да внимавам на момчето. Кога дојде кај мене, а јас видов дека таа убаво се грижи за него, се согласив на нејзиниот предлог и се регистриравме во „Лукс“. Тоа се случи на есен 1936 година, пред моето заминување во земјата на задача. Тоа го направив бидејќи таа се согласи на момчето да му стане втора мајка и да се грижи за него“.

Во писмото уште се вели како мислел дека таа „е проверена“, бидејќи „била ќерка на беден работник“ и „жена на истакнат политички работник на германскиот комсомол, кој бил казнет со 15 години затвор“, но ѝ верувал и поради тоа што германските комунисти ја пратиле да се образува во Москва. Сепак, во еден момент ќе почувствува дека би можел да има проблеми со неа, а кога слушнал дека била уапсена, се загрижил за својата кариера на која тој однос со Луција би можел да остави дамка.

Така, поради почитичката кариера ќе ја жртвува и Луција Бауер, свесен дека од партијата фактот дека бил со неа, можат да го искористат против него.

 

Херта Хас - третата сопруга на Тито

Броз од Коминтерната ќе добие задача да ги преземе југословенските комунисти, а КПЈ е во илегала. Нејзиниот главен пункт се наоѓал во Париз, а пасошот му го подготвувале Херта Хас и Владимир Велебит. Родена е во Марибор, а уште како студентка се приклучила кон комунистичкото движење. Член на КПЈ станала во 1936 година, а една подоцна го запознава Јосип Броз. Тито преку Истанбул, доаѓа во Југославија , а Хета Хас го чекала во Загреб. Броз ќе живее под името Славко Бабиќ. инженер, Србин по националност. Заедничкиот живот ќе го започнат во Црквеница, а откако ќе добијат пари од Коминтерната, ќе продолжат да живеат во една соба во населбата Селце во Загреб. Поради страв и неизвесност од животот во илегала, Броз ќе изгуби свест, а Херта ќе го спаси. Ќе почне војната, Тито ќе замине со Партизаните, а таа ќе остане во Загреб и ќе живее под името Марија Шариќ. Во една критична ситуација, за да не биде откриена, таа ќе си ги пресече вените. Сепак, ќе ја најдат припадници на Црвениот крст, сосема случајно и ќе ја однесат во болница, каде раните ќе ѝ бидат зашиени без анестезија. 

Херта Хас

извор: twitter.com;

„Војната нè раздели“, ќе каже во една прилика. „Не е лесно да ги пресечете вените, и тоа со нож кој е тап... Кога изгубив доволно крв, паднав во бесознание. Пред тоа, преземав уште нешто. Си реков, овој накит што го имам од Тито, нема да го носи ниту еден усташ после мене. Тоа ми беше полошо од се' друго. И првин го фрлив часовникот во тоалетна школка, потоа малиот платинест прстен кој Тито ми го купи во Москва, па потоа бурмата... ги однесе водата... А кога рацете ми беа чисти, си реков, сега може да ме имате. Што се однесува до Тито, знаев дека ќе биде тажен, ние се разделивме во најголемата љубов“.

Од таа љубов ќе го имаат и синот Миша. Тито и Херта ќе се сретнат повторно, но веќе ништо нема да биде исто и повторно ќе се разделат. Таа ќе замине во Словенија, каде ќе остане до крајот на војната. Подоцна ќе се омажи по втор пат, за адвокат со потекло од Македонија и ќе роди две ќерки, кои ќе станат угледни професорки на Универзитетот во Белград. Во својата исповед ќе рече дека не се лути на Тито и дека го разбира. Хас умира во 2010 година во нејзиниот стан во Белград, на 96 годишна возраст.

 

Партизанката Зденка, најголемата љубов на Тито

Легендата вели дека во 1943 година во текот на второто заседание на АВНОЈ во Јајце, Херта го фатила Броз со партизанката Даворјанка Пауновиќ - Зденка, курирка и секретарка на врховниот командант. Даворјанка била единствената жена за која Тито изјавил: „Јас без неа не можам!“. Овие зборови ќе ги изговори на партискиот состанок на членовите на Врховниот штаб, кој ќе има една точка на дневниот ред: „Односот на Тито и Даворјанка Пауновиќ“.

 
 
 
View this post on Instagram

A post shared by Obrisi prošlosti (@obrisiproslosti) onMay 1, 2020 at 6:56am PDT

Двајцата ќе бидат остро критикувани поради кршењето на партизанските морални норми, односно поради одржување на сексуална врска, иако не биле во брак. Едни ќе бараат негово исклучување од партијата, додека други да биде строго опоменат.

