Во текот на годините, речиси секој од нас барем еднаш посакал да отпочне свој бизнис и да се ослободи од сета креативност што ја носи во себе. Во тие намери, неретко се случило да бидете спречени од недостаток на финансии, неразработен бизнис план, непогодна локација, но најмногу од се, недостаток на храброст! Сакајќи да ви укажеме дека најважно од се' е да се борите со предизвиците без премногу да размислувате, разговаравме со пет прекрасни и храбри девојки кои им се спротивставија на сите стереотипи со цел да уживаат во она што вистински сакаат да го работат. Токму тие, се вистински синоним за успешни жени кои ризикуваа многу на сметка на тоа денеска да уживаат во задоволството да се биде „сам свој шеф“. Во продолжение на нашата инспиративна сторија, разговаравме со Нина Ангеловска од Групер, Даниела Наумова од Danna – Handmade Jewelry, Ивана Колева од „Се' за роденден“, Ана Азгoур од блогот и ресторан „Сурово и вкусно“ и Елена Крстевска од Fancy Marriage. Со нас, тие ги споделија нивните подеми и падови, многуте предизвици на кои успешно одговориле, нивните уникатни приказни, а сите тие се согласни во едно – Се' се случува со причина! Со пенкалото и нотесот во рака, сега е вистинско време да го подготвите вашиот бизнис план на кој толку долго чекавте.
Нина Ангеловска – Групер
-Како се станува успешен претприемач?
Успех е постигнување на одредена посакувана цел или резултат! Секој од нас има различна претстава за успехот, која е променлива со текот на времето. Моите адути за патот кон успехот се: знаење, напорна работа, организација, адаптибилност и пријателство.
-Колку време е потребно од идеја, па сѐ до реализацијата и како да се соочиме со сите предизвици на патот?
Беше предизвик да се започне бизнис во време кога помалку од 1% од населението купуваше онлајн. Поедноставно е да се искористат можностите, но да се прифати ризикот и пречките да се претворат во предности, е тоа е вистински претприемачки успех. Направивме револуција во е-трговијата како резултат на напорна работа, знаење, посветеност 24/7, добар тајминг и постојано адаптирање на промените.
-Што е она најубавото во тоа да се биде сам свој шеф?
Големата одговорност носи со себе и позитивни работи, како независност и задоволство од работата и резултатите, самостојно донесување на одлуки за одредени потфати и активности, без хирерархија и стриктни политики. Може да работам кога ми одговара, иако тоа значи нон-стоп, за да се прилагодам кон другите обврски кои ги имам. Предноста не е во изборот кога да се работи, туку во изборот кога што да се сработи, затоа што на крајот на денот, сите обврски мора да се завршени. Брзината во реагирање и спроведување на работите е многу важна, па една од предностите на малите компании се брзите рекации, без разлика дали е тоа во решавање на одредена ситуација или проблем или организација на некоја маркетинг активност.
-Како почна приказната на Групер?
Не е тајна дека Групер како и сите други сајтови од ваков тип се инспирирани од успешната приказна на познатиот Groupon. Практично, нашата идеја не беше нешто што го нема во светски рамки, туку нешто што сè уште го нема во Македонија. А тешкото не е да се воспостави позадината таква каква што е – ќе инвестирате во програмирање, ќе анализирате, истражувате и за неколку месеци ќе го имате веб сајтот. Тешкото доаѓа токму по тоа, со водењето и менаџирањето на еден ваков веб сајт. Да се најде квалитетен, енергичен, динамичен, креативен и одговорен тим каков што е потребен за веб сајт како Grouper - тоа е една од тешкотиите со кои се соочивме.
Може да кажам дека Групер се појави во вистинско време на вистинско место. Во време на економска криза кога сите бараат начини да заштедат, кога во земјава не постоеше ниту еден веб сервис од ваков тип, попустите се покажаа како одличен поттикнувач, за конечно граѓаните да се "опуштат" и да го направат своето прво онлајн купување. Стартувавме од плоштадот на Скопје во Јануари 2011 година, кога го направивме официјалното отварање на Grouper со доделување на летање со балон на топол воздух, со цел да ја пренесеме пораката дека ќе биде нешто ново и големо.
-Како треба да се реагира во оние моменти кога неуспесите ќе не обесхрабрат?
