Лондонската мода од осумдесеттите на изложба во музејот Викторија и Алберт

10 јули 2013

Во престижниот лондонски музеј денес се отвора изложба посветена на креативната експлозија на лондонската мода во 1980-тите години и заживувањето на клупската сцена во британската метропола од која произлегоа смели нови изгледи кои влијаеја на трендовите на модната писта. Преку 85 аутфита на изложбата наречена „Од клубови на модна писта: Лондонската мода во 1980-тите години“ и преку нив ги откриваме изгледите на најексперименталните млади дизајнери на таа декада како Кетрин Хемнет, Венди Дагворти, Бети Џексон и Џон Галијано.

 

Дизајни на The Cloth (1985)  Дизајни на The Cloth (1985)

 

 

Предимензионирана облека, андроген изглед, сакоа со нагласени раменици како дел од она што се нарекува power dressing, новооткриената манија за спортски стил, откривањето на џинсот, ова се само неколку тенденции што оставија печат во модата од 1980-тите години. Во тој период настана вистинска експлозија на креативност во светот на модата и музиката, а дел од лондонската сцена на дизајнери, музичари, уметници и клабери што тогаш се појавија, како Вивиен Вествуд, Стивен Џоунс и Ник Најт, го претставуваат денешниот креативен естаблишмент. Осумдесеттите беа деценија на заживување на клупската сцена, на креативност и ексцентричност, а токму тие моменти се во фокусот на изложбата што ќе трае од 10 јули до 16 февруари следната година.

Музејската поставка го истражува мотивот на трансформација на клупската мода во моден тренд од модните писти, почнувајќи од стилот што се роди андерграунд-клубови во Лондон како Blitz, Billy’s и Camden Palace, кои тие години беа движечка сила на новите тенденции и кои имале влијание врз модата не само во Лондон, туку во целиот свет.

 

Скарлет Кенон во модел на Bodymap (есен-зима1984/85) Скарлет Кенон во модел на Bodymap (есен-зима1984/85)

 

„Секоја група на луѓе кои на некој начин беше поврзана со уметноста, модни дизајнери, музичари, танчери, режисери, излегуваа во исти клубови и имаа постојана желба за создавање нешто ново“, вели Стиви Стјуарт, моден дизајнер на брендот Bodymap. Според списанието Blitz стилот на тоа време бил опишан како екцентричен и егзотичен, за Hard Times е инспириран од актуелната рок атмосфера, а пак за Taboo тој е мошне еклектичен. На изложбата се изложени 85 модели, вклучувајќи ги фетиш-фустаните на Пем Хог и Вивиен Вествуд, дизајните на тогашните водечки креатори Џаспер Конран, Пол Смит, Workers for Freedom, Вили Браун кој бил личен дизајнер на Дуран Дуран, како и ексентричните фустани на Криси Волш, Џорџина Годли и Џон Галијано.

Посебно внимание привлекуваат јакните од џинс креирани како резултат на соработка помеѓу магазинот Blitz и марката Levi Strauss & Co, односно уредништвото на списанието побарало од неколку креативци меѓу кои се Вивиен Вествуд и Ли Бовери да индивидуализираат тексас-јакна. Резултатот може да го видите на изложбата. Место им е отстапено и на другите списанија, како на пример The Face, кое исто така придонесе за ширење на овој стил, култура и начин на живот, кои заедно со ѕвездите на тоа време создадоа трендови поддржани од широката маса на луѓе.

 

Соработка меѓу Вивиен Вествуд и Левис за списанието Blitz Соработка меѓу Вивиен Вествуд и Левис за списанието Blitz

 

Изложбата не само што го слави лондонскиот стил од 1980-тите, туку ја нагласува и неговата врска со музичката сцена, почнувајќи од ексесивниот гламур на „новиот романтизам“ до рејверските маички со принт на „смајли“ кои беа актуелни и во следната декада. Беше тоа период кога преовладуваше духот на „направи сам“. Сите си креираа сами своја облека, свој начин на облекување и отвораа свои клубови. Стиловите се раѓаа во клубовите како Blitz и Taboo каде имаше строг дрес-код – можеа да влезат само чудните и прекрасните.

„Не бев некој клабер. Можеби бев генерациски малку постара од нив, но можев да го видам и почувствувам влијанието кое доаѓа од клаберите, луѓето кои цела седмица планираа што ќе облечат во сабота навечер“, вели Венди Дагворти, дизајнерка актуелна во 1980-тите, а денес декан на катедрата за мода и текстил на Кралскиот колеџ за уметност во Лондон.

Дел од изложбата се однесува на китнестите костуми на Пол Смит, мрежестети плетивата од Bodymap, маичките со слогани на Кетрин Хемнет и светкавите вечерни фустани дизајнирани од Брус Олдфилд и Ентони Прајс.

 

Насловна страна на списанието The Face (1986) Насловна страна на списанието The Face (1986)

 

Дагворти учествува на изложбата со свои креаиции, но и како консултантски експерт. „Пред седум години им пристапив на луѓето од музејот Викторија и Алберт со идеја за изложба за британската мода во 1970-тите и 1980-тите години. Подоцна одлучивме да се сконцентрираме на 1980-тите, бидејќи за овој период помалку се пишуваше, а е поинтересен од аспект на тоа колку многу нови дизајнери се појавија во тоа време“, открива Венди чии студенти биле Хусеин Чалајан, Џајлс Дикон, Стела Макартни, Холи Фултон и Ердем. Дагворти за британската мода вели дека денес е толку многу возбудлива, токму како и во 1980-тите. „Ние ја правиме Лондонската модна недела место кое треба да се посети и на кои се случува многу мода. Имаме одлични дизајнери кои се веќе етаблирани и не творат од денес за утре“, констатира таа.

 

Ли Бовери и Бој Џорџ Ли Бовери и Бој Џорџ

 

 

 

Објавено:
10 јули 2013
Категорија: 
Стории