„Грешка е кога се мисли дека само поетите за својата поезија инспирацијата ја наоѓаат во саканите жени. И мојата голема инспирација за многу животни дела е девојката Даворјанка Пауновиќ. Од милост ја викав Зденка. Прекарот ѝ год дадов по непресушниот извор на бистра и студена вода, кој најчесто го има под некој камен и кој со својот изглед го освежува човека. Зденка беше непресушен извор на моите идеи и моите интелектуални, револуционерни и политички активности. Беше моја голема инспирација и телесно задоволство. Беше мој секојдневен ментален поттик до крајот на нејзиниот краток живот“, ќе рече Тито.

Двајцата ќе се запознаат на радио-телеграфскиот курс одржан во Загреб 1941 година. Тито како генерален секретар на партијата го набљудувал курсот, а убавата и мошне интелигентна Даворјанка не можел да не ја забележи. Иако била зафатена, меѓу нив се случила љубов на прв поглед. Од неа бил постар речиси 30 години, но тоа не било пречка. Можеле да ги заобиколат строгите партизански правила само под услов да се земат по завршувањето на војната, што секако планирале, бидејќи тоа и го посакувале. 

 
 
 
View this post on Instagram

A post shared by Field Marshall Josip Broz Tito (@josipbroztito_everyday) onApr 10, 2020 at 5:52am PDT

Зденка е родена во Пожаревац, во учителско семејство. Татко ѝ бил угледна личност, а таа после завршената гимназија  ќе се запише на Филозофски фактултет во Белград и ќе стане еден од главните активисти на студентското движење. После окупацијата на Југославија и преминувањето на Тито во Белград, Даворјанка и официјално ќе ја врши функцијата на негова секретарка. Кон крајот на 1945 година, ќе се разболи од туберкулоза, поради што ќе биде пратена на лечење во Русија. Во Белград се враќа неизлечена и умира на 1 мај 1946 година. Од тајниот дневник на Тито се дознава дека нејзината смрт длабоко ќе го погоди. Не кажувајќи никому, тој ќе нареди да ја погребаат во кругот на Белиот двор. Сакал неговата Зденка и мртва да биде во негова близина, а тоа била и нејзината последна желба. Од непознати причини, Тито на нејзиниот погреб не виканл ниту еден од своите соработници. Една од трите лични работи кои Тито секогаш ги носел со себе била и умреницата на Зденка.

Спомените на Зденка, Тито ги чувал во личен фонд. Таму има документи како течела историјата на болеста на Зденка, како и лекарски анализи кои докторите му ги праќале на Тито, здравствениот картон од Москва и изводот од книга на умрените. Покрај тоа, има и писма и честитки од нејзината мајка Бисенија и Тито.


Јованка Броз - последната љубов и најголема мистерија на Тито

Ја запознава во 1944 година, кога Јованка тогаш Будисављевиќ била партизанска болничарка. За тоа како се запознале има повеќе верзии, но се венчаваат на 15. април 1952 година. Таа е 32 години помлада од него. Најчесто може да се сретне приказната дека по завршувањто на Втората светска војна, министерот за внатрешни работи Александар Ранковиќ, побарал да му пратат група проверени девојки за работа во кабинетот на маршалот. Од околу 50 кандидатки, Ранковиќ одбрал пет, и лично им ги претставил на Тито, а тој веднаш ја забележал девојката со неверојатно густа црна коса и крупни очи, 24 годишната Јованка.

 
 
 
View this post on Instagram

A post shared by Lozen (@lozen_me) onApr 6, 2020 at 10:04am PDT

Инаку, Јованка уште од 17 година ќе стане дел од Сојузот на комунистичката младина на Југославија. Во 1943 година ќе биде ранета во нога и ќе се разболи од тифус. На 21 година ќе добие два Ордена за храброст, но и други високи почести.

Тито ќе ја запроси така што ќе рече дека неговиот живот бил „тежок и исполнет со стресови, лични губитоци и секојдневни неволји“ и дека чувствува дека со неа „конечно би можел да има спокој и среќа“. 

Иако во тој момент тие имаат пет заеднички години зад нив, Јованка ќе биде изненадена и исплашена од разликата во години. Но, подоцна ќе каже дека не ја ни почувствувала бидејќи Тито бил витален и полн со енергија.