Колку и да е тешко кога ќе се соочиме со неуспех, тоа го сфаќам како лекција која мора да се плати за да се научи повеќе. Има една позната изрека на Томас Едисон која мислам дека се користи многу често да се охрабрат младите претприемачи од неуспех : “Не доживеав неуспех, само најдов 10.000 начини кои не функционираат”. Моето мислење е дека не секогаш и во секој потфат треба да се охрабруваме по неуспехот, туку најажно е да научиме од тој неуспех, за да ги намалиме шансите за следен неуспех. Сепак оваа изрека на Едисон се однесува на светска иновација - сијалицата која ја измислил, додека за развивање на сопствен бизнис најважно е да се тргне од потребите на пазарот и да се направи добар бизнис план.
-Тешко ли беше да се креира тимот со кој ќе ја градите успешната Grouper приказна?
Луѓето во тимот се клучот за патот кон успешен бизнис. Групер тимот се состои од 10 вредни и посветени членови, со кои заедно ја градиме приказната од самите почетоци и секој нов член кој доаѓа, го одбираме сите заедно. Кај нас владее креативна и динамична култура без посебна хиерархија во односите. Се водиме по принципот на наградување, а не казнување. Со оглед на тоа дека целиот наш тим го сочинуваат млади луѓе, можностите за лесно учење и прифаќање на промени се една од добрите страни. Често организираме team building активности кои придонесуваат за уште поквалитетна, мотивациона и пријатна работна средина. Сите се чувствуваме како едно големо Grouper семејство.
-Кога денеска ќе погледнете наназад, се исплатеше ли целиот труд?
Исплатеше е релативна работа, зависи кој како ги вреднува работите. За мене ништо не е вредно ако тоа не значи многу труд, постојана посветеност и напорна работа, но можам да кажам дека сум задоволна.
Даниела Наумова – Danna Handmade Jewelry
-Што беше она пресудното што Ве натера да се занимавате со изработка на накит?
Тоа е нешто што го носиме во себе, мислам барем во мојот случај.Неодамна разгледував стари фотографии каде забележав дека на секоја од нив сум со по некој необичен моден додаток, дали е тоа некој цвет во косата или бисерите на мајка ми, меѓутоа таа љубов постоела од мали нозе. Под необичен сплет на околности се вработив во една скопска бижутерија каде работев неколку години, но по раѓањето на моите синови останав невработена. Почнав да експериментирам со изработка на старински накит бидејки сум маѓепсана од убавината на тие стари парчиња, приказната која ја носат и на мајсторот и на убавите жени кои го носеле, таа волшебна приказна сакав да ја доловам и со моите изработки...По една година учење мојот труд беше препознаен и награден од страна на УСАИД и така ја отворив својата прва работилница и почнав да го градам својот бренд. Името дојде спонтано , од моите први клиенти, моите пријателки на кои секогаш им нарачуваа од накитот на Дана.
-Тешко ли е да се борите за она во што вистински верувате кога станува збор за вашата работа од соништата?
Во принцип кога се стремите кон нешто што навистина го сакате, не размислувате колку е тешко, едноставно се борите со предизвиците и се насладувате на успехот. Сите мои проблеми паѓаат во вода кога ќе слушнам дека векќ сум препознатлива со својот стил и накит, кога некој ке се пофали дека добил подарок од накитот на Дана или го дека го препознале, од поддршката на илјадници фанови на фејсбук или на мојот блог.
-Што кога ќе се обесхрабриме на патот кон успехот?
За жал, понекогаш ке се случи на тој пат и да паднеме, но откако пак ќе застанеме на нозе, заклучокот е дека сме помудри и посилни! Успехот подразбира еден пат, скалила по кои се движиме, и за да ја постигнеме целта, да дојдеме до врвот мора да бидеме флекибилни, да ја менуваме стратегијата, да се прилагодуваме на околностите и да учиме на сопствените грешки.
-Кој е најголемиот ризик што Вие моравте да го преземете кога решивте да започнете да се занимавате со изработка на накит?
Најголемиот ризик е кога одлучив да се регистрирам како занаетчија. Имав добар бизнис план, меѓутоа сета теорија паѓа во вода ако практично не успеете да ја примените....за среќа јас успеав да го одржам својот бренд на пазарот еве веќе 3 години, низ сите препреки и во целиот тој процес да добијам духовна и материјална сатисфакција.
-Од каде ја црпите сета инспирација за создавање на мали богатства?
