Направете албум од спомени кој ќе трае засекогаш

14 јануари 2015

Прелистувајќи ја сопствената меморија во потрага по сеќавањето кога последен пат омилените фотографии ги складирав во печатен албум, успеав да се сетам дека тоа беше пред години кои сега бројат во две цифри. И без да евоцирам спомени од минатото, доказ дека одамна не сум комплетирала печатен фото албум, сведочи необновената збирка албуми во домашната фиока. Верувам дека не само јас, туку и многумина од вас освен за конкретен повод како венчавка, роденден или семејна прослава,  заборавиле дека некогаш омилените фотографии ги развивавме во фото студио, а спомените ги правевме опипливи, а не само дигитални.

 

Можеби обожавателите на напреднатата  технологијата веднаш ќе помислат дека практичноста податоците да се соберат во неколку GB на едно место е посовремен начин, од кој албумите  не заземат простор низ фиоките и не мора да ги бришете од прашина. Сепак, стилот на живеење, брзината со напредокот на технологијата си го направија своето. Многу  поверојатно е дека печатената фотографија има подолг век на траење, а ќе се сложиме и дека оние зачуваните фотографии  во мобилен, компјутер , УСБ или мемориска картичка, може непредвидливо да ги изгубите поради повеќе причини.

Сега, на складираните  спомен-албуми  од минатото најчесто може да не потсетат нашите баби и дедовци, а фотографиите иако избледени,  се главните сведоци што останале. Среќни сме што во денешно време  технологијата ни овозможува многу полесно да се овековечи моментот, но зошто тој истиот миг не го направиме да биде сигурен потсетник.

 

Единствено пожолтените фотографии од старите албуми не потсетуваат на она што беше минато и незаборав. Направете дигиталното сеќавање да биде опипливо, печатете ги миговите што некогаш можеби ќе дојде време  да сакате да ги прелистувате на оној начин што беше пракса пред неколку години.

Објавено:
14 јануари 2015
Категорија: 
Стории