Младите креативци бараат заедничка платформа за своите производи

4 декември 2013

Најголемиот од сите, шармантниот и единствен ирски писател Оскар Вајлд во една прилика рекол дека идејата што не е опасна, воопшто и не е вредна да се нарече идеја. Нашата земја изобилува со млади креативци кои имаат навистина „опасни“ идеи.

Тие заедно, бараат едно вистински креативно место, шармантно катче каде ќе можат на светот да му прикажат каква убавина создале. Место каде нивните дела ќе стасаат во вистинските раце, до крајните потрошувачи. Посакуваат, сите да сфатат со каков квалитет изобилува оваа земја, посакуваат сите да си ги подигнат критериумите за квалитет на нештата.

Бидејќи истото тука не го добиваат, многумина од нив се решаваат да побараат други пазари низ белиот свет за кои ќе кажат дека се далеку поотворени и поблагодарни за рачно изработеното парче.

Истото го потврдуваат и нашите професори, појаснувајќи дека поради недостаток на услови, нашата креативна младина заминува и се докажува на други географски места. Професорката и дизајнерка Гордана Вренцоска од Европскиот Универзитет ќе каже дека креативните и храбрите поединци се оние кои го менуваат светот.

Професор Гордана Вренцоска Професор Гордана Вренцоска

„Медиокритетите се најголемата опасност за креативците, а нашето општество сè уште нема изградено силен механизам за поддршка и поттикнување на креативните и талентирани лица“, го започнува професорката разговорот.

Таа појаснува дека и доколку посебно се истакнувате и сте неколку чекори понапред од другите, окружувањето се обидува да ве „спушти“ на нивното ниво на „златна средина“, на просекот, наместо да се гордее со вас и да ви ја даде потребната поддршка.

„Од друга страна, многу е важно како ќе се справи и потесното семејство на едно креативно и талентирано дете, колку ќе ја препознае неговата желба за напредување и занимавање со креативна професија. И колку ќе вложи во неговото образование, секако. Првиот и најважен совет е да бидат доволно храбри и да веруваат во себе и своите способности. Многу е важно да ги развиваат своите капацитети преку соодветно образование и работа – човек понекогаш ќе се изненади и самиот од себе, од она што го може. Вториот совет е да имаат свој ментор, без разлика дали тој ментор ќе биде нивниот учител, професор, шеф, родител или професионален идол. Некој кого ќе можат во секое време да го прашаат за совет или за пример од неговото искуство. И трето, да вложуваат во мрежа на различни контакти и искрени соработници. Љубопитност. Насмевка. Никогаш не треба да се стеснуваме од прашања за да дознаеме повеќе“, вели професорката Вренцоска.

Таа додава дека покрај се, денешната младина многу подобро се снаоѓа во новите концепти на пазарна комуникација и бизнис отколку нејзината генерација.

„Ние во процесот на образование не сме учеле за деловна комуникација, за производ, за менаџирање и маркетиншко работење во сферата на уметноста и дизајнот. Отпосле сфативме колку тие работи ни недостасуваат. Бевме изолирани од надворешниот свет. Затоа, сега во мојата работа на факултетот искрено се трудам преку проектите и наставните содржини да ги подготвам студентите на она што ги чека во реалниот живот. Со колегите настојуваме да ги вклучуваме студентите во најразлични изложби, работилници, натпревари, модни ревии, креирање на свое портфолио и биографија, свој дизајнерски бренд. Секако за успех е важна и студентската пракса која задолжително ја посетуваат. Ние им ги создаваме условите, тие треба само мудро да ги искористат“, заклучува професорката.

Младиот и надежен дизајнер Бобан Илиевски кој стои зад брендот Chic Undercowear, вели оти има впечаток дека сега, повеќе од било кога, се чувствува недостатокот на платформа за изразување на креативните идеи на млади уметници од било која сфера.

„Конкретно за модниот дизајн којшто подеднакво е бизнис колку и уметност, еден Моден викенд што се случува два пати годишно и којшто самиот по себе е бизнис во полза на организаторот, повеќе отколку на младите дизајнери, е премалку. Пазарот е мал и мора многу паметно да се искористи можноста за пропаганда, на којашто за жал, сме препуштени самите ние како дизајнери“, вели Илиевски.