Инспирацијата како што веќе напоменав е од старите времиња, од материјалот со кој што работам. Во една прилика на мојата фан страница кажав дека во мојот накит секогаш има приказна, дека каменот ми ја раскажува мене и дека јас ја пишувам со жица. Значи кога ќе добијам некој кристал , камен, дрво...веднаш имам визија во какво парче накит сакам да го преточам. Понекогаш ми се случува и да станам од сон за да направам некоја скица...Од таму дојде и името на една од моите колекции Една античка кралица ми ги подари на сон...Последната колекција Змеј со оган во срцето беше инспирирана од прекрасниот цртан филм и змејот со прекрасни очиња....
-Што доколку не успеете во бизнисот?
Таква опција немам , секогаш мора да постои начин, можеби ќе почекам да се наместат коцките, да се наредат ѕвездите во универзумот, да исплива и да се искристализира некоја нова стратегија, нешто мора да се смисли, само ќе треба малку трпение. Тоа е нешто што го научив на потешкиот начин.
-Ваш совет до сите оние млади луѓе што сакаат да започнат сопствен бизнис и во кои тлее креативноста?
Мора да поставите цел, да знаете кон што ќе се стремите, да бидете подготвени на падови и грешки, но и да не се разочарувате, туку да учите од нив ! Би препорачала да бидат истрајни, но и да не заборават да уживаат во секој сегмент од патот и дека само натој начин ке имаат успех.
Ивана Колева – Сѐ за роденден
-Како се станува успешен претприемач?
Не постои дефиниција за тоа што е успешен претприемач или што е тоа успех. Тоа е можеби опис со кои луѓето сакаат да им дадат признание на оние креативни, упорни и трпеливи луѓе кои што со напорна работа, храброст и превземање ризик сакаат својата идеја да ја видат реализирана на пазарот. Луѓе кои одбираат малку поинаков животен стил и сакаат да бидат препознатливи по нешто. Како во нашиот случај со родендените.
-Колку време е потребно од идејата, па сѐ до реализацијата и како да се соочиме со сите предизвици на патот?
Секој бизнис има различен тек за да се мери временски. Но, Харвард дефинициите велат дека третата година е можеби најтешката за Старт-ап компаниите. Обично проценките велат дека 80% од новите бизниси пропаѓаат после 2-та година постоење. Верувам дека треба секој ден да ја сакаате својата идеја како првиот ден кога таа се родила во главата на претприемачот з ада бизнисот оди напред. Кога влегувате во една монотонија без вистинска емоција за она што го сакате тогаш бизнисот влегува во криза. Парите се важни за опстанок, но не смеат д абидат главниот мотив на бизнисот.
-Што е она најубавото во тоа да се биде сам свој шеф?
Слободата. Имате можност д аго креирате сопствениот ден онака како што сакате тој да тече. Но, сепак таа слобода некогаш чини многу обврски и стрес.
-Што е она што вас Ве издвојува од сите останати претприемачи?
Претприемачите не можете д аги споредувате едни со други. Сите имаат своја идеја и приказна во која веруваат. Секој претприемач знае точно каде оди и како го прави тоа. Мои главни карактеристики како претприемач се креативноста, упорноста, одговорноста и љубовта кон она што го работиме.
-Како почна приказната на „Сѐ за роденден“?
Два дена пред мојот роденден. Не можев д азапсијам цела вечер. Идејата ми дојде и оттогаш не можев на ништо друго д амислам. Таа вечер помеѓу 6 и 8 часот наутро напишав 8 а4 листови з атоа како ќе изгледа мојот бизнис. Убавината е што јасно ја видов сликата. Патот не беше воопшто лесен. Имав периоди кога заборавав да јадам од што работев, а понекогаш и не можев да спијам од утрешни обврски. Но, Се за роденден е толку убав бизнис, не само поради природата на работата исполнета со креативност, туку повеќе и поради тимот кој вистински помага и ја препознава визијата на компанијата.
-Како треба да се реагира во оние моменти кога неуспесите ќе не обесхрабрат?
Имало многу такви моменти. Но, се се случува со причина. Грешките се одлично искуство. Оној кој ќе се издигне над сопствените грешки е на правиот пат. Да се признае неуспехот, е всушност успех.
-Тешко ли беше да се креира тимот со кој ќе ја градите успешната „Сѐ за роденден“ приказна?
