Треш Фешн 2014 - олицетворение на креативниот дух на македонската младина!

6 јуни 2014

Млади, креативни, талентирани, инспиративни, забавни, полни со ентузијазам, со огромна желба и енергија да се претстават во најдобро можно светло! Токму на овој начин, може да се опишат сите средношколци што вчеравечер беа дел од четвртиот по ред Треш Фешн Македонија, настан што уште еднаш го покажа неверојатниот креативен дух на македонската младина.

На пистата направена од водоводни цевки во Младинскиот Културен центар, вчеравечер подефилираа вкупно 45 дизајни креирани исклучиво од редизајнирани материјали од отпад.

Како и секоја година, така и оваа, натпреварот беше во организација на Здружението на граѓани ОХО чија главна мисија е зачувување на природата. Нивната иницијатива поддржана од средните училишта низ нашава држава, успеа во едно да прикаже модни композиции креирани од преку 1.000 килограми различни видови отпадоци, 2.500 капачиња, 500 најлонски ќеси, 30 килограми стара хартија, електронски отпад и друго.

Програмскиот координатор на ОХО Бистра Ѓеоргиева беше многу задоволна од годинешниот одзив, но и од организацијата на настанот, посочувајќи дека Македонија е земја која има неверојатно креативна младина.

„Оваа година учествуваа 45 училишта, тоа значи 45 модели, всушност тимови кои дизајнираа креации од отпад и се претставија во две дефилеа од кои во второто беа финалистите и беа вкупно 15 на број, а потоа се избраа прво, второ и трето место и секако,наградата за најдобар моден додаток. Во поглед на организацијата сметам дека од година во година сме се подобри, како и секоја година, така и оваа имаме специфична сценографија, тоа се стари водоводни цевки кои ги надополнивме со ново визуелно решение - роботизирани гласови. Секое училиште имаше посебно видео кое откриваше од кои материјали е направен моделот. Морам да посочам дека имаме навистина креативна младина, а овој настан е доказ дека постојат голем број на креативци во нашата земја“, задоволно вели Ѓеоргиева.

Учениците под раководство на нивните ментори докажаа дека модното изразување нема граници и дека истото претставува производ на сетилата, емоциите, интелектот, талентот и внатрешната желба да се создаде нешто што е поинакво и оригинално.

Првото место сосема очекувано го освои тимот кој го претставуваше училиштето Јосип Броз Тито од Скопје, со бунтовнички модел насловен како „Not another princess“.

„Наша манекенка вечерва беше Антонија Локвенец, а ментор Ангелина Наумовска-Дамјановска. Моделот го нарековме „Not another princess“ , а ни беа потребни околу четири месеци за да го изработиме. Кај него, доминираат разновидни материјали што може да се рециклираат, почнувајќи од пластични чаши, стари ролетни, стари ленти од апчиња, чепкалки за уши, часовници итн. Инспирацијата е од steampunk - културата, која е всушност улична модна култура која е од неодамна актуелна и се базира на комбинирање на викторијанскиот стил со елементи од модерната технологија. Затоа и името на моделот е „Not another princess“, бидејќи самата креација е необична, модернизирана и претставува спој на минатото со трендовското“, ни откри Теодора Митровска, дел од дизајнерскииот тим на првонаграденото училиште Јосип Броз Тито од Скопје.

Второто место пак, отиде кај училиштето Никола Карев од Скопје, за одличниот и неверојатно креативниот модел „Марија Антоанета“.

„Работевме модел од хартија, инсириран од Марија Антоанета, маркантна личност од периодот на барокот, позната по своите необични фризури и по откачениот стил. Затоа и решивме да направиме шапка во форма на брод, бидејќи токму и нашата инспиративна муза Марија Антоанета во една прилика се појавува со иста таква шапка, но сакавме и да прикажеме една несекојдневност и да ја нагласиме маркатноста на личноста преку креативниот израз. Поддршка имавме од професорката Павлина која поради тоа што не се чувствува добро не можеше да биде тука присутна вечерва со нас. Користевме гајби, рециклирана хартија, спреј, модни додатоци за украсување на бродот како врвци, но морам да напоменам дека се беше целосно рециклирано. За да дизајнираме еден ваков интересен модел ни беа потребни околу две недели“, ни раскажа младата Миа Петровска, дел дизајнерскиот тим на училиштето.

