Александар Јоксимовиќ е првиот и единствениот признат дизајнер на висока мода во Југославија.
Почина на 29 март 2021 во Белград, како последица на коронавирусот, а зад себе остави огромно модно наследство за кое што ќе се раскажува со генерации.
Ги облече тогашните најпознати дами, како Јованка Броз, го одби Диор за да креира во СФРЈ и остана доследен на традицијата и потеклото.
Работеше и креираше во Белград. Кариерата ја започнува во 1960 а се пензионира во 1997, повлекувајќи сè од јавниот живот.
Роден е на 29 јуни во Приштина, 1933 во фамилија на трговци.
Во 1943 кога Косово потпаѓа под германска окупација, положбата на српската заедница значително се влошува, па семејството се сели во Белград.
Идниот моден револуционер го завршува основното образование и гимназија во Крагуевац, а во 1953 се запишува на вишата школа за применета уметност во Нови Сад.
Откако поминува две години изучувајќи сценографија, преоѓа во отсекот за текстил, каде што дипломира во 1958 година.
Во тогашна Југославија облеката била речиси лишена од било каква естетика, на сцена е присутна само униформираноста, која што не ѝ дава простор на индивидуалноста.
Модната индустрија беше очајна за лидер. Несоодветни кроеви, лош дизајн, непостоечки големини, немање на стандард беа само некои од проблемите во тоа време.
Полиците беа преполни со непродадени парчиња облека, што го поттикна прашањето и потребата од неопходното подобрување на домашната текстилна индустрија.
Магазинот "Базар" тогаш игра улога како голем критичар надевајќи се дека ќе поттикне создавање на дизајнерски имиња.
Тука на сцена за прв пат стапува и Александар првично со решенија за секојдневна гардероба. Јоксимовиќ кој подоцна ќе го добие прекарот Кралот на ножиците придонесува за револуционерни промени во СФРЈ.
Дизајнерот прв во Србија воведува тематска колекција промовирајќи го на тој начин својот инспиративен дух, како и бројни личности од српската историја.
Тој беше еден од најзначајните промотери на модата во национален стил.
Црпеше инспирација од српската историја и традиција, византиската култура, како и средновековното српско сликарство за создавање на нови колекции.
Кралот на ножиците е прогласен за моден поглавар од страна на домашните медиуми, а за неговото име се слуша и надвор од гранциите на Југославија.
Александар е еден од ретките модни дизајнери кои одбиле да работата за Диор.
Неговите креации стануваат толку популарни што ги носат многу славни личности, како на пример јапонската принцеза во тоа време.
Во 1965 година претставува колекција која што е инспирирана од ткаенини, кроеви и украси на народни носии од областа на Косово и Метохија.
Екстравагантната колекција на висока мода Симонида ќе се случи во 1967 година, која што ќе биде прикажана на Меѓународниот моден фестивал во Москва заедно со колекциите на Шанел, Диор и Карден.
По Симонида која наиде на огромен успех, Александар ги креираше коелкциите Витраж (1968), Пејзаж (1968), и Проклета Јерина (1969).
Јоксимовиќ специјално дизајнираше облека за првата дама на СФРЈ, Јованка Броз, по нејзина мерка, а со тоа таа ја промовираше домашната текстилна индустрија.
Неговите модели ги носеше на секојдневни прилики, но и на разни приеми, манифестации, дочекување на јавни гости. Јованка носеше дизејн со потпис на Александар и кога ја посети кралицата Елизабета втора во Лондон.
Својата последна колекција Јоксимовиќ ја изработи за српската модна куќа Мона во 2002 насловена Животот е љубов.
И токму така, неговата љубов кон создавањето на дизајнерски ремек дела, му обезбеди име и место кај легендите.
Фото: Instagram, Pinterest