Тој посочува дека некако предолго трае инертноста кај сите и вели дека „доколку дојде некој моден скаут од Лондон, Берлин... ќе ни се чуди на производот што се презентира тука“.

„Она што во моментов е потребно е дефинитивно еден достапен простор како за дизајнерот, креативецот, така и за конзументот, којшто ќе го доближи до производот наменет за него. Многу се ретки оние кои ќе се осмелат да купат нешто онлајн. Менталниот склоп не ни го дозволува тоа поради посредноста. Моите колекции се продаваат во концепт продавници за дизајнерска гардероба во неколку европски градови, а тоа се случуваше и во Скопје додека постоеја продавници од тој тип, коишто за жал замреа последниве две години“, вели Бобан.

Креации на Бобан Илиевски Креации на Бобан Илиевски

На исто мнение со Бобан се и другите креативци што ги споделија своите мислења со нас. Славица Соколовска од Sky Jewelry е исклучително креативна млада девојка, која е голем вљубеник во накитот и истиот го изработува со неверојатен шарм и елеганција. Таа вели дека дефинитивно е потребно едно заедничко, креативно место, но истото мора да биде финансирано од некоја организација, барем делумно.

„Организациите што јас ги познавам наплаќаат за да бидеш дел од нив, а не секој може тоа да си го дозволи. Заедничка веб страна исто така не е лоша идеја, дури мислам дека една веќе постои, но не е толку распространета. Потребно е некој да се заинтересира да направи добра понуда прифатлива за сите и така мислам дека ќе успеат да се соберат сите на едно место. Освен веб страна, работилници и изложбени настани, семинарите и различните креативни курсеви се дефинитивно идеја плус“, вели Славица.

Sky Jewelry Sky Jewelry

Додава дека за да се развие работата било потребно многу време, во моментов се рекламира само на Facebook, но сепак, има многу заинтересирани купувачи.

“Некои луѓе не прифаќаат ниту да слушнат што претставува мојата страна. Во неколку наврати се обидов да побарам помош за реклама, но луѓето многупати не ме сфаќаат сериозно и се чини дека полесно им е да купат готов производ, отколку да се договараат за да набават рачни изработки како моите“, додава Славица.

Наташа Костадиновска за која без сомневање можеме да кажеме дека ги плете најубавите „колачиња“, ја дополнува Славица коментирајќи дека ни се потребни повеќе случувања каде што ќе можат да се промовираат во најдобро светло, како што се на пример најразличните базари каде што може да се случи неопходната промоција на сите рачни изработки.

Во однос на тоа дали креативците кај нас доволно се ценат, Наташа ќе каже дека гледа некакво подобрување, но и тоа не е доволно за да ги инспирира да креираат повеќе нови работи.

„Се уште се гледа на нас како на луѓе без работа, но ние сме луѓе со работа, работа која е уникатна, во која сите ние се пронаоѓаме и преку која ја изразуваме нашата креативност и умешност. За мене е најубавата работа што можам да ја имам, го правам тоа што го сакам и полека се обидувам да го вратам плетеното во живот на нашиве простори и мислам дека успевам во тоа“, вели Наташа.

Креација на Плетени Колачиња Креација на Плетени Колачиња

Сите сосема различни, но сепак со еден заеднички апел – што е можно побрзо да се креира и повеќе од потребната платформа каде ќе можат да се најдат сите нивни производи. Без разлика дали тоа ќе биде концептуална продавница, веб страна, креативна работилница што ќе ја дознаат сите или пак едноставна, продавница на млади креативци, потребно е да се преземе нешто за да не ја изгубиме креативната младина со која располагаме. За да биде што е можно појасно, лошо организираниот базар или креативната работилница за која се дознава во последен момент не се вистинските начини за младите своите идеи и производи да ги донесат до крајните потрошувачи. А ним навистина им е потребно тоа.

Објавено:
4 декември 2013
Категорија: 
Стории