Предрасуди: (Не)Изгледаш како мајка!

25 јануари 2016

Ако порано коментарот дека сте облечени како мајка (притоа најчесто се мисли на неуредност) беше чест и навредлив, денеска постојат сè повеќе млади жени и мајки што паралелно со најтешката и најубавата обврска водат и моден блог и профили на социјалните мрежи.

Токму една таква е Зои де Пас, 35-годишна Британка која преку својот блог и социјалните мрежи презентира мода за млади мајки и сака да порача дека „стилот на мајките“ може да биде привлечен и тренди како и секој друг.

Зои де Пас

Оваа мајка на две деца пред година и пол започна со Инстаграм профил наречен Dress Like A Mum, кој води до блог, а тој пак до агент, за кој како вели, се надева дека ќе направи Dress Like A Mum да стане голем бренд.

Зои на Инстаграм профилот има преку 14.000 следбеници.

-Позната сум по тоа што носам тексасен комбинезон и фармерки – вели де Пас, а уште попозната по тоа што позира во откачени пози.

Добивала различни коментари, но вели дека нема проблем со тоа.

-Немам проблем да се смеам самата на себе и да му бидам на некого забавна или луда.

Но, забавната и интересна идеја произлегува од сериозна тема. Зои де Пас е поранешен стратег за дигитални медиуми во маркетинг агенција, а работела на студија која ја опфаќа темата каква перцепција имаат големите брендови на мајките.

-Сфатив дека има голема непорврзаност помеѓу уличните брендови и тоа како ги гледаат и како ги услужуваат мајките. На пример, една продавница што продава кул облека, на последно место ќе ја стави облеката за мајки, а кога ќе погледнете се работи за исти купувачи. Речиси секоја жена е потенцијална мајка – објаснува де Пас.

После раѓањето на првото дете, ѝ било многу тешко да ги прифати коментарите за нејзиниот изглед, особено во однос на новиот статус со кој се здобила.

-Кога сте мајка, постојано сте осудувани. Изгледаш како мајка. Не изгледаш како мајка. И тоа постојано трае.

Токму тоа и ја поттикнало да истражува повеќе. Кога пребарувала на „Гугл“ за mum style, резултатите не биле ниту малку охрабрувачки.

-Сите конотации беа негативни. Беа толку старомодни. Си помислив, јас не знам ниту една мајка што се однесува или облекува на тој начин. И сакав тоа да го обелоденам – објаснува 35-годишната мајка.

И хаштагот #dresslikeamum бил роден.   

Во 2014 година брендот „Топшоп“ лансираше колекција фармерки со висок струк и ретро изглед, но одѕивот бил слаб, па беа повлечени. Но, овој бренд годинава повторно лансираше фармерки за мајки, овој пат малку поинакви и соодветни за повеќе големини.

Во меѓувреме и статусот на мајките во модниот свет почна да се менува. Сигурно ја паметите кампањата и ревија на „Долче и Габана“ за есен/зима 2015, Viva la Mamma, посветена и инспирирана од сите мајки на светот.

Исто така, едни од најголемите и популарни брендови се водени од мајки  - Викторија Бекам и Стела Мекартни, Клари Вејт Келар (модна куќа Клое), Фиби Фило (Селин) се само дел од нив.

Последното истражување на Mintel покажало дека мајките не ги трошат парите само на големи торби, прашоци и на храна. Така, во последните три години 49 проценти од мајките во Британија со деца под 16 години, си купуваат дизајнерска облека, вклучувајќи чевли и долна облека, што е пет проценти повеќе од претходно.

Според модниот аналитичар во Mintel, Тамара Сендер, повозрасните мајки со бебиња го менуваат пазарот.

-Тие се во подобра финансиска позиција и имаат можност да го освежат својот плакар со дизајнерски парчиња. Но, не значи дека тоа е скапа облека – вели Сендер.

Таква е ситуацијата во Британија. Но, и таму не сите се пронаоѓаат во таа статистика. Токму затоа Зои преку својот блог со фотографиите и податоците каде ја наоѓа облеката, сака да им помогне на сите мајки како неа – млади и тренди, што воопшто не се вклопуваат во стереотипот на неуредна и старомодна жена.

Објавено:
25 јануари 2016
Категорија: 
Стории
Прочитано:
4.421 пати
Извор: 
Telegraph.co.uk