Познатата српска дизајнерка Мирјана Мариќ заминува во пензија

27 јуни 2014

Mirjana-Maric-i-manekenke

Можеби помладата генерација и не слушнала за неа, но нашите мајки и баби многу добро го познаваат името Мирјана Мариќ и квалитетот што се поврзувал со него. Оваа српска дизајнерка после 40 години работа, замина во пензија, но остави голем белег на југословенската мода.

Како пренесува српскиот портал „Мондо“, по повод нејзиното пензионирање, организирана е изложба во Етнографскиот музеј во Белград насловена како „Мода и дизајн“.

На изложбата ќе биде презентирана колекција од 45 вечерни фустани, преку кои може да се забележи начинот на работа на Мирјана Мариќ, која своевремено беше задолжена и за стилот на Јованка Броз.

5960611_orig

-Нејзините модели секогаш биле изработени од квалитетни материјали, а украсите секогаш внимателно одбрани. Тие што ќе успеат да ја посетат изложбата ќе сфатат зошто таа е една од најзначајните дизајнери на овие простори од 1970-тите до почетокот на 1990-тите - изјави Мирјана М. Менковиќ, авторот на монографијата за Мирјана Мариќ - „De lux pret-a-porte југословенске моде (1970-1992)“.

Таа додава дека Јованка Броз не била единствената позната личност со која соработувала Мариќ.

-Нејзиното име се споменува во новинарски извештаи за посетите на странските дипломати, а Пјер Карден лично ја повика и тоа два пати во 1975 и 1976 година, за да и ги покаже своите модели на Франција, а со тоа и на светската јавност. Креациите на Мирјана го „прошетаа“ светот како составен дел од саемите за мода и значанјните модни ревии во Лондон, Милано, Њујорк, Токио... А, од познатите личности кои ги носеа нејзините модели би ги издвоила и белгијската кралска двојка и данската принцеза - додава Менковиќ.

Мирјана Мариќ Мирјана Мариќ

Она што е интересно да се нагласи е дека, Мирјана сите свои креации ги изработувала во една соба, која е поставена во музејот. Според зборовите на организаторите, кога ја направиле репликата на нејзиниот работен простор, собата не заземала повеќе од еден и пол квадратен метар, каде таа знаела и по десет часа дневно да седи и да црта.

На отворањето на изложбата, Мариќ се појави во црно-бела комбинација со одлично расположение да ги поздрави сите, да се фотографира со нив и да ги потпише монографиите.

Иако, можеби многумина сметаат дека и во пензионерските денови ќе биде „зависна“ од дизајнот, сепак таа вели дека нема тоа да го прави.

-Сега ќе се занимавам со некои хобија што ги имам и ќе патувам - вели дизајнерката која е веќе во осмата деценија од животот.

haljine-mirjane-maric

На прашањето што мисли за денешната мода, таа открива:

-Она што можам да го забележам е дека жените денес се поубави отколку за време на Југославија. Исто така, различни се, без оглед на глобализацијата. Луѓето се облекуваат во бои. Кога ќе излезам во град, гледам многу бои и тоа ми се допаѓа, затоа што тоа е манифестација на нашиот внатрешен оптимизам. Порано најчесто се носеше боја која таа сезона е модерна, ретко некоја друга.

А за тоа како се станува моден креатор, Мариќ има едноставен одговор:

-Моден креатор не се станува, всушност се раѓаш со таа склоност, талент или без неа. Јас, по се изгледа, имав малку талент, малку склоност и бев подготвена и по десет часа дневно да поминувам со моите „крпчиња“. Има многу млади што се обидуваат нешто да направат, но не е бизнис ако вие направите колекција за ревија и потоа ја распродадете. Суштината е да има обрт на капитал, а младите не можат да дојдат до тоа. „Мода“ од Велико Градиште неделно праќаше до 10.000 парчиња за Армани. Сега таму е некое стовариште... Додека не слушнам дека некоја фабрика се отворила, сите приказни се јалови - открива дизајнерката и додава дека во времето кога таа почнувала, никој и не знаел што е тоа моден креатор, но работите потоа почнувале да се менуваат.

Mirjana-Maric-izlozba

За оние што првпат се сретнуваат со ова дизајнерско име, Мирјана Мариќ е родена во 1938 година во Краљево, а од 1948 година живее во Белград, каде и дипломира на Академијата за применети уметности. Постдипломските студии од областа на текстил и современ костим ги завршува во Англија и тоа по иницијатива на нејзиниот сопруг Милојко Мариќ.

-Тој имаше визии. Ми зборуваше дека време е од „ние“ да преминам на „јас“. Да разберам дека сум автор, создавач, дека тоа се мои креации, модели по моја замисла. Тој ми рече: „Сега тебе ќе ти отвориме работилница“. После дипломирањето, кога тој замина на специјализација во Англија, ме наговори да магистрирам на Ројал колеџот во Лондон - раскажува Мариќ.

mirjana-maric-kracije

За  магистерската и полагањето, таа морала да го знае целиот процес - ткаење, принтање на текстилот, изработка на шаблони за кроење, шиење, пакување во кутија. Таа кутија потоа под број, анонимно се предава на жирито составено од најстручни и најупатени луѓе во модата кои даваат или не даваат “висока препорака“. Тоа е оценката која ќе обезбеди вработување и отвора пат за градење на име. А таа гаранција за квалитет Мирјана Мариќ ја имаше и ја пренесе низ цела Југославија.

Соработуваше со најголемите модни куќи од поранешна Југославија како „Југоекспорт“, „Радник“, „Мода“. Нејзиниот бренд „3 М“ и моделите од кожа добиваа бројни домашни и светски признанија, па така добитник е на францускиот Оскар за мода и всушност, таа е првата жена во Југославија која создала свој бренд .

Zesnki-Dzemper-Kreacija-MIRJANA-MARIC-_slika_XL_2580466

Во работниот век имала преку 70 модни ревии и тоа ширум светот. Последната и е во 1992 година. Тоа биле ревии на високо ниво на кои присуствувале кралици и кралеви, претседатели на држави, принцови и принцези. Ќе остане запаметена како првиот дизајнер во Југославија кој се изборил на својот производ да стави плочка со свое име и тоа во голема куќа каква што била „Југоекспорт“. Имала добар сенс за пазарот, па затоа ги освоила сите од САД до Јапонија.

mirjana-maric-kozna-torba-slika-16582941

tasna-kozna-mirjana-maric_slika_O_2957684

-Ја затворам својата кариера среќна и задоволна - вели Мариќ и со право.

Објавено:
27 јуни 2014
Категорија: 
Стории