Македонците за женските модни трендови...

18 август 2015

„Што се тоа килоти?!“, Не ме зафркавај, тоа стварно се носи?“, „Ова ме асоцира на порно филм“, се само дел од коментарите што ги добивме од мажите на возраст од 21 до 31 година, кога ги замоливме да ни дадат коментар за дел од женските модни трендови. Мораме да ви признаеме дека по малку и нè изненадија со одговорите. Тоа што мислевме дека најмалку ќе им се допадне, доби најмногу симпатии. И ако мислевте дека не ги следат трендовите, или не забележуваат во што сте облечени, се излажавте.

Одговорите ги дадоа без фотографија. За тие парчиња што им беа познати. Кога видовме дека на некои „заглавуваат“, како на пример на килотите, покажувавме фотографија. Така што немаше никаква пречка да ни го дадат своето мислење.

Верувајте, на некои не им беше пријатно, другите уживаа во коментирањето, но како и да е, најважно е дека беа сосема искрени. Иако за мажите се вели дека се поголеми „озборувачки“ од жените, мора да признаеме дека се поискрени.

Но, за да не се оддалечуваме од темата, во продолжение прочитајте што мислат мажите за бикините со висок струк, килотите и масивните обетки и како истите им изгледаат на жена.

Бикини со висок струк

Александар (26), агент за недвижнини: Мислам не. Ми наликуваат на костими за капење од некоја доба на која ѝ поминало времето.

Климе, (28), архитект: Интересно е како модата си прави свои наврати во стилови од минатото, па ете и бикините со висок струк, за кои искрено мислам дека се многу секси и провокативни затоа што ја истакнуваат онаа природна убавина на жената која во доцните 1950-ти и 1960-ти и 1970 тите години биле одлика на секс симболите на тоа време. Секако овој тип на бикини мислам дека не одговара на секоја девојка и жена во односот на конституцијата, така што можеби контрадикторен ќе бидам со она што го реков на почетокот, но секогаш жените препознаваат во што тие се чувствуваат удобно и сè понатаму е до нивниот стил за облекување.

Никола (28), угостител: Костимите за капење со висок струк умреа заедно со Југославија

Бобан (31), филолог: Мислам дека добро изгледа на жени кои имаат малце вишок килограми. Може да им помогне да ги „закамуфлираат“ и да направат оптичка варка. Што се однесува на жени со помалку килограми, мислам дека нема потреба да носат вакви костими за капење.

Димитар (21), студент : Одлични се... ама за водена гимнастика, а за плажа и слично, па баш и не знам...

Владан (29), економист: Ретро и ништо повеќе.

Килоти

Александар (26), агент за недвижнини: Супер се ...  друго не знам, не сум носел (се смее).

Климе, (28), архитект: Многу убави. Поим за жена со вкус и стил. Одличен детаљ и парче од женската облека кое вистински искомбинирано ја прави жената да изгледа прекрасно. Два палци угоре, понатаму не коментирам!

Никола (28), угостител: Овие панталони кај жените се сезонски тренд и треба да знаеш како да ги носиш.

Бобан (31), филолог: Не ми се баш познати. Што знам ова нешто како суќна-панталони изгледа. Мене не ми се свиѓаат баш, ама претпоставувам зависи од комбинацијата која ја има избрано жената може да се ок. Ова ти е нешто како модерни трифртаљки?!

Димитар (21), студент: Овие панталони некако ми се  како за мажени жени наместо бурма...

Владан (29), економист: Дефинитивно заглавени во некое минато модерно време

Масивни обетки

Александар (26), агент за недвижнини: Мене минималистичките ми се посимпатични. Масивните ме потсетуваат на лампион за на новогодишна елка.

Климе (28), архитект: Масивни да, но до одредена мера, сепак жената треба да си го покаже своето лице, својот израз и силуета и форма. Преголеми и премасивни обетки ала мушарабија за тераса ... веќе е претеризам и отсуство на вкус. Ете и нека се масивни, но со што помалку бои и поминимален дизајн, без многу детализирања, сепак лицето на жената не е плафон на кој треба да стои лустер.

Никола (28), угостител: Масивни обетки се секогаш кул

Бобан (31), филолог: Таман  си се. Мислам дека во зависност од тоа што носи жената може да бидат добро надополнување. Мислам дека повеќе одговараат за некое неформално излегување, комбинирани со нешто лежерно и широко. Нешто како бохо-стилот. За вечерни излегувања и некои поелегантни комбинации мислам дека не одговараат баш. Но, сепак се зависи пак од комбинацијата.

Димитар (21), студент: Необележена крава од дома не смее да излезе... Не сакам да ги навредам жените, но не ми се допаѓа овој тренд.

Владан (29), економист: Ако се со умерена големина ДА, но НЕ лустери на уши!

Девојки, прочитавте. Ако на следниот состанок или средба на плажа носите некое од овие парчиња, ќе наидете на некоја од овие реакции.

Вие што сте среќно вљубени, сте ги прашале ли вашите момчиња што мислат за овие трендови?

Во следното продолжение ќе дознаете што мислат за фустаните од латекс, чевли со платформа и биркенсток влечки.

Објавено:
18 август 2015
Категорија: 
Стории
Прочитано:
4.759 пати