Ова беше долг процес. Низ Се' за роденден поминале повеќе различни типови на луѓе во овие две години. И сите имаат оставено свој белег во компанијата. Имало моменти кога гледаш како прекрасни луѓе одат на друго место з апоголеми плати (бидејќи како старт ап сте мали и можностите не ви се исти како оние во големите компании). Но, Се з ароденден дава една енергија која тимот кој што денес ја создава вистински ужива во неа. Во тимот е клучот. Со добар тим, планини ќе поместите. А тимот тешко и бавно се создава.
-Кога денеска ќе погледнете наназад, се исплатеше ли целиот труд?
Секако. И да можам одново се да почнам, истиот пат би го изодела. Фантастично искуство. Знаењето и контактите што ги добивате се најголемата вредност.
Ана Азгoур – блог и ресторан „Сурово и вкусно“
-Како Вие го дефинираш успехот?
Оние што ме познаваат добро знаат дека не сакам непродуктивно поминато време. Колку повеќе сум умстевно и физички ангажирана, толку поисполнета се чувствувам, и толку повеќе ја споделувам оваа позитивна енергија со сите околу мене. Конкретно во она што го правам изминативе две и пол години – блогирање за сурова и веганска храна – најголем успех за мене е неизмерната и искрена благодарност од огромниот број следбеници на мојот блог и мојата работа. Успехот е тоа што јас сум си јас, го работам тоа што ме исполнува, и го правам тоа најдобро што умеам.
-Се стремите ли кон совршенство?
Се стремам да го извлечам најдоброто од себе, да се надминам себеси во она што сум го постигнала вчера, и утре да се искачам на следното ниво на личен прогрес. Само на тој начин чувството на исполнетост и успех нема да исчезне.
-Какво е чувството да се работи работата од соништата?
Никогаш не сонував дека мојата „работа“ ќе има било каква поврзаност со приготвување храна. Дипломирав Финансиско сметководствен менаџмент во Скопје, а потоа завршив постипломски студии за Меѓународен менаџмент во Лондон, кадешто и работев како менаџер за човечки ресурси. Личниот стил на живот некако сам по себе ме повлече во оваа насока во која што денес се развивам и на професионално поле. Нема ништо поубаво од тоа да ти си поклопат овие две работи, и она што го правиш лично за себе, со толку љубов и позитивна енергија, да им го пренесеш и на другите околу тебе, посебно ако знаеш дека со тоа на некој начин им помагаш. Иако уживам во експериментирањето со нови рецепти, сепак големо задоволство наоѓам и во блогирањето, комуникацијата со читателите, споделувањето и советувањето, како и организирањето настани. Можеби затоа и не се нарекувам себеси „готвач“ и ова што го правам не го чувствувам како „работа“ или „кариера“.
-Кој е клучот да се остане креативен?
Дефинитивно љубовта кон она што го работиш. Ако уживаш во работата, секој слободен момент несвесно ќе го поминуваш во истражување, експериментирање и разменување информации и искуства на таа тема.
-Раскажи ни за почетоците на блогот „Сурово и вкусно“ и кога сите рецепти ќе можеме да ги пробаме на едно место?
Идејата да го започнам блогот беше резултат на недостатокот на информации поврзани со живата храна на македонски јазик. Почнувајќи од себе, а и со оглед на тоа што веќе се будеше интерес на луѓето тука за ваквиот начин на исхрана, решив да почнам да го споделувам она што го читав со години наназад по светските блогови и веб страни. Воедно, знаејќи дека некој некаде ги чита моите рецепти и постојано очекува новитети, блогот ми беше и личен поттик се почесто да спремам и да се хранам со сурова и веганска храна. Бев на породилно со моето трето дете и имав „слободно време на претек“, па блогот ми беше начин да направам нешто за себе, нешто што ќе ме исполнува и ќе ме оттргне од секојдневните обврски како мајка и жена. Две и пол години подоцна, конечно имам време и можност да преминам кон следното ниво на ова мое „хоби“, и да ја отворам кујната на „Сурово и вкусно“, каде што ќе може да се порачуваат сите јадења за кои што до сега само блогирав. Отварањето ќе биде многу скоро, а за тоа ќе бидете известени преку блогот и Фејсбук страната.
-Колку е тешко да се направи баланс помеѓу приватниот живот и професионалните ангажмани?
