МКЦ ќе ве почести со супер настани за 45-от роденден!

15 јануари 2018

Откако во декември Младинскиот културен центар го прослави 45-от роденден, сега редот е наместо торта да не почести со одличен избор на културни настани закажани за 18-ти јануари.
Традиционално прв настан во МКЦ во новата година е роденден и тоа јубилеен.

Еве го редоследот на настани:

-Во галеријата на МКЦ ќе биде поставена изложбата на фотографии: ГЛЕДАЈ ВО ПОЗИТИВ.

Наке Батев ќе се престави со фотографии на тема ВТОРА ШАНСА, Томислав Георгиев EFFEGIES и Огнен Теофиловски И ЈАС ИМАМ СОН.

ВТОРА ШАНСА
Фото/Наке Батев
„Со дрогата се сретнав во средно училиште. Станав зависник од хероин на 17 години. На 24 години бев осуден на две години затвор за поседување дрога. Оттогаш се се распаѓа во мојот живот", сведочи Мац кој е фризер, роден 1982 година. Мац е отфрлен од родителите и од најблиските. Не добил никаква подршка за надминување на проблемот. Оставен е во руинирана куќа во градска населба, да се снаоѓа сам...

EFFEGIES
Фото/Томислав Георгиев
Луѓето во Македонија треба да сфатат дека разновидноста е факт и прифаќањето е неопходно ако сакаат да бидат рамноправен член на ЕУ и современиот концепт на општеството. Ова е една од новите перспективи и ако земјата ја прифати и ја поддржува, таа ќе стане регионален лидер во оваа област, давајќи им пример на своите соседи кои се повеќе или помалку на исто ниво на развој во однос на заштитата и промовирањето на ЛГБТ права. "Effegies" е концепт за збирка на портрети, генерирани со причина, презентирани со провокација со цел на интеракција, како протест на стероитипите во нашето општество.

И ЈАС ИМАМ СОН
Фото/Огнен Теофиловски
Во близина на хотелот Александар Палас спроти ултра луксузна куќа до поранешната дива депонија во мала картонска кутија поделна на соба и мало претсобје живее шестчлено семејство. Ферди кој има 34 години и Фатмира која има 30 години и нивните четири деца. Ферди е скопјанец, македoнски Ром кој ги има сите потребни документи, додека мајката Фериде е родена во Скопје, а преселена со семејството во тогаш Генерал Јанковиќ, село во округот на Урошевац, во јужниот дел на Косово, сега Хани и Елезит. При преселбата за време на конфликтот на просторите на поранешна СФРЈ во деведесеттите и се губат сите документи, како и нејзиниот идентитет.

-Во ЏЕБНО КИНО ќе може да го погледнете Каде одат претставите што не се случуваат?, авторски проект на Драгана Гунин, единствениот изведувач во перформансот. Перформанс посветен на претставите што не се случиле, гледано низ призмата на театарски режисер и влијанието на политичката ситуација во работата.

- Во КИНО ФРОСИНА како и секоја година ќе се одржи поетскиот перформанс „Песнило", на кој ќе видиме млади поети (да видиме до каде е и што прави младинава денес ;) ), кои ќе ги трпат ѓурултиите на Иван Шопов.

- Филмски маратон во КИНО МИЛЕНИУМ

-Во ПЛАНЕТАРИУМ – BLIND DATE, програма курирана од „Ако никој не свири".

САЛА 25 МАЈ Музичка програма:

Обојени програм - бенд што постои речиси 4 децении и уште од првиот ден се наметнаа како состав со автентичен музички израз, а таа „автентичност" не е лесно да се дефинира.
Бранислав Бабиќ Кебра и Обојени Програм преку својата музика ги канализираат The Fall, Joy Division, Slits, Raincoats... но, во текот на целото постоење успеваат да не звучат како некои од наведените.

Обојени програм се музички жанр сам за себе и нивната музика е неблагодарно да се споредува со било кој друг бенд.

Обојени програм се избор што ќе го направите еднаш во животот и му останувате верни се' додека во вас гори жарот на слободата и бунтот. Најновата „порака" на Обојени програм е „Danas će se desiti nešto lepo" (Денес ќе се случи нешто убаво). Новиот спот сингл го работеше нивниот долгогодишен соработник Jovan Milinov Toba, а новата песна од 2017 година за Обојени Програм го најавува и новиот албум.
Додека го завршат албумот, бендот во моментов концертно го промовира винилното издание „Exit 2017″, на кое се наоѓа спектакуларниот настап што го имаа на main stage на фестивалот EXIT.

Милко е добро познат бенд на скопската публика. Милко е бенд од западно Скопје формиран 2006 година од Сашо Митревски, Стефан Терпини и Никола Кузмановски.
Претходно работат под името Nicotine заедно со Милко Митровски го снимаат изданието Nicotine, кое е објавено декември, 2010. Во моментов се работи на материјалот за новиот албум, па публиката ќе може да слушне нешто и од новиот материјал, а секако ќе бидат изведени и постарите хитови на овој одличен скопски бенд.
По долго време, повторно во МКЦ.

Младиот белградски бенд Визељ по 2 најавени концерта во Скопје, доаѓаат под мотото „трета среќа".
Првиот пат требаше да настапт заедно со постарите колеги Репетитор, но поради здравствени причини не успејаа да гостуваат на тој концерт.
Втор пат беа најавени на ПИН конференцијата 2017, но поради временски неприлики повторно не се качија на бината на МКЦ, се надеваме се' ќе биде во ред на 18. јануари и ќе успееме да го видиме и слушнеме овој млад и надежен бенд, кој постариот нивни колега Никола Врањкович ги опишува во една реченица како – „бенд, кој има нешто што го имаа Шарло и нешто што го имаше Азра во раниот период".

The Local Blue се инструментален рок бенд од Скопје, Македонија. Формирани се во 2016 година. Во бендот свират Кристијан Новковски (тапани), Панде Ефтимов (бас) и Кристијан Савиќ (гитара). Инспирирани од Clutch, Ali Farka Touré, Jimi Hendrix, Rage Against the Machine и многу други андерграунд стонер и сајкеледик артисти.

-БИФЕ НА МКЦ е во сигурни раце. Целовечерен сет на сериозна Диџејска екипа собрана под името Funky Fresh.
Funky Fresh кауза од Скопје за хип хоп и фанк, посветена екипа со редовни настани во Капан Ан.

Се гледаме во МКЦ!

Објавено:
15 јануари 2018
Категорија: 
Култура
Прочитано:
840 пати
Тагови: 
МКЦ