Третото место на четвртиот по ред Треш Фешн Македонија заслужено отиде во рацете на тимот од училиштето „Ѓорче Петров“ од Крива Паланка, за креацијата насловена „Касилеи“, изработена од фискални сметки и неверојатно изработен корсет од чкорчиња од кибрит.

Жирито во состав Франк Видекер, регионален советник во Амбасадата на Швајцарија, Александра Младеновска-Костиќ, директорка на програмата „Интеграција на еколошката едукација во македонскиот образовен систем“, модната дизајнерка Росица Мршиќ, музичкиот артист Тони Зен и стилистката Цаци Паковска вчеравечер се чини имаа навистина тешка задача, бидејќи секое училиште понуди неверојатно впечатлива, уникатна и пред се, креативна креација.

„Прв пат вечерва ја следам ревијата, интересно беше во секој случај, ми се допаѓа тоа што младите навистина се трудат и се многу креативни. Имаат некој т.н вентил преку кој си го исфрлаат она што е скриено длабоко во нив. Секогаш ќе кажам дека може и подобро, но јас сум многу задоволен и од она што го видовме вечерва, навистина се гледа дека сите се потрудиле. Според мене, најдобра креација вечерва беше девојката со шапката во вид на брод што вечерва доби трето место, потоа и онаа креација од видео ленти со порака „Уметноста го движи светот“, која што апсолутно ми се допадна, можеби затоа што гледам одредена порака пшреку тоа. Морам да кажам дека и креацијата што зема прво место многу ми се допадна“, вели Тони Зен.

На прашањето колку е креативна македонската младина, тој ќе каже дека тоа е така без сомневање, но и дека неверојатниот сообраќај на информации, е она што особено им пречи на младите.

„Морам да кажам дека македонската младина е доста креативна, но сите оние информации што ги примаме се премногу и понекогаш младите сосема погрешно ја насочуваат мислата и енергијата и излегува нешто сосема спротивно од она што си го замислиле, затоа што сега имаме и информации дадени буквално на „послужавник“ и младите така се навикнати, и повеќето не тргнуваат од себе, туку секогаш копираат нешто и пробуваат истото тоа и тие да го направат. Оние што се поразвиени со умот разбираат дека тоа не е креативност, туку дека е некоја копија и затоа сакам да кажам дека има премногу сообраќај во информации, во тие интернет комуникации со што младиве се збунуваат, а секој по себе е многу креативен, не е тоа талент, туку тоа е посветеност уште од млад и секако, окружување. Тие се креативни, да, но само треба правилно да си се посочат, да го изберат она што нив најмногу им одговара и во што најмногу се пронаоѓаат“, појаснува Тони.

Дека македонската младина е неверојатно креативна и дека тоа се виде и вчеравечер, посочува и стилистката Цаци Паковска, која беше одушевена од сите креации на средношколците.

„Вечерва за прв пат ја следам ревијата на Trash Fashion и морам да кажам дека пред да дојдам тука, едноставно не очекував ништо, мислев дека средношколците правеле некои обиди за модни парчиња, но на крајот се изненадив од нивната креативност, од самата изработка на моделите, затоа што особено на пример, победничкиот корсет личи на нешто што би го направил Готје! Мислам дека ова беше еден супер интересен настан, на кој што можеше да се види нешто ново, да се види потенцијалот кај некои од младите итн. Ова што го видовме ние на сцената е само мал дел, бидејќи нели позади секој модел стои една екипа. Модниот свет е тимска работа, не е само она што ќе го прикаже еден индивидуалец. Ова вечерва покажува дека кај нас има огромен потенцијал, има индивидуалци кои што можат и успеваат да напарават од ништо – нешто“, вели Цаци.

Вчеравечер Младинскиот Културен Центар дефинитивно беше местото каде што се собра креативната Македонија во маало! Таму имаше навистина што да се види, а дека македонската младина и креативноста што ја поседува е вистинската иднина на земјава во која треба несебично да се вложува, се покажа по кој знае кој пат. Ние веруваме дека тоа ќе биде случај и следната година, за кога се надеваме дека Треш Фешн ќе стане и настан од поголеми размери и надвор од границите на нашата Македонија.

Објавено:
6 јуни 2014
Категорија: 
Актуел