Престануваат ли децата некогаш да бидат деца и можат ли мајките да бидат досадни?

5 февруари 2019

Хрватската авторка Ведрана Рудан секогаш го привлекува вниманието на јавноста, бидејќи на темите што сите нè засегаат зборува на брутално искрен начин, без влакна на јазикот. Можеби ќе ви се допадне, можеби не, но таа не прави компромиси во изразот. 

Колумната која ви ја пренесуваме во продолжение се однесува на децата, мајките и нивниот однос. Престануваат ли децата некогаш да бидат деца и можат ли мајките да бидат досадни, навистина ли е толку тенка границата помеѓу љубовта и потребата за контрола, се само дел од прашањата што се начнуваат во текстот.

„Посакував бебиња повеќе од било што на светот. Миризливи, со два заба горе, два долу, дебели ножиња. Сакав кикотливите насмевки на моите бебиња да ми бидат музика на гробот. Кога добив деца осознав што е Љубов. Не изгледаше како што замислував. Кога во три часот наутро во детските креветчиња ќе ги здогледав своите мртви деца, ги тресев додека не почнат да врескаат.

Сепак дишат! О каква среќа! Често умирав. Еднаш кога го загубив син ми во стоковна куќа, друг пат кога ќерка ми исчезна на плажа, стоти пат кога во десет наутро го видов 20-годишниот син како се враќа од „живот“, иако јас таа ноќ, додека ги вртев броевите на болниците, полициите и мртовечниците, десет пати бев на неговиот погреб.

Некои луѓе тврдат дека бебињата престануваат да бидат бебиња во 18. година. Во осумнаесеттата? Каква глупост! Други се сигурни дека децата престануваат да бидат деца кога ќе дипломираат, најдат работа, заминат од дома. Тогаш повеќе не треба да се грижите што јадат, кога јадат, дали јадат, дали навистина престанале да пушат или дали во зима да излегуваат од дома без капа на глава.

Моите деца дипломираа, се вработија, имаат нивни деца што никако не значи дека не се беспомошни бебиња. Седата коса на мојот син не говори за неговата возраст. Им се јавувам барем три пати дневно. Да не сум јас, не би знаеле дека денес попладне ќе врне, иако не изгледа така.

Сабајлево во шест часот им кажав дека мора да си носат чадор. Тој ми се заблагодари, а таа ми кажа дека „замарам“. Како тоа мислиш, те „замарам“? Јас те „замарам“? Може ли мајка да „замара“ деца, своите деца? Тој мсили дека дете во 42-та година не е дете?! Таа мисли дека дете во 37-мата не е дете?!

Јас ве родив, вие сте мои деца! Што би готвела денес? Ти знаеш дека мораш да го исфрлиш млекото од исхраната и да го однесеш синот на лекар? Блед е, можеби има недостаток на железо? Зошто би одела кај психијатар која е мајка на твојата најдобра пријателка, па нема да ми наплати ништо?

Отидов на психијатар затоа што сакам да му покажам на своето дете дека до сфаќам сериозно. Кога мајката така се однесува кон своето бебе, ја зајакнува неговата самодоверба. Психијатарот ми кажа дека сум „мајка дрндало“, премногу сум посесивна, не им давам на возрасните луѓе слободно да летаат.

Возрасни луѓе? Мојот син да е возрасен човек не би одел на плажа без заштитна крема. Ќерка ми да е возрасна личност, не би порачувала во кафуле кока-кола со мраз. Сто пати сум ѝ кажала што е кока-колата и како момчињата ги вадат коцките мраз. Со прсти.

Постојат истражувања за тоа колку мажи по извршувањето на „мала нужда“ ги мијат рацете. Нула проценти. Истражувањата покажуваат и дека во коцката мраз има повеќе бактерии отколку во вц-школката. Моето дете не сака да знае дека е во опасност секогаш кога ќе нарача кока-кола со мраз.

Психијатарот не ме разбира. Не е точно дека сум „мајка дрндало“. Јас моите деца ги сакам и ја знам разликата помеѓу љубов и потребата за контрола! Ја слушнав како вика во слушалка: „Те молам, земи такси, немој ти да го возиш детето во градинка, знаеш дека возењето не ти оди баш. Што има врска што имаш возачка 25 години?“. Денешните деца не би смееле да возат. Сообраќајот е страшен.

Дали ќе родев доколку го знаев ова што го знам денеска? Секако. Ако бидам жива и здрава до 60. роденден на мојот син и 55-от на мојата ќерка, мојот живот ќе биде исполнет. Ќе си легнувам престрашена и ќе се будам престрашена. Животот без љубов нема смисла.

 

фото извор: pinterest.com;

извор: www.rudan.info

Објавено:
5 февруари 2019
Категорија: 
Стории
Прочитано:
834 пати