Модни парчиња што треба да ги поседувате

8 мај 2013

Направивме селекција на 10 парчиња со кои треба да започнете да го градите својот плакар: од базичните бела кошула и црн фустан до деталите како шарена марама и чевли во интензивна боја. Скоро сите овие парчиња лесно се комбинираат меѓу себе, а модните додатоци ја разигруваат избраната облека.

Мал црн фустан 

Класичен, елегантен, безвременски и лесно се комбинира. Има причина зошто на Џенифер Анистон ѝ е омилено парче облека кое најчесто го бира кога треба да се појави на некој важен холивудски настан. Многу ретко може да се случи да ја згрешите комбинацијата кога имате црн фустан на себе, бидејќи ги надминува категориите тренд, пригода во која може да го носите и дефинирање на зимска или летна сезона.

 

Совршен костим со панталони 

Под совршен се подразбира да е совршено скроен. Ако не успеете да го најдете во продавница, бидејќи долги ви се ракавите, не ви е погоден кај раменциите и не ви се допаѓа должината на ногавиците, тогаш сошијте го! Не треба да биде ни премногу широк, ниту екстремно тесен, а таков костим, признаваме, тешко се наоѓа во бутик. Затоа инвестирајте во квалитетна ткаенина и нарачајте да ви го сошијат по ваша мерка.

 

Мантил

Ова е едно од оние класични парчиња облека што никогаш не излегува од мода. Синоним на стил и елеганција повеќе од сто години. Моделите во беж и црна боја се најомилени, но ако сакате да привлечете внимание, може да изберете мантил во црвена боја или модел со интересен принт.

 

Фармерки

Епитом на разновидност во стилот. Може да ги носите од утро до мрак, па дури и во вечерни и полусвечени пригоди. Најважно е да го најдете вистинскиот крој, зошто популарните слим-модели со спуштен струк не се наменети за сите жени. Доколку не можете сами да го одредите вистинскиот модел, консултирајте се со стилист или со продавачката во продавницата. И кога сте во потрага по фармерки, не се срамете да пробате што е можно повеќе различни модели и броеви, само така ќе стигнете до вистинкиот пар. Во предност секогаш се фармерките со класичен крој (без дупки, циркони и слични стилизации) и оние направени од темен џинс.

 

Салонки

Уште еден есенцијален елемент од женската гардероба се црните чевли со високи потпетици. А освен црни, може да се подновите со неколку чифта во интензивна боја или во неутрални нијанси како сива или беж.

 

Класична бела кошула

Моден фаворит кој не излегува од мода. Може да ја комбинирате со фармерки или со цигара-здолниште, во елегантен или младешки стил, во деловна или вечерна пригода. Освен кошула со класичен крој, во игра се и моделите со стилизирани раменици, волани или со детали од тантела.

 

Здолниште со цигара-крој

Рамно и скоро припиено за тело, овој вид на здолниште е главен елемент на деловниот стил, ама може да изгледа доста шизички со одреден стајлинг или кога е направено од ткаенина во јака боја или со необичен принт. И одлично се комбинира со белата кошула спомената погоре.

 

Интересен блејзер

Одберете модел кој најдобро ќе одговара на градбата на вашето тело и во стил кој најмногу ви одговара (елегантен и со строги линии, секојдневен и полежерен, ексцентричен и во необична боја). Носете го со различни парчиња облека, бидејќи го комплетира изгледот и му дава посебна димензија и структура.

 

Квалитетна чанта

Инвестирајте барем во една чанта. Тоа е задолжително. Секоја жена ако не може да си дозволи повеќе модели, може барем една и квалитетна, модерна и функционална. Најдобро е да биде во неутрална нијанса за да може да ја комбинирате со поголем дел од гардеробата, како и да е без нападни детали како нитни, циркони или реси.

 

Марами 

Понекогаш може да ги облечете и наједноставните парчиња облека, ама ако сакате да ја разиграте целата комбинација, потребен ви е само еден детаљ – шарена марама. Забавната страна е што марамата може да ја заврзете на повеќе начини и да постигнете различни ефектни стилови. Бирајте марами во бои и шари кои најдобро одговараат на вашиот личен стил и внимавајте марамите да бидат од природни материјали како свила, памук или лен.

П.С. Освен овие десет парчиња, гардеробата треба да ја надополните уште со неколку елементи, како кардиган од кашмир, балетанки кои ќе ги носите во деновите кога имате обврски од утро до мрак, лелеава кошула или шарена блуза, коктел фустан, црни вечерни панталони, капут кој е трендовски во суптилна доза за да може да го носите неколку години по ред, кожена јакна, мала вечерна чанта, убав часовник и квалитетни очила за сонце. А за накитот, во некоја друга прилика...

Објавено:
8 мај 2013
Категорија: 
Стории