До скоро и немав некои посериозни професионални ангажмани бидејќи блогирањето ми беше хоби, и се трудев да не заборавам дека е само тоа. Меѓутоа и тоа си влече со себе одредени обврски и бара да издвоиш време, најчесто и по неколку часа на ден, поминати во фотографирање, средување на текстови и постови, и одговарање на прашања на се поголемиот број читатели. Со започнување на проектот за отварање на кујната, обврските значително се зголемија и саатите во денот едноставно не ми се доволни да го сработам сето она што сум го наумила, а истовремено и да ги завршам домашните обврски и да им посветам време на фамилијата и пријателите.„Спас“ наоѓам во тоа што сум постојано онлајн, дури и кога сум движење, што истовремено значи и дека сеуште не успевам да го разграничам приватниот од професионалниот живот.
-Кој е Вашиот совет за сите оние на кои им треба поттик да почнат да се занимаваат со нивната работа од соништата...
Верувам дека се се случува поради некоја добра причина. Кога започнав со моето „хоби“, воопшто немав на ум дека еден ден ќе бидам таму каде што се наоѓам денес. Го работев континуирано две и пол години, со истиот елан и ентузијазам како и на почетокот, без никаков паричен надомест – „батериите си ги полнев“ од личното задоволство и задоволството на читателите. Затоа не ги пропуштајте сигналите и шансите кои ви ги дава животот. Следете го својот инстинкт и никогаш не се откажувајте. Сигурно ќе наидете на препреки, но трудете се да преминете преку нив и да продолжите понатаму кон она што вас ве прави среќни. Успеваат оние кои и покрај тоа што паднале 10 пати, сепак станале уште еднаш. Велат ако го работите она што ви причинува најголемо задоволство, никогаш нема да се чувствувате како да одите на работа. Доволна добра мотивација, зарем не?
Елена Крстевска - Fancy Marriage
- Која е приказната што се крие зад Fancy Marriage и од кога постои?
Приказната за Fancy Marriage датира уште од далечната 2003 година. Се започна ентузијастички. На предлог на другарка почнав да изработувам најпрво свадбени бонбони и украси, па потоа се прошири и делот со свадбените декорации и во изминативе години постојано се надградуваме и се стремиме да ги следиме светските трендови.
- Што кога некој од клиентите нема да биде задоволен од она што сте го сработиле? Како реагирате во тие моменти?
Сите сме живи луѓе и понекогаш се случуваат и грешки, доколку се работи. За моја среќа, во досегашната кариера не сум ги имала сериозни, а и тие што биле се разрешиле на разумен начин. Во принцип најбитен е односот со клиентите. На состаноците темелно ги разрешуваме сите дилеми околу темата или декорацијата и остатокот е лесно, треба само да се реализира.
- Како Вие би го дефинирале успехот?
Релативна работа е успехот. За мене најбитна работа е да имаш желба за успех. Потоа ке се фатиш за работа и ако вреди, околината ке ти го донесе тој успех. Доколку после секоја прослава имам среќни и задоволни клиенти, поголема дефиниција за успех за мене нема.
- Тешко ли е да се остане креативен во ваква професија?
Кога се сака работата и се работи од срце, не е воопшто тешко да се биде креативен. Уживам кога создавам нови дела, а посебно кога се аранжирани од природно цвеќе. Секојдневно се инспирирам од сѐ што ме окружува и секоја нова работа за мене е нов предизвик. Морам да признаам дека најголема инспирација ми се моите две ангелчиња дома!
- Тежок ли беше патот да се постигне она што вие го имате денес? Со какви сѐ предизвици се соочивте досега?
Како што веќе кажавме, во прашање се 11 години работа. Секако дека имаше и тешки моменти, но тие се најдобра лекција за нашиот успех. На почетокот имавме потешкотии за набавките на материјали за декорации за нашите свечености, па моравеме да набавуваме од соседството, претежно од Грција, а сега веќе не е така. Единствен проблем што сега го имаме е скапата цена на цвеќето, меѓутоа се работи за увозно холандско цвеќе. Покрај сите овие работи, наш најголем предизвик е секоја новина што ја презентираме и со која го прошируваме бизнисот.
- Што би ги советувале младите креативци со голем потенцијал за креативно уредување?
Пронајдете ја работата што ја сакате, поставете си цели, завиткајте ги ракавите и работете. Упорноста и трпението ќе имаат голема улога тука, меѓутоа крајниот резултат нема да изостане.