Се венчаваат тајно во убавата вила „Дунавка“ со двајца сведоци. Светот ќе ја запознае како прва дама година дена подоцна, при државната посета на британскиот министер за надворешни работи Ентони Идн.

Тито ќе ѝ обезбеди соодветно образование, за неа ќе се шие најубавата облека и таа со својата појава ќе стане вистинска модна икона.

Но, односите ќе почнат да се заладуваат кон почетокот на 197о-тите. Додека таа ќе се обидува да го заштити сопругот од разни агенти, од друга страна пак, тие тврделе дека таа е таа што работи против својот сопруг.

Според извештајот од 1988 година, за Претседателството на СФРЈ, помеѓу 1974 и 1988 година, на вкупно 59 состаноци се расправало за Јованка. Овој процес наводно го започнал самиот Тито и тоа на 21 јануари 1974 година, кога наредил на Сојузот на комунисти на Југославија да основа специјална комисија која ќе го проучува “случајот на другарката Јованка“.

 
 
 
View this post on Instagram

A post shared by Marsal Josip Broz Tito (@marsal_josip_broz_) onMar 1, 2019 at 9:56pm PST

Нивниот брак со години нема да функционира добро, а некои кавги траеле и со часови. Во документ од 20. април 1975 година, докторите на Тито го информирале врвот на Југославија дека Јованка боледува од параноидно пореметување и дека не можат да одговараат за животот на Тито. Барале таа да биде отстранета од неговата близина.

Таа била и обвинувана дека е советски шпион, дека оддава државни тајни, дека тајно се гледа со српски генерали, но и за планирање на државен удар со генералот Ѓоко Јованиќ, а со цел да дојдат на местото на маршалот. 

Иако го молела Тито и на сите начини се обидувала да му се доближи, сепак тој на крајот ќе одлучи тие веќе да не живеат заедно. Официјално никогаш не се разведуваат. Таа пет години ќе живее оделена од него, а потоа ќе им прати писмо на членовите на Сојузната седница во кое ќе раскаже што се случило и како е исфрлена. Потоа, следи молчење. Од вилата во Белград, која беше втор дом на двојката, таа нема да излезе речиси 30 години. Практично, последен пат ќе биде вдена на 14 јуни 1977 година, на официјалниот прием на премиерот на Норвешка.

 
 
 
View this post on Instagram

A post shared by JUGOSLAVIJA / YUGOSLAVIA (@jugoslavija.sfrj) onOct 20, 2019 at 10:46am PDT

Три месеци по смртта на Тито, од Државната безбедност ќе ѝ бидат одземени сите лични документи, наследство, ќе ѝ биде оставено само малку облека и нешто накит, станот ќе ѝ биде конфискуван и целиот имот што го поседува и ќе биде преселена во куќа, во која нема да има ни парно греење. 

Ќе почине во Белград во 2013 година на 89 годишна возраст. Никогаш не се дозна зошто Јованка доби таков третман на крајот, што е тоа што не смее светот да знае, а Јованка да. Таа беше жена која повеќе од три децени живееше како кралица, а потоа речиси исто толку и како „затвореничка“.

Во последните три години од животот на Тито, исто така не успеала да се види со него. Се појави во јавноста за време на неговиот погреб.

 
 
 
View this post on Instagram

A post shared by (@jugoosss) onOct 20, 2019 at 10:53am PDT

На крајот, погребана е до Тито.

За неговиот живот постојат многу информации, но можеби најголемата вистина од сето тоа е дека никогаш и нема да дознаеме која е правата вистина. 

Она што стои како факт е дека на неговиот погреб имаше 127 државници. Дека неговот име го имаат улици во 17 држави во светот, дека на неколку континтенти има споменици во негова чест, како и дека за неговиот живот има бројни книги, студии, емисии и филмови. Вистина е дека Јоко Оно и Џон Ленон во 1969 на денот на неговата венчавка со Јованка Броз (15 април) му пратиле два желада за да ги засади „заслужените храстови на мирот“, кои и денеска стојат во тогашната резиденција во Белград.

 
 
 
View this post on Instagram

A post shared by Marsal Josip Broz Tito (@marsal_josip_broz_) onMar 30, 2019 at 7:27am PDT

 
 
 
View this post on Instagram

A post shared by Marsal Josip Broz Tito (@marsal_josip_broz_) onJul 30, 2019 at 2:55pm PDT

Објавено:
7 мај 2020
Категорија: 
Стории
Прочитано:
30.374 пати
Извор: 
http://urbanestrane.rs/