Препознатливиот белег во дизајнот на светските краеатори

9 декември 2013

Доколку од една подалечна перспектива ја погледнеме глобалната модна карта, заклучокот е дека највлијателните и најпознатите брендови и дизајнерски имиња имаат концептуализирано прецизна уредувачка политика и препознатливост во својот дизајн кој континуирано, а сепак во различни модифицирани димензии го форсираат со години. Поентата во целиот тој моден циклус е нивната работа да е пропознатлива на прв поглед. Еве ги карактеристичните и најпрепознатливи контури во профилот на неколку светски познати креатори и брендови.

Диор

Во соврешената визија на Кристија Диор жената е романтична и бескомпромисно елегантна. Облечена во асиметрични кроеви, со волуменозни здолништа на кои се аплицирани цветни дезени и нагласена половина за совршена женствена силуета. Во секој поглед, дизајните на Диор се екстравагантни и храбри во изборот на бои во чија палета не ретко може да се забележат и оние силните  и интензивни нијанси. Она што во никој случај не може да остане незабележено се шеширите на Диор, кои едноставно ја комплетираат сликата за вистинската дама.

 

Кавали

Првата асоцијација за дизајнерскиот потпис на Роберто Кавали се животинските принтови. Играта со животниски принт секогаш знае да биде ризична и на периферијата помеѓу екстравагантно и кич, но таквиот ризик дизајнерот секогаш го превзема со целосна самодоверба за на крај да се разреши во фантастични принт-комбинации. Лелеави тоалети од лесни, речиси прозрачни материјали, разресени ракави на кошулите и ногавици на панталоните, слободно движење кое оди рака под рака со слободниот дух на жената која на себе носи Кавали. Онаа другата страна на брендот е повеќе еклектична, со храбар избор на бои и ултра шик кроеви.

 

Шанел

Коко Шанел ја ослободи жената од неудобните стеги на корсетот и и дозволи моќно да се движи во светот на мажите, во елегантен костум со чисти едноставни линии. Безвременска елеганција, чистина, минимализам. Црно-бели и монохроматски комбинации секогаш комбинирани со масивен бисерен гердан или суптилни бисерни обетки. Актуелниот уметнички директор, Карл Лагерфелд, има строго дефинирани принципи како треба да изгледа совршената жена и токму тоа го прави препознатлив помеѓу конкуренцијата. Едноставна бела маица, врз неа наметнат машки блејзер, високи штикли и масивен накит-така се чувствуваат Коко вибрациите. И да не ги заборавиме шеширите, во малку посуптилна верзија во однос на оние на Диор.

 

Вивијан Вествуд

Радикално поразлична од сите кои ги спомнавме претходно. Нејзиниот свет е тотално колоритен, со многу тул и младешка енергија. Некогашната панкерка не го изгубила анархичниот дух. Таа живее според свои правила.  Панк, ама во една поинаква варијанта. Фокус на деталите: синџири, масивен накит, но и откачени принтови, интензивни бои, гласни пароли, темпераментини и нескротиливи, осмислено несредени изгледи и задолжително XXL маици со по некој намерно пропуштен раб.

 

Долче и Габана

Аристократија, богат дизајн, „crème de la crème“.  Дизајнерското дуо без сомнение е едно од омилените кај современите жени кои сакаат балансиран луксуз, независно на која генерација и припаѓаат. Нивниот дизајн е во знакот на идеалот. Златни везови и уникатни детали аплицирани на скапите материјали.

 

Објавено:
9 декември 2013
Категорија: 
Стории