Дизајнерката и професорка Лидија Георгиева заедно со Марта Наумовска-Грнарова од „Завар Дизајн" земаа учество како претставници на Македонија на специјалната групна модна ревија „Јованка во боја" посветена на поранешната прва дама Јованка Броз, со која 50-то издание на Модната недела во Белград доби посебно вреден акцент.
Ревијата симболично се одржа на 29-ти ноември, датумот кога се славеше југословенскиот Ден на Републиката, во импозантната Палата Србија во Белград, како омаж на ликот и делото на поранешната прва дама која остави силен моден импакт на Балканот, но и на светско ниво.
Со свои оригинални дизајн концепти, ревијата ја збогатија 22 дизајнери од Србија и од земјите од поранешна Југославија, а особено значајна вредност се препишува на тоа што креаторите користеа оригинални материјали кои Јованка Броз ги добивала на патувањата низ светот заедно со Јосип Броз Тито.
Креациите со кои Лидија Георгиева ја претстави нашата земја беа концепирани под темата „Златен кафез".
„Голема чест и привилегија беше да се учествува на ваков настан. Самото место на одржување беше несекојдневно и импресивно, полно со измешани емоции за сите нас, и учесниците и публиката. Историскиот карактер и дизајн на овој центар на моќ, изграден од Тито, е и денес уредно сочуван, со огромни уметнички дела, слики, скулптури и декорација, па целосниот впечаток е навистина едно нуркање во минатото, на достоинствен начин и со почит. На ревијата имаше 40тина дизајни, меѓу кои нашите беа доста забележани, добивме многу комплименти од сите страни. Изработени се од историски материјали кои биле сопственост на Јованка Броз. Едниот изглед е геометриски строго обмислена пелерина и пантолани од зелена шантунг свила. Другиот изглед е фустан од луксузен свилен брокат со историски референци од средината на минатиот век. Целокупниот дизајн е обмислен со концепт на Златен кафез, такашто и двата изгледи се заокружени со уникатни модни додатоци изработени во соработка со Марта Наумовска Грнарова - Завар Дизајн. Со помош на нејзината инженерска и креативна енергија, им дадовме приказна на овие дизајни, кои беа забележани уште од самиот почеток. Ние таму настапивме како екипа од нашата земја и слободно можам да кажам од името на двете, дека имавме историски егзотично и уникатно искуство. Модата е навигација меѓу минатото и иднината, а во овој случај спој на дизајнерски и инженерски вештини", изјави дизајнерката.
Една од идеите на ревијата „Јованка во боја" е да се истакне моќта на модата како уметност – затоа што модата е уметност – што е всушност и пораката на 50-то, јубилејно издание на Модната недела во Белград. Како што може да се види преку примерите на Јованка Броз, моќта на модата го надминува облекувањето, туку може да биде дел и од културната дипломатија.
„Оваа ревија е омаж на Јованка Бриз и нејзиниот моден тестамент и не се знаимава само со нејзиниот стил, туку и со нејзиното влијание на модата бидејќи значајно влијаела на раздвижувањето на текстилната и модна индустрија во Југославија. Драго ми е што покажавме дека новото културно наследтсво на прекрасен начин може да ги инспирира уметниците од нашиот поширок регион", изјави Ненад Радујевиќ, основач на Модната недела.
Единствениот моден стил на Јованка Броз препознатлив по раскошните бои, материјали и детали, го инспирираше создавањето на 30-на нови модели зад кои се потпишаа и дизајнерите Александра Лалиќ, Игор Тодоровиќ, Тамара Радивојевиќ, Ана Љубинковиќ, Елфс, Марко Фехер, Петја Зорец, Соња Крстиќ...
Покрај новите модни интерпретации, беа прикажани и седум автентични фустани од гардероберот на Јованка Броз, како и оригинална војничка униформа од воената 1944 година, која ги воодушеви присутните, меѓу кои беше и нејзината сестра Нада Будисављевиќ.
„Дама, хероина, револуционерка, борец за женските права, беспрекорна домаќинка и гостинка во прилика на меѓународни средби, првата дама на движењето на неврзаните, но пред се гламурозниот симбол на СФРЈ, некрунисаната кралица на модниот стил како што беше опишана во странскиот печат, изгради препознатлив моден идентитет - монументален стил, сведени форми, нагласена половина и деколте , луксузни материјали, впечатливи бои и текстури, препознатливи фризури и модни детали. Облеката на претседателската двојка на Југославија се користеше како политичко средство за воспоставување авторитет за да се стават себеси, земјата и нејзината идеологија што ја претставуваат на рамноправна основа со помоќните политички лидери, културната елита, па дури и аристократијата. Разбивајќи го сивилото на источниот, социјалистички блок, Јованка вешто ги користеше и интензивните и пастелните бои, а често и белата за да биде видлива. И кога беше опкружена со најважните личности од тоа време, таа се издвојуваше, пленеше со нејзината убавина, држење, изглед и елеганција, прилагодувајќи ја актуелната мода на нејзиниот стил и рачно изработената, уникатна облека. Јованка Броз беше исклучителен културен и моден дипломат бидејќи на достоинствен, мудар и атрактивен начин ја претставуваше земјата во странство", со еден племенит, богат дискурс, го долови идентитетот и влијанието на Јованка Броз, модната дизајнерка и една од организаторките на настанот, Маја Недељковиќ Давидовац.
Погледнете дел од атмосферата доловена преку фотографиите на Ѓорѓе Томиќ.