ПРИКАЗНИ ОД ГРАДОТ

Приказни од градот: „Red18“ се свежата крв на домашната музичка сцена

26 септември 2022

Од неодамна, македонската музичка сцена е побогата за уште еден нов авторски бенд кој го носи името „Red18".

Членови на бендот се Елена Манева (вокал), Јован Чифлигароски (гитара, исто така член на бендот Live Wire),Марко Тошанов (гитара), Иван Димишков (тапани) и Александар Коцевски (бас гитара). За себе велат дека не сакаат да се ограничуваат во однос на жанровите, но она што е важно за нив е дека сакаат да создаваат музика во која слушателите би уживале.

Приказната на овој музички состав датира уште од 2016 година, а повеќе околу нивните почетоци, моментални и идни активности, како и значењето на бројот „18, дознаваме во разговорот со нив.

1. Прво што приметивме е бројката 18. Во називот на бендот и датите на промоција на спотот и албумот. Па, зошто 18? Нумерологија или случајност?

- Си имаме некоја своја филозофија позади нашето име, ама преферираме секој да го доживува на свој начин, бидејќи ако секој го доживува на свој начин сите ќе имаме различно мислење на прашањето "што значи Red18" и тоа би било многу интересно.

2. Кои се главните протагонисти во бендот? 

- Членови на "Red18": Елена Манева - вокал; Јован Чифлигароски - Гитара; Марко Тошанов - Гитара; Александар Коцевски - Бас Гитара; Иван Димишков - Тапани. Секој во бендот си има своја улога, главен протагонист нема, но се разбира според нас најмногу се истакнува нашата пејачка Елена со нејзините одлични "dance moves" и енергија на сцена, а и емотивните, генијални текстови што тешко кого би оставиле рамнодушен.

3. Како се споивте?

- Јас (Јован) и нашиот тапанар Димиш свиревме заедно многу порано, во 2016-та година на Пиволенд, па кога разговарав со Елена и изјави желба да свириме трибјут на бендот "Paramore", првиот човек што ми дојде на памет беше баш Димиш затоа што знаев дека го обожава тој бенд. Го контактирав и прифати да биде дел од тоа. Ни фалеше уште еден гитарист и басист, па самиот ги предложи Марко и Аце и така се формира бендот за трибјутот, што сега созреа во авторски бенд - "Red18".

4. Првата песна „Kingdom of lies" веќе ја објавивте, заедно со спотот. Какви се првите реакции на публиката?

- Публиката одлично ја прифати песната имајќи на памет дека има 2000 прегледи на Youtube во само една недела, ние сме изненадени и благодарни на сите. Добивме само позитивни коментари засега, некои луѓе мислат дека е нешто поинакво, свежо на нашата сцена и тоа посебно не радува затоа што баш тоа е нашата цел - жанр и јазик не треба да се бариера или пресуда дали некоја музика/песна/бенд е добар, едноставно слушајте ја музиката ако ви се допаѓа и "читајте меѓу редови, најинтересните работи ќе ги најдете така".

5. Промоцијата на вашиот деби албум е закажана за 18 ноември. Ќе ни дозволите да ѕирнеме пред време во "Red18's Grit"? Што може да очекува публиката?

- Публиката може да очекува разновидна и интересна музика, прифатлива за секого, а сепак малку посвежа и поспецифична од типот на музика што често го среќаваме кај нас. Тоа е се што можеме да кажеме засега. Заследете не на инстаграм (_red.18_), претплатете се на нашиот Youtube канал (Red18) и бидете во тек.

6. Како изгледа еден ден на проба? Вие сте млада и нова генерација, па некако првичната замисла ми е дека ја користите технологијата и вежбате онлајн? Или сепак сте „old school" и се собирате во „гаража"? 

- Најчесто секој бенд во 21-ви век работи на ист принцип. Песните се учат дома, а пробата се прави само за да се пробаат и отсвират групно. Доколку песните не се научат дома, пробата е едноставно трошење време, сериозните бендови тоа многу добро го знаат. Така што "олдскул" стилот и правењето проба нема начин да се заменат, тоа е клучен дел од бендот. Без проба нема хемија и љубов меѓу членовите, а да не збориме за добар настап, без хемија и љубов меѓу членовите бендот се распаѓа затоа што сите музичари имаме крефки ега. Така што, ако си музичар, најважно - пред да влезеш на проба, остави го егото пред врата.

7. Може ли да ѝ дадеме дефиниција/категорија на вашата музика?

- Не би сакале да бидеме етикетирани на било каков начин, а најмалку жанровски. Ние сме само бенд, никој и ништо.

8. А што сакате да слушате приватно?

- Ако треба да кажеме секој посебно текстот би бил долг 20-тина страни така да генерално сите слушаме многу жанрови, но сите си имаме и свој стил, што реално се гледа по тоа како изгледа секој од нас. Сите сме многу различни еден од друг.

9. Кога се гледаме на концерт?

- Сега сме преокупирани со објавување на албумот така што, пред 18-ти ноември (официјалниот датум на објавување на албумот) сигурно не. После тоа ќе се гледаме и журкаме често.

Објавено:
26 септември 2022
Категорија: 
Стории
Прочитано